1. Сакал да се фали со своите пороци
Односите меѓу Лав Толстој и неговата сопруга Софија Берс почнале невообичаено за 19 век.
Кога 34-годишниот гроф Толстој ја побарал за жена18-годишната Софија, сакал меѓу нив да нема тајни. Затоа пред свадбата ѝ ги дал своите дневници во кои ги опишал своите претходни интимни односи со други жени, меѓу другото и со селска слугинка со која имал вонбрачно дете.
Софија била во шок кога од дневникот дознала за сексуалните експерименти на нејзиниот сопруг, но сепак не се откажала од бракот. „Сè во неговото минато е толку ужасно за мене што мислам дека никогаш нема да имам мир со него“, пишува таа. „Тој ме сака, а јас си мислам дека ова не му е прв пат да се вљуби. И јас порано бев вљубена, но сѐ само си замислував, додека тој навистина бил со жени, живи и убави“.
Многу подоцна, кога веќе ја пречекорила шеесеттата, Софија им се вратила на дневниците на нејзиниот сопруг, но овој пат со опсесивна желба да отстрани сѐ што би можело да ја компромитира. Се плашела дека идните генерации ќе ја паметат како омразена караконџула, бидејќи Толстој често ја критикувал и ја исмејувал. Научниците сметаат дека на молба на Софија Толстој навистина уништил одделни фрагменти од дневниците.
Можеби сето тоа се одиграло поради желбата на Толстој да се „исчисти“ од гревовите во младоста, па затоа избрал една млада и убава жена од патријархално семејство со надеж дека таа позитивно ќе влијае на него. За жал, тој не успеал целосно да се ослободи од навиките стекнати за време на неговата младост - тие го следеле до крајот на животот.
2. Цел живот се борел со сладострастјето
Лав Толстој цел живот се борел со сладострастјето. „Не можам да го победам сладострастјето“, пишува тој во дневникот. „Тој порок ми стана навика“. И на друго место: „Морам да спијам со жени, инаку сладострастјето ни за момент не ме остава“.
Судејќи според дневниците, Толстој ја обожувал својата сопруга. „Новите услови на семејниот живот целосно ме одвоија од потрагата по смислата на животот“, пишува тој. Но, во брачниот живот тој барал од Софија многу нешта, можеби и многу секс. Доволно е да се каже дека таа му родила тринаесет деца, иако петмина умреле многу рано.
Толстој само дополнително ѝ го загорчувал раѓањето на децата. Секој пат кога неговата сопруга била бремена и не можела да спие со него, тој повторно се свртувал кон селаните на неговите поседи, каде што како земјопоседник имал практично неограничена власт. На почетокот на бракот тој ѝ ветил на Софија: „Нема да имам ниту една жена во нашето село, освен во ретките прилики кои нема да ги барам, но нема ни да ги избегнувам“. Со други зборови, тој многу учтиво ѝ соопштил дека сигурно ќе има такви ситуации.
Но, своите проблеми Толстој ѝ ги припишувал на сопругата: „Тоа се двете крајности – поривот на духот и моќта на телото. Мачна борба е тоа. Не се контролирам. Барам причини: тутунот, невоздржувањето, недоволниот напор на имагинацијата. Но, сето тоа е смешно. Една е вистинската причина - немам жена што ја сакам и која ме сака“. Па сепак, во исто време Толстој бил многу врзан за Софија, многу страдал кога таа се мачела на породување и ги минувал ноќите до нејзината постела.
Софија му пишувала на мажа си: „Во целата оваа збрка да се биде без тебе е исто како и да се остане без душа. Само ти можеш да внесеш поезија и шарм во сè и сѐ да подигнеш на одредена висина. Така се чувствувам. За мене, сè е мртво без тебе. Јас го сакам само она... што го сакаш ти...“.
Чувствата на Софија спрема Толстој биле многу длабоки. Можеби токму затоа нивниот брак и опстанал до самиот крај. Веројатно и општествените норми одиграле некаква улога во тоа, бидејќи во 19 век во Русија една благородничка не секогаш можела да се разведе и да си го зачува угледот, особено во аристократските кругови.
3. Речиси сите работи во домаќинството ѝ ги оставил на сопругата
Кога дошла на имотот на Толстој во Јасна Полјана, Софија била многу непријатно изненадена од сиромаштијата што ја затекнала таму. Таа морала да се грижи за сè, од садовите до ќебињата, за сметките и одржувањето на куќата и околните објекти.
И грижата за децата ѝ била препуштена нејзе. Толстој понекогаш си играл со децата, но најмногу го минувал времето во пишување или во состаноци со своите почитувачи и колеги. За тоа време Софија ги учела децата да свират и да се однесуваат убаво, ги облекувала и ги хранела. Сѐ морала да работи сама, бидејќи Толстој бил против приватни воспитувачи и дадилки како што во тоа време имале повеќето благородници. Тој сметал дека тоа е работа на мајката.
Јасна Полјана било големо и богато село со многу проблеми. Селаните се обраќале до земјопоседникот барајќи помош или заем, се жалеле на соседите... И сето тоа било врз плеќите на Софија, како и селската болница чие отворање го финансирала таа.
И покрај сето тоа, Софија уште му била и стенографка и секретарка на својот маж, а се грижела и за издавањето на неговите дела. По тој повод таа дури и се консултирала со Ана Достоевски, сопругата на другиот голем писател, која исто така се грижела за издавање на романите на нејзиниот сопруг. Софија го разбирала нечитливиот ракопис на Толстој, препишала и уредила многу негови дела. Текстот на „Војна и мир“ го препишала седум пати.
* * *
При крајот на својот живот Толстој се посветил на духовното учење кое го одвоило од семејството и од Православната Црква. Тоа, исто така, влијаело на неговите односи со сопругата. На пример, неговото последно бегство од дома било предизвикано од грижата што таа му ја укажувала, а која тој ја сметал за претерана.
И покрај нестабилниот и понекогаш многу недружељубив однос на писателот спрема сопругата, во голема мера треба да ѝ благодариме токму на Софија за фактот што Толстој го искористил својот книжевен талент и што неговите дела дојдоа до нас. Со оглед на извесната надменост која тој ја покажувал спрема луѓето околу него, Толстој би имал многу помалку време да пишување доколку неговата сопруга не била толку вредна и пожртвувана.