Горбачов тврди дека не ја попречувал кариерата на чернобилскиот спасител Легасов

Friedemann Kohler/Global Look Press
Поранешниот претседател на СССР Михаил Горбачов изјави дека не влијаел на кариерата на Валериј Легасов, првиот заменик-директор на институтот „Курчатов“ и член на владината комисија за отстранување на последиците од хаваријата во Чернобилската атомска централа.

Според сценариото на серијата „Чернобил“, снимена во продукција на американската телевизиска мрежа Ејч-Би-Оу (HBO) и британската мрежа „Скај“, Горбачов лично наложил да не му се додели на Легасов звањето Херој на социјалистичкиот труд, по што на овој научник му е запрено напредувањето во кариерата. Поранешниот раководител на советската држава истакна дека тој не зел никакво учество во кариерата на Легасов.

„Јас ништо не наложив, а кој можеше да го стори тоа освен мене? Тоа се измислици“, рече Горбачов во својот коментар за радио-станицата „Говорит Москва“.

Поранешниот претседател на СССР рече дека сѐ уште не ја погледнал серијата бидејќи е на болничко лекување.

Валериј Легасов се занимавал со истражување на причините за хаваријата во нуклеарната централа Чернобил во 1986 година. Тој ги изложил резултатите од истражувањето на конференцијата на експертите на Меѓународната агенција за атомска енергетика (IAEA) во Виена. Некои историчари истакнуваат дека Легасов притоа издал државна тајна поврзана со оваа трагедија, иако раководството на земјата не го овластило да го стори тоа.

Според заменик-главниот инженер за експлоатација на Чернобилската атомска централа Анатолиј Дјатлов, академик Легасов се понудил да ја изнесе официјалната верзија, што предизвикало револт кај другите научници. Тој во 1986-1987 година двапати е кандидиран за звањето Херој на социјалистичкиот труд, но и двата пати остана без наградата. Легасов изврши самоубиство во 1988 година.

Во серијата „Чернобил“ Легасов го игра британскиот актер Џаред Харис. Прикажувањето на серијата посветена на трагедијата во 1986 година започна во мај оваа година. Според корисниците на ресурсот IMDB, „Чернобил“ е најпопуларната телевизиска серија на сите времиња.

Прочитајте повеќе за Валериј Легасов – советскиот научник кој го спаси светот од Чернобил

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња