Човек во џемпер и со големи очила со дебели рамки најпрво седи во кујна и го преслушува својот глас на касетофон. На пет аудиокасети се снимил себеси, читајќи ги податоците за Чернобил, и сега ги изнесува од станот за да ги скрие од будните очи на агентите од КГБ. Касетите ги става во вентилацискиот систем на зградата, се враќа во станот, ја храни мачката, а потоа пуши цигара и на крајот се беси...
Вака изгледа воведната сцена во серијата „Чернобил“ на телевизијата Ејџ-Би-Оу. Со неа се дефинира целата атмосфера на приказната за нуклеарната катастрофа од 1986 година и за Валериј Легасов, угледен советски стручњак за неорганска хемија кој одигра клучна улога во чернобилскиот тим за ублажување на последиците од трагедијата.
Токму тој инсистираше на евакуација на градот Припјат. Токму неговите одлуки помогнаа да се ограничат последиците од катастрофата. Легасов поднесе петчасовен извештај за причините за катастрофата во Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (IAEA) во Виена. Со својот реферат тој ја смири меѓународната заедница, но ги налути своите колеги дома.
Валериј е роден во 1936 година во Тула (170 километри јужно од Москва) и рано го има избрано својот животен повик. Бил одличен ученик со особини на лидер и со оглед на максималниот број поени можел да избере универзитет. Го избрал Московскиот хемиско-технолошки универзитет „Менделеев“.
По прекрасната дипломска работа на Валериј му е понудено да напише докторска дисертација на Институтот за нуклеарна енергија „Курчатов“, но тој не ја прифатил понудата веднаш – најпрво поминал две години во сибирската хемиска фабрика во градот Томск, работејќи на развојот на плутониумот за нуклеарно оружје. Дури потоа преминал во институтот „Курчатов“.
Таму станал познат како еден од најугледните научници кои се занимаваат со неорганска хемија, односно со хемија на благородни гасови. За работата во оваа област (пред сѐ за ефектот Бартлет-Легасов) Валериј има добиено многу државни награди.
Валериј не се специјализирал на нуклеарни реактори. Тој е речиси случајно вклучен во државната комисија за реагирање на чернобилската катастрофа на 26 април 1985 година. „Воопшто не требаше тој да биде во Чернобил. Неговата специјалност беше физичка хемија, тој работеше на експлозиви“, вели ќерката на Валериј Инга Легасова.
„26 април беше сабота. Татко ми присуствуваше на седница на претседателството на Руската академија на науките (РАН) со академикот [Анатолиј] Александров (кој тогаш беше претседател на РАН). На Анатолиј му се јавија преку 'вертушка' [така популарно се нарекуваше затворената телефонска линија]. На Државната комисија ѝ беше потребен научник, а со ниту еден помошник на Александров од Институтот 'Курчатов' во тој момент не можеше да се воспостави контакт. Државниот авион веќе чекаше, така што татко ми замина во Внуково [аеродромот] и истиот ден отпатува во Чернобил“.
Академик Валериј Легасов, угледен советски научник, стручњак за неорганска хемија, 1983.
Александар Красавин/SputnikМожеби постоела и друга причина за Легасов да биде избран во комисијата. Тој пред катастрофата ја нагласувал важноста за нова безбедносна технологија за спречување катастрофи, укажувајќи на проблем со реакторите РБМК-1000 (еден таков експлодираше) и ризикот од експлоатацијата на нуклеарните реактори, предлагајќи да се осигурат со безбедносен штит, но неговите колеги го отфрлија ваквиот предлог.
Штом стасал во Чернобил, Валериј се посветил на работата на отстранување на последиците од вонредната ситуација: инсистирал на евакуација на Припјат (што и е направено на 27 април) и работел на ублажување на последиците од експлозијата на реакторот. Во зори на 26 април кога Легасов стасал, пожарот веќе бил изгаснат, но во атмосферата веќе беше ослободено големо количество радиоактивни елементи, а она што беше останало од реакторот и понатаму претставуваше сериозна опасност. „Никој не беше подготвен за такво нешто. Владееше таков неред, таков страв... Како во 1941 година, само уште полошо“, изјави Легасов.
