Битката кај Слобоција: Како Кутузов ја разнесе најдобрата турска армија

Википедија
Моменталните неуспеси на Русија во борбата против Наполеон, ги поткрепија турските надежи повторно да постават контрола над Крим и Грузија, а исто така и да расчистат со кнезовите на Молдавија и Влашка кои гравитирале кон Русија.

Имајќи го тоа предвид, Турција ги погази руско-турските мировни договори од 1798 и 1805 година, така што на 28.12.1806 година ѝ објавила војна на Русија. Во следните неколку години на просторите на денешна Романија и Бугарија дошло до неколку жестоки битки меѓу турските сили кои биле стационирани на просторите на Балканот, со руската Дунавска армија која тргнала на помош на своите православни браќа во борбата против отоманскиот освојувач. Голема улога во оваа војна имала и Србија која на чело со Караѓорѓе кренала востание и самостојно ослободила голем дел од централна Србија, силно поразувајќи ги турските единици на Балканот. Со голем ангажман на главнината на турските балкански сили во обидот за задушување на востанието во Србија, се отворил простор за подлабок продор на руската Дунавска армија на Балканот.

По разбивањето на Турците кај Русе кое се случило во истоимената битка која е водена на почетокот на јули 1811 година, генерал Кутузов ја преминал делтата на Дунав и со своите одреди (околу 15.000) луѓе избил на неговата лева страна каде поставил логор во реонот на градот Журж. Големиот турски везир Ахмед-паша со својата армија останал кај Русе каде ги средувал делумно растурените единици и зачувал 5.000 турски војници кои останале на поприштето на крвавата јулска битка. Овој лукав маневар на интелигентниот Кутузов кој и покрај победата отстапил со својата војска назад на левата страна на Дунав, создал кај Ахмед-паша впечаток дека руската борбена група има голем проблем, дека меѓу нив дошло да заминување и деморализација. Набргу ги собрал сите свои сили и со зајакнување тргнал на Кутузов. Вкупната јачина на овие сили изнесувала околу 60.000 луѓе. 

Ахмед-паша наседнал на блефот на Кутузов 

Ноќта на 28 август (9 септември) 1811 година, Ахмед-паша со главината од својата сила почнал во бранови да го форсира Дунав кај речниот остров Гол. Во првиот бран се наоѓала групација од околу 6.000 јаничари кои со чамци и со помали бродови се префрлиле на левата страна на реката. Делови од турските сили, од 800 луѓе, имале задача да го форсираат Дунав по течението и да организираат демонстративен напад на руските сили кои се наоѓале на потегот Журж-Слобоција. Овие дејствија имале за цел да ги развлечат руските заштитни одреди кои го бранеле левиот брег на Дунав поради полесен трансфер на главнината на турската нападна група која била составена од јаничарски пешадиски одреди. Ова на самиот почеток од битката имало извесен успех, зашто со делумно слабата борба со пушки, Турција успеала со својот прв ешалон да го премине Дунав и да се стационира на достигнатите позиции. 

Откако добил извештаи од своите командири за влошувањето на ситуацијата на Дунав, генералот Кутузов му наредил на генералот Булатов да формира еден интервентен одред составен од 5 баталјони и со нив што поскоро да ја расветли ситуацијата на овој фронт. Овој одред набргу имал неколку огнени контакти со турската претходница, и откако ја растерал налетал на главната стационирана положба која ја бранеле јаничарите. Без некаква поголема подготовка, генералот Булатов со дел од своите сили се обидел да ги разбие Турците на уште недовршените положби, но тој негов напад бил одбиен. Во тие борби јаничарите успеале да заробат и едно руско воено знаме. 

Михаил Кутузов

Засрамениот везир пука во своите војници

Откако увидел дека турските сили на овој отсек се многу побројни, тој почекал да му се приклучи главнината на групата во која се наоѓала батерија топови. Мошне подвижните и снаодливи руски единици успеале да излезат на брегот на Дунав и под силен оган да ги стават турските транспортни бродови со кои се префрлала живата сила. Ова предизвикало збрка кај Турците, и голем број бродови го промениле својот пат и почнале да се враќаат назад. Кога видел што се случува на Дунав, Ахмед-паша, кој токму тогаш се подготвувал да ја премине реката, издал наредба без никаква милост да се отвори оган по турските бродови кои го избегнуваат преминувањето. Наскоро по Турците на вода бил отворен урагански оган кој сега доаѓал од бесниот везир и од сопствените сили, и кој ги натерал повторно да ги свртат своите бродови кон левиот брег на реката. Откако ги совладале малобројните руски сили на левиот брег од реката, Турците успеале да изведат уште еден бран од својата пешадија на нејзиниот лев брег и дополнително да ги зацврстат своите позиции. 

Рускиот генерал Кутузов издал наредба до Булатов да се одвои од овие турски сили и да заземе позиции западно од Журж. Тој увидел дека турскиот везир сака со главнината на своите сили по секоја цена да ја премине реката на овој отсек. Тој брзо направил план за битка според кој во првата фаза за цел имал да допушти премин на турските сили на левиот брег на Дунав со концентрација на своите сили околу турското распоредување, која требала во поволен час да изврши општ напад на непријателот и практично да го ликвидира на бреговите на реката. Сè до 1 септември (13 септември) траело префрлувањето на турските единици преку Дунав. Тој ден реката ја минал и Ахмед-паша со својот штаб. Веднаш штом ја преминале реката Турците не развивале понатамошни офанзивни дејствија кон Журж (освен помалите претходници) и поставиле логор практично на самиот брег на Дунав. 

Кутузов во од направил генијален план за битка 

За тоа време Кутузов со своите сили кои се состоеле од не мошне опремени 25 баталјони и 35 коњички ескадрони, го поместил штабот од Журж во Слобоција каде поставил логор. Овие сили не биле доволни да се спротивстават на 5 пати побројната групација со која раководел турскиот везир. Рускиот