Погледнете го овој човек во кошула и чизми какви што носеле руските селани. Можете ли да замислите дека е роден како гроф и дека бил еден од најпаметните писатели на сите времиња? Толстој го поминал поголемиот дел од својот живот на имотот Јасна Полјана во Тулската област (200 км јужно од Москва) опкружен со природата. На оваа фотографија Толстој има 79 години и стои пред својата куќа. / Мај 1908.
Дали можете да се сетите на сцената од „Ана Каренина“ кога Левин ја зема косата од рацете на еден селанец и оди да коси трева за да се смири? Таа сцена, па и целиот лик на Левин, е автобиографски. Толстој сакал да коси и косел до поодминати години. Таа активност го смирувала. / 1890.
Сите членови на семејството на писателот и пријателите по малку неволно го дочекувале неговиот повик да се оди на прошетка. Затоа што таа прошетка траела неколку часа. Толстој можел да изоди километри и километри. Дури и кога имал 80 години, секој не можел да го следи неговиот брз чекор. На оваа фотографија Толстој, неговата ќерка Александра и мала група луѓе се пробиваат низ снег за да стигнат на отворањето на првата јавна библиотека во Јасна Полјана. / 1910.
Russiainphoto.ru
Russiainphoto.ruТолстој сакал да игра тенис, да јава и да вози велосипед. Уште едно негово хоби бил шахот. На оваа фотографија писателот игра шах со Дмитриј, синот на Владимир Чертков, лидерот на движењето толстоизам, негов пријател и издавач. Исто така се гледа позадина н сликарско платно на кое е насликан портретот на Толстој. На сликарот Михаил Нестеров му било многу удобно да работи на портретот додека Толстој игра шах и не мрда со часови. / 1907.
И покрај тоа што бил многу интелигентен, остар и сериозен, неговата душа била нежна. Погледнете го во разговор со внуката Татјана. Што му шепоти на детето овој мил дедо? Веројатно некоја интересна бајка. Толстој ги сакал сите свои внуци и издвојувал време да ги научи нешто. / 1908.
Иако бил благородник, Толстој одбивал да има слуги. Тој сам го косел тревникот пред куќата, ги чистел својата соба и куќата. Секојдневно го посетувале многу луѓе, но и Толстој одел во други села за да се среќава со луѓето. Сведоците на настанот на оваа фотографија зборувале дека тој ден било многу топло. Толстој само во кошула отишол на состанок со група селани и со часови разговарал со нив. / Московска област, село Крекшино, 1909.
Не можевме да ја одминеме фотографијата на Толстој со сопругата Софија Андреевна, снимена на нивната 34-годишнина од бракот. Таа била 16 години помлада од мажот и била жена која Толстој ја заслужувал. Во бракот кој траел 50 години се родени 13 деца. Софија Андреевна под диктат на сопругот повеќе пати ја препишувала „Војна и мир“. / 1896.
Толстој целиот живот бил физички многу активен и здрав. Ова е една од ретките фотографии на која држи бастун. / 1908.
Поголемиот дел од животот го поминал во Јасна Полјана. Па сепак, патувал во Москва, каде имал куќа, како и на Крим, каде уживал во морето. На оваа фотографија е во друштво на ќерката Александра. Таа како негова најмлада ќерка го посветила животот на татка си. Била негова секретарка и личен асистент, запишувала во неговите Дневници она што ѝ диктирал. Александра го основала Музејот Јасна Полјна и Фондацијата Толстој, напишала мемоари и книги за својот познат татко. Емигрирала во САД каде починала во 95 година од животот, надживувајќи ги своите браќа и сестри. / 1901.
Погледнете го овој обичен човек на железничка станица. Ја ставил ногата на куферот по долго пешачење. Фотографијата е снимена само година дена пред ненадејното и тајно бегство од дома. Тогаш се качил на воз, патувал 10 дена, се разболел, запрел на станицата Астапово каде и починал. / 1909.
На денешен ден: Пред 189 години роден рускиот писател Лав Николаевич Толстој
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче