Многу близу до моќниот водач: Сите жени на Сталин

За приватниот живот на Сталин толку малку се знае што многумина сѐ уште се прашуваат каков човек бил Сталин. Но, овие жени сигурно знаеле повеќе од останатите.

Екатерина Сваниѕе: жена од сиромашно семејство

За првата жена на Сталин, Екатерина Сваниѕе, се вели дека кога кај Сталин доаѓале пријатели, таа толку била срамежлива што се криела под масата.

Катја се запознала со Сталин благодарение на нејзиниот брат Александар, кој студирал со идниот советски лидер во духовната семинарија Тифлис. 24-годишниот Сталин се вљубува и сака да се ожени со Катја, која била од мошне сиромашно семејство, и која во тоа време имало само 16 години. Тој добил дозвола да ја земе раката под еден услов – да се венчаат во црква.

Во 1906 година тие се венчале, а следната година Катја го родила својот син Јаков. Меѓутоа, во 1907 година умрела. Според една од верзиите од туберкулоза, а според друга од стомачен тифус. Сведоците велат дека Сталин бил толку вознемирен што на погребот се фрлил во гробот по ковчегот.

Но, љубовта на Сталин не го спасува семејството на неговата покојна сопруга. Во триесеттите години од минатиот век братот на Катја и Сталиновиот школски другар бил репресиран. Починал во затворот, а неговата сопруга Марија умрела од срцев удар откако дознала за смртта на својот сопруг.

Марија и Лида: романса во егзил

По смртта на Катја револуционерот Сталин пет пати бил во егзил во Сибир и барем два пати имал врски со жени, кај кои живел под кирија. Една од нив е Марија Кузакова. Во 1911 година, младата вдовица со деца го примила Сталин во својот дом. Двајцата почнуваат врска и таа забременува. Но, во 1912 година прогонството на Сталин завршило, и тој ја продолжи својата револуционерна активност од Сибир. Не го дочекал раѓањето на неговиот син Костја.

Втората љубовна врска на Сталин во Сибир е Лида Переприжина. Кога се запознала со 37-годишниот Сталин, Лида, селанка, имала само 14 години. Живеел со неа од 1914 до 1916 година, и за тоа време девојчето родило две деца. Првото умрело, а второто се појавило во април 1917 година и било запишано како Александар Џугашвили (со вистинското презиме на Сталин). Сталин бил прогонуван од селото поради сексуална врска со малолетно девојче и морал да каже дека ќе се ожени за Лида. Но, откако минало времето на неговото прогонство, Сталин го напушта селото.

Двете жени подоцна му напишале на Сталин и побарале помош, но не добиле одговор. Наместо тоа, во триесеттите години од минатиот век, тие биле натерани да потпишат изјава дека ќе ја чуваат „тајната на потеклото на децата“.

Надежда Алилуева: застрелана во срцето

Со својата втора официјална сопруга Сталин живеел 12 години. Тој се сеќава на Надежда кога била мала, затоа што поминувал многу време со нејзината мајка Ољга во Баку. Некои велат дека ја спасил малата Надја кога паднала во морето на кејот во Баку.

Но, подобро се запознаваат кога 37-годишниот Јосиф Сталин се вратил од прогонството во Сибир. Тогаш Надја имала 16 години и се вљубила. По две години се зеле. Нивните современици тврдат дека во овој брак имало љубов и силни чувства. Но, на крајот сè завршува со самоубиство. Надежда е застрелана во срцето со пиштол Волтер во 1931 година. Домашната помошничка ја наоѓа на подот покрај нејзиниот кревет.

Според една од верзиите, таа страдала многу поради суровоста на нејзиниот сопруг. „Во присуство на Сталин Надја личеше на факир од циркус кој излегува бос врз начичкан со стакло под со насмевка за публиката и со страшна напнатост во очите. Таа никогаш не знаеше што ќе се случи“, раскажува нејзината блиска пријателка Ирина Гогуа.

Според друга верзија Сталин ѝ велел на својата жена: „Знаеш ли дека си моја ќерка?“ Ова е напишано од новинарот Ољга Кухина, чиј роднина бил пријател на Алилуева. Надежда Алилиуева, на инсистирање на Сталин, направила 10 абортуси.

Ољга Лепешинскаја и Вера Давидова: љубов од сцената

„Балерини и дактилографки“. Ова го пишува за страста на советскиот лидер Марија Сваниѕе во својот дневник. Се зборува дека фаворитки на Сталин меѓу балерините била Ољга Лепешинскаја, иако таа самата не признала дека имала врска со советскиот лидер. Очигледно е само едно: Сталин сакал да го посетува Бољшој театар кога таа настапувала. Сталин ѝ подарувал цвеќе, ја канел на приеми. Долги години подоцна таа го вели следново: „Ние (балерините) сите бевме вљубени во него. Тој знаепе и да биде многу мил, и многу добар, но можеби само така ни се чинеше зашто по природа тој беше лош човек кој сака да се одмаздува“.

Сомнежите за оперската пејачка Вера Давидова се помалку. Книгата „Исповед на љубовницата на Сталин“, која ги содржи нејзините мемоари, беше објавена во Лондон во 1983 година. Според неа, нејзиниот однос со Сталин траел 19 години.

Таа била мажена. Во 1932 година за време на приемот во Кремљ таа добила белешка. Во неа пишувало дека возачот ја чека. Ја однел на таен состанок – со Сталин. По чаша силно кафе, Сталин ја поканува во соба со голем и низок тросед. Таа се прашува дали може да ја исклучи светилката бидејќи ќе биде попријатно да разговара без неа и, без да чека одговор, ја исклучила. На следниот состанок, тој само рекол: „Другарке Давидова, полетај“.

„Како можев да се спротивставам, да го одбијам? Во секоја една секунда еден единствен збор можеше да стави крај на мојата кариера или, пак, можеше да ме уништат физички“, расудува таа. Додека е во контакт со Сталин, Давидова добива двособен стан во Москва и е трикратен лауреат на Сталиновата награда.

Валентина Истомина: Последната жена

Валентина Истомина му била домашна помошничка на Сталин. Тоа е онаа што го доживува најсилниот шок.

Првично, таа била „наменета“ за генерал Николај Власик, шеф на безбедноста на Сталин. Но, во тоа време имало многу високи луѓе кои се заљубиле во неа и сакале да се оженат со неа, вклучувајќи го и Лаврентиеј Берија. Кога и самиот Сталин се заинтересирал за Ваља, сите други се откажуваат. Девојката е доведена во неговата московска куќа во Кунцево: лично ја поставувала масата и му постилала пред спиење.

Драмата се случила 17 години подоцна кога Сталин се разболел и Ваља не отишла кај него зашто била силувана од Власик и Берија. Откако дознал за „неверството“ Сталин издава наредба Ваља да биде испратена во озлогласениот логор Колима, Магадан. Власик е уапсен и испратен во логор, а Берија останал недопрен.

За среќа, кога пристигнала во логорот, на Истомина ѝ било соопштено дека нејзината казна се променила и ја вратиле назад. Се вели дека на Сталин му било премногу жал за неа.

По смртта на Сталин неговата ќерка Светлана Алилуева пишува за Ваља во своите „Дваесет писма до пријателот“: "Таа падна на колена до каучот, ја положи главата на градите на починатиот и заплака со глас како на село ... До последниот ден таа беше убедена дека немало подобра личност на светот од мојот татко“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња