Во текот на најновите ископувања во кремљот на подрачјето на подмосковскиот град Зарајск (145 км југоисточно од Москва) руските археолози наидоа на културолошки богат слој земја, стар најмалку дваесет илјади години. Инаку, овде пред две години беше пронајдено живеалиште на праисториски луѓе. Се работи за споменик од огромно цивилизациско значење од ерата на горниот палеолит и најстаро живеалиште на луѓе во Подмосковјето.
Археолозите дојдоа до уникатни откритија, живеалиште на праисториски луѓе и во него коски и череп на мамут во кој се наоѓаше скапоцена ризница, во која немаше пари, туку предмети изработени од кремен и делови на орудија, исклучително важни за нашите далечни предци.
Откривањата на живеалишта на праисториски луѓе претставуваат вистинска реткост на ова подрачје, а последниот таков пронајдок потекнува од 2005 година, тврдат упатените. Живеалиштето во Зарајск е пронајдено 2016 година при изведувањето на земјишни работи за осветлување на музејот „Зарајски кремљ“. Во текот на работите спроведени оваа година од август до ноември, стручњаците пронајдоа огромни коски на мамут, заби, бивни и цели вилици. Според раководителот на археолошките истражувања на Институтот за археологија на Руската академија на науки Сергеј Лев најдено е огниште полно со изгорени животински коски, а на целото подрачје на ископувањето траги од јаглен и црвена боја кои го маркираат нивото на површина на кое живееле првите луѓе.
Се претпоставува дека живеалиштето на праисторискиот човек пронајдено кај музејот „Зарајски кремљ“ подразбира четири населби настанати во периодот од пред 23 до 16 илјади години.
Живеалиштето на праисториските луѓе во Подмосковје е неисцрпно наоѓалиште за археолозите кои овде редовно откриваат нови артефакти.
„Едноставно неисцрпен извор во кој се појавуваат костури на изумрени животни, или неверојатни предмети од секојдневието на нашите далечни предци. Самата помисла дека луѓето живееле овде пред 23 илјади години е доволна да ви се сврти во главата. Необично важно е што некои предмети од оваа вистинска археолошка ризница можат да се видат во нашиот музеј во Зарајск“, изјави министерката за култура на Московската област Нармина Ширалиева.