Што се случувало со инвалидите од Втората светска војна во СССР?

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Советскиот сојуз основа посебни лекувалишта за луѓето кои во војната останале инвалиди. Условите во нив не биле толку лоши, колку што се зборувало. А, еве зошто...

„Стотици или илјадници инвалиди, без раце и нозе напуштени, питачат на железничките станици, на улиците и на други места. Победничкиот советски народ внимателно ги набљудува: ордените и медалите им блескаат на градите, а просат за ситно пред продавниците! Тоа е неприфатливо! Ослободете се од нив на кој било начин: испратете ги во поранешните манастири, на острови... За неколку месеци земјата од своите улици ги исчисти овие 'срамотилаци'. Така настанаа овие прифатилишта...“ Вака Евгениј Кузнецов, историчар на уметноста од Ленинград ја има опишано „евакуацијата“ на инвалидите од Втората светска војна од централниот дел на Русија.

Кузнецов 40 години има работено како водич во Валаамскиот манастир кој бил главно лекувалиште за ветераните-инвалиди. Неговите емотивни и обвинувачки сеќавања, меѓутоа, не ја отсликуваат реалноста. Советскиот Сојуз своите инвалиди всушност ги има третирано многу подобро одошто тврди тој.

Луѓе-самовари

Бројките велат дека за време на Втората светска војна во СССР имало околу четири милиони лица кои биле демобилизирани поради ранувања и болести, меѓу кои и 2.5 милиони инвалиди. Меѓу нив 450-500 илјади луѓе ги имаат изгубено екстремитетите. Оние кои дома се вратиле без нозе и без раце добиле неубав назив „луѓе-самовари“. Урбаната легенда вели дека по војната инвалидите биле евакуирани од централните градови во некогашните манастири на северот од Русија и дека тоа наводно се случило преку ноќ. Тешко е да се поверува во тоа, зашто не е вистина. Мораме да се свртиме кон други извори.

Едуард Кочергин, писател од Санкт Петербург, го има опишано животот на еден човек без раце и нозе во некогашниот Горицки манастир кој бил пренаменет во лекувалиште за инвалиди.

„Набргу по доаѓањето во Горецкиот манастир, Василиј се прославил. Од целата североисточна Русија донесени се 'трупови', мажи и жени без раце и без нозе. Го нарекувале 'самовари'. Василиј со својата љубов и со својот талент за музика, направил 'хор на самовари' и нашол нова смисла на животот... Налето, двапати дневно негувателките своите штитеници ги изнесувале на воздух надвор од ѕидините на манастирот, ставајќи ги во високата трева на брегот од реката Шексна...

Навечер, додека парабродите испловуваа и допловуваа во пристаништето 'самоварите' држеа концерт. Изненадени од моќниот и силен звук, патниците се поткреваа на прстите и се качуваа на горната палуба од бродовите само да видат од каде доаѓа песната, но 'труповите' не се гледаа во високата трева...“

Немаат што да изгубат

Смело е тврдењето дека советската власт само сакала да ги скрие овие луѓе. Многумина од нив имале семејства, но дали тие семејства, сиромашни и делумно уништени од војната, можеа да им обезбедат услови за живот? Од друга страна, луѓето што останале без раце и без нозе биле навистина храбри, немале повеќе што да изгубат, па не се двоумеле нити отворено да го критикуваат советскиот режим. КГБ наводно имало посебно одделение кое ја следело активноста на оние што останале без екстремитети. Затоа толку многу документи од лекувалиштата се зачувани во архивите. Благодарение на Виталиј Семјонов, генеолог кој ги пронашол, денес знаеме дека лекувалиштата не биле место каде луѓето биле принудно сместувани дека никако не биле во затвор.

„Евакуацијата“ на инвалидите започнала околу 1948 година. Државата им понудила сместување на оние инвалиди кои не можеле да ги најдат своите семејства (без разлика дали луѓето се отселиле, исчезнале или починале за време на војната) или на оние што нивните семејства ви напуштиле (за жал, имало и такви).

Семјонов, меѓутоа, има најдено неколку податоци за инвалиди кои успеале да се вратат во своите семејства. Во 2012 година една студентка на Семјонов му испратила сеќавања кои ги забележала во лекувалиштето во Андога, населено место Никољско, Черповецки реон: „Оние кои не можеа да одат ги изнесуваа надвор кога времето беше сончево. Инвалидите имаа постојана медицинска нега. Секој ден во 8 наутро се вршеше визита на пациентите, постојано беа снабдувани со лекови, три оброци дневно и попладневна ужинка. Инвалидите сакаа да работат, да читаат книги во библиотека, оние што можеа, сакаа да одат и да берат печурки и бобинки. Роднините речиси и не доаѓаа да ги посетат, но многумина инвалиди основаа нови семејства со млади жени кои во војната ги имаа изгубено своите сопрузи. Лекувалиштето функционираше до 1974 година“.

По статиите на Кузнецов за лекувалиштата, Валаамскиот манастир се доживувал речиси како концентрационен логор, со мали порции храна и со ужасни услови. Но, Семјонов го истакнува бројот на инвалидите на ова место: во 1952 ги мало 876, во 1953 година 922, во 1954 973, во 1955 година 973, во 1956 година 812, а во 1957 година 691. Ова јасно покажува ниска стапка на смртност кај инвалидите. Освен тоа, инвалидите не биле доведувани „од целиот Советски Сојуз“, како што често се тврди, ами биле сместувани в слични институции во блиските региони. Курсеви за чевларство и за сметководство биле одржувани за инвалидите да научат нешто да работат. Исто така, пронајдени се голем број писма и документи кои докажуваат дека на инвалидите им било дозволено да си одат дома, ако имале каде да се вратат. Документите исто така покажуваат дека инвалидите навистина можеле да го напуштат лекувалиштето во секое време и многумина го правеле тоа само за да се напијат во градот од каде ги враќала милицијата.

Законот исто така на посебен начин ги третирал инвалидите. Една поранешна негувателка од лекувалиште се сеќава: „Една еден поранешен робијаш ме нападна во кујната, беше крупен со протетичка нога, и ако возвратевте, ќе ве тужеа и ќе изгубевте. Ме удри и јас не можев да му возвратам! Но, заменик-директорот тогаш дојде и го удри толку силно што тој отскокна. Но, тој (поранешниот затвореник) не го тужеше зашто знаеше дека нема право!“