Тој го надлетувал Чернобил неколку пати во текот на денот и работел без опрема, често не обрнувајќи внимание на дозиметарот (уред кој го мери нивото на радиоактивното зрачење). „Тој не беше единствениот научник кој работеше на лице место“, се сеќава неговата ќерка. „Добро знаеше што прави и на каква радијација се изложува“.
Хеликоптери вршат деконтаминација на објектот на Чернобилската нуклеарна електрана по хаваријата.
Игор Костин/SputnikПод негово раководство за затрупување на реакторот искористени се околу 5.000 тони материјал, од кои 40 тони соединенија на бор, 2.400 тони олово, 1.800 тони песок и глина и 600 тони доломит, а исто така и фосфат на натриум и течни полимери.
Подоцна се преземени мерки кои спречуваат истопениот радиоактивен материјал да стаса до водата во долниот дел на системот за ладење. Поради тоа е направен тунел со цел радиоактивните супстанци да не стасаат во подземните води.
На местото на катастрофата можеше да се поминат најмногу две недели, а Легасов помина четири месеци (!) и беше означен со 100 rem (Roentgen Equivalent Man), односно четири пати повеќе од дозволениот максимум (25 rem). Веќе на 5 мај ги почувствува симптомите на болеста предизвикана од радиоактивно зрачење (кожен радијациски синдром и губење коса), а од 15 мај почна да кашла и да има несоница.
Во август 1986 година Валериј е повикан во Виена во IAEA да настапи со извештај за катастрофата. Првобитно беше замислено тоа да го направи шефот на државата Михаил Горбачов, но тој сметаше дека е подобро тоа да го стори Легасов, научникот кој работеше на местото на трагедијата.
„Извештајот го подготвуваше цел тим стручњаци“, се сеќава Инга.
Легасов дошол до заклучок дека експлозијата ја предизвикала цела низа фактори, меѓу другото и недостатоци во конструкцијата на реакторот и човечки фактор. Имено, луѓето кои работеле со реакторот не знаеле за неговите недостатоци, па нивните тестирање можеле да ја предизвикаат експлозијата.
Првиот заменик-директор на Институтот за нуклеарна енергија „Курчатов“, академик Валериј Легасов (десно) кој учествуваше во истражувањата за причините за хаваријата на Чернобилската нуклеарна електрана на 26 април 1986 година.
Игор Костин/SputnikИзвештајот придонел да се смири меѓународната заедница поради што Легасов бил фален во странство, но му замериле властите и некои негови колеги-научници во татковината, тврдејќи дека извештајот содржи податоци кои претставуваат државна тајна. „Нему не му беше најважно да го оправда Советскиот Сојуз и да скрие определени податоци. Напротив, целта му беше да ѝ објасни на меѓународната заедница што треба да се направи во такви ситуации“, изјави Инга за рускиот весник МК.
„Мислам дека проблемот не беше во строго доверливите податоци. Извештајот во IAEA имаше огромно влијание и татко ми веднаш потоа доби голема популарност... Некои негови колеги станаа љубоморни“, додава таа.
Гробот на Валериј Легасов (1936-1988), советски хемичар и член на советската Академија на науките на Новодевичјите гробишта, 1989.
Владимир Вјаткин/SputnikСледните две години беа мошне тешки за Легасов и ментално и физички. Чувствуваше недобронамерност од страна на колегите и беше потиштен поради недостатокот од иницијатива за во иднина да се спречат катастрофи како онаа од Чернобил.
Покрај тоа, како што вели таа, радијациската болест само ја отежнувала состојбата. „Постепено престана да јаде, да спие... Добро знаеше што ќе следува и колку ќе биде тоа болно. Можеби не сакаше да ѝ биде на товар на мајка ми“.
Дури во 1996 година, осум години по самоубиството, Легасов е постхумно награден со звањето Херој на Советскиот Сојуз на Руската Федерација за „храброст и херојство“ во отстранувањето на последиците од трагедијата. Одлуката за доделување признание ја донесе тогашниот претседател Борис Елцин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче