Кај Москва откриена гробница стара четири и пол илјади години

Историја
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Во Истринскиот реон на Московската област е откриена некропола која припаѓала на носителите на фатјановската култура, првите сточари и земјоделци во руската рамнина. Се проценува дека предметите пронајдени при ископувањето потекнуваат од периодот 2600-2500 година пред нашата ера, односно дека се стари најмалку четири и пол илјади години.

Некрополата ја открија соработници на институтот за археологија на Руската академија на науки при истражување на територијата на приватно училиште. При ископувањата се пронајдени воени и ритуални секири, врвови на копја, ножеви и погребни садови. Артефактите се во одлична состојба, иако се многу стари и потекнуваат од времето на изградба на Кеопсовата пирамида и царските гробници Ура во древна Месопотамија.

Научниците тврдат дека фатјановските гробници се најстариот споменик од бронзената доба на територијата на Подмосковјето. А освен тоа, се работи за многу ретки наоди. Имено, слични предмети претходно беа пронајдени пред повеќе од 25 години.

Прочитајте повеќе: Топ 5 руски археолошки откритија кои го потресоа светот