ЕЛЕН
Дошол еленот на реката за да пие вода, си го видел одразот во водата и почнал да им се восхитува на роговите. Потоа си ги погледнал нозете и рекол:
- Само нозете не ми чинат, многу ми се тенки.
Одеднаш однекаде изрипал некој лав и почнал да го брка. Еленот почнал да бега и кога му се сторило дека веќе избегал, роговите му се сплеткале во една грмушка, па лавот го фатил. На умирање еленот си рекол:
- Ех, така ми треба! Ќе ме спасеше она што го критикував, ако не ме доведеше до смрт она што го фалев.
ФАЛБАЏИСКОТО ПЕТЛЕ
Се степале две петлиња на ѓубриштето. Едното било посилно, па го претепало другото. Тогаш сите кокошки почнале да се вртат околу него и да го фалат. Петлето, пак, сакало и во другиот двор да дознаат за неговата јунаштина и слава. Летнало тоа на плотот, плетнало со крилјата и почнало да кукурика:
- Гледајте ме! Чудете се! Претепав еден петел! Никој не може да се мери со мене во јунаштина!
Уште не завршил петелот, а долетал еден орел, го грабнал со канџите и го однел во своето гнездо.
ЛАВОТ И ЛИСИЦАТА
Лавот остарел и повеќе не можел да лови, па затоа решил да живее од својата итрина. Влегол тој во својата пештера, легнал и се преправал дека е болен. Ѕверовите од шумата, пак, почнале да му доаѓаат на посета, а тој еден по еден ги фаќал и ги јадел. И текнало на лисицата во што е работата, па застанала пред неговото дувло и викнала:
- Како си? Како се чувствуваш?
Лавот ѝ рекол:
- Лошо. Зошто не влезеш?
Лисицата, пак, му одговорила:
- А, не влегувам зашто гледам оти многу траги водат кон твоето дувло, ама ниту една не води надвор од него.
ВАРЈА И СЛАВЕЈЧЕТО
Си имала Варја славејче и го чувала в кафез. Но, тоа никогаш не пеело, па така Варја му рекла:
- Треба да пееш.
Славејчето ѝ одговорило:
- Пушти ме на слобода, па тогаш цело време ќе пеам.
МАГАРЕТО И КОЊОТ
Си имал еден човек магаре и коњ. Оделе тие натоварени по патот, па магарето му рекло на коњот:
- Многу ми е тжок товаров, нема да можам да го доносам до селото. Земи малку и помогни ми.
Но, коњот не сакал ни да слушне. Така заморено магарето паднало и умрело. Тогаш газдата го пренел сиот товар од магарето на коњот, а згора на тоа и магарешката кожа. Во тој момент коњот почнал да офка:
- Кутриот јас! Не му помогнав на магарето со товарот, а сега ќе морам да го носам сам товарот.
БАБАТА И ВНУКАТА
Една баба си имала внука. Внуката била мала и постојано спиела. Бабата, пак, печела леб, ја метела куќарката, миела, шиела, предела и ткаела за внуката. Потоа бабата остарела, легнала на печката и само спиела. Сега внуката печела, миела, шиела, ткаела и предела за бабата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче