Како обичните Руси реагираа на серијата „Чернобил“ на Ejч-Би-Оу

HBO, 2019
„Запрепастувачки е колку е сѐ подробно прикажано“ и „штета што ние не го снимивме“, се само некои од впечатоците кои обичните гледачи во Русија ги имаа по одгледаната минисерија „Чернобил“ снимена вo британско-американска копродукција.

„Болката се прелеваше од телевизиските екрани како радиоактивна лава, палејќи го подот. Ние веќе навикнавме надмено да се потсмеваме на начинот на кој нѐ прикажуваат во американските филмови, па го превидовме моментот во кој тие добро воочиле сѐ што ние самите престанавме да забележуваме кај себе“, искоментира на својот профил на Фејсбук драматургот Нина Беленицкаја.

Како што наведува таа, рускиот гледач (вклучувајќи ги  и сајберпиратите) кој ова сигурно ќе го погледне, макар и во илегала, мошне прецизно го погоди. Но, Беленицкаја особено ја интересира со какви размислувања и со какви чувства ја има одгледано некој ситуиран жител во некоја земја со благосостојба.

Нина вели дека во 1986 година, кога се случи нуклеарната катастрофа, имала четири години. „Дождот го нарекувавме радиоактивен и од некаде се прочу дека треба да се избегнува на широки места зашто неговите капки можат да те нагризат. Покрај тоа, не смеевме да береме печурки“, се сеќава таа.

Видовме сѐ како било, до детаљ

Дедото на московјанинот Андреј бил рудар во Тула, за волја на вистината, во моментот кога се случила трагедијата веќе била во пензија, па не бил повикан. Роднините до денешен ден добиваат парична помош зашто радиоактивен облак дошол и до Тула. „Секако дека знаев за хаваријата, но Чернобил за мене немаше некаква емотивна тежина. По одгледани три епизоди од оваа серија лошо спиев и имав кошмари. Страшно ми е жал за тие луѓе и за кучето“, признава тој.

На многумина им е жал што серијата не е снимена во Русија. „Во текот на три децении колку што има поминато од трагедијата, никој од кинематографите на постсоветскиот простор не се нафатил на темата за Чернобил и не понудил своја верзија за настанот. Како и во случајот со подморницата К-9 или со космичката трка помеѓу СССР и Соединетите Американски Држави, светот за етапите на руската историја дознаваат од англосаксонските серии“, смета уредникот Иљја.

Во Русија, инаку, во 2014 година беше снимена серијата „Чернобил. Зона на исклучените“ мистична приказна за тинејџери кои на подрачјето на катастрофата се упатиле во наше време и која не зборува за нуклеарната катастрофа.

Секако, имаше и револтирани од толкавиот медиумски прав што го крена серијата. Марусја Чурај на својот профил на Фејсбук напиша дека многу пати читала сеќавања на очевидци, гледала документарци на оваа тема и самата пред три години била во Чернобил. „Оттаму можам да кажам дека е убава серија во продукција на Ејч-Би-Оу и ништо повеќе од тоа. Доста веќе со таа медиумска бука“. Но, сите оние кои за катастрофата претходно не се заинтересирале и немаат прочитано или видено толку, ова беше вистински шок.

Запрепастени колку е верно прикажан СССР

„Татко ми во идеолошка смисла беше советски човек, воен пилот. Се сеќавам дека во библиотеката на полица стоеше Речник на атеизмот. Но, со текот на времето, почна да ја согледува сета неправда и колку е системот далеку од идеален, па наголемо го критикуваше (седејќи во кујната, секако). Добро се сеќавам кога на радио беше објавена информацијата за хаваријата. Иако веста беше штура, татко ми веднаш ги сфати размерите на трагедијата и беше многу лут на партијата и на функционерите. Сметаше дека тие лично ќе убијат многу луѓе. Татко ми почина по хаваријата, веќе во јуни, но многу работи предвиде. Во серијата, да кажеме, може да се види советска кујна каква што имаме ние, па и типични женски фризури и фустани без ракави, сѐ е до детаљ верно прикажано, едноставно да ве минат морници. Како машината на времето да ме префрлила во тие денови“, вели сметководителката Елена.

„Интересно е што сите актери имаат словенска физиономија, со исклучок, можеби, на шефот на смената на рудникот, кој повеќе личи на американски фармер. Очигледно е дека претерале со вотката. Сигурно дека не пиеме чаши вотка на екс во секоја пригода“, вели менаџерот Николај.

Телевизискиот продуцент Јуриј Глајдо подробно се има занимавано со катастрофата, ја проучувал, патувал во Чернобил и снимал таму, па виденото на него има оставено уште посилен впечаток. „Сѐ е прикажано до најситен детаљ и на високо професионално ниво“, коментира тој.

Валериј Легасов – советскиот научник кој го спаси светот од Чернобил

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња