„Мајката Татковина“ се подмладува: Реконструкција на гигантскиот споменик (ФОТОГРАФИИ)

Алексеј Волхонски/V1.RU
Споменикот е толку голем што работниците неочекувано открија многу интересни нешта во огромната статуа.

Споменикот „Мајката Татковина повикува“ во Волгоград е фантастичен во секој поглед. Висок е 85 метри. Тоа е највисоката статуа во Европа и најпознатиот споменик на Втората светска војна во Русија. Толку е импозантен што и работите на неговата реконструкција сами по себе се крајно необични.

Ова е најсеопфатната реконструкција на споменикот откако е подигнат во 1967 година.

И порано имаше такви работи. Инженерите во 1972 година мораа да го заменат мечот, бидејќи се покажа дека е премногу тежок и претставува опасност за целата конструкција.

Споменикот „Мајка Татковина“. Меморијален комплекс на Мамаев Курган. Поглед од Плоштадот на паднатите борци, 1971.

Денес градежните работници посветуваат особено внимание на пукнатините на нозете, рацете и облеката на статуата. Тие истовремено поставуваат на нејзините очи заштита од птиците и ѝ ги „чистат“ забите. Се очекува дека по реставрацијата статуата ќе изгледа поубаво и „посвежо“.

Димензиите на споменикот се толку големи и работите се толку обемни што работниците неочекувано дојдоа до многу интересни откритија. „Додека вршевме работи во статуата, пронајдовме цели простории полни со отпад кои конструкторите ги оставиле така во 1967 година. Најдовме и 1200 рубли што ги оставиле работниците при реконструкцијата во 2010 година“, раскажува раководителот на работите Владимир Антонов.

Планирано е работите да завршат во 2020 година во пресрет на 75-годишнината од Денот на Победата во Големата татковинска војна, кој се празнува на 9 мај.

Оваа монументална статуа е подигната во 1967 година во градот кој порано се викаше Сталинград. Споменикот е алегорична слика на Татковината која го повикува својот народ да ги протера агресорите - нацистичка Германија и нејзините сојузници.

Посветен е на познатата Сталинградска битка, еден од најважните настани во Втората светска војна.

Повеќе од 35000 советски војници се погребани во заедничката гробница во меморијалниот комплекс во чиј центар стои споменикот „Мајката Татковина повикува“.

Погледнете го видеото за историско-меморијалниот комплекс „Мамаев курган“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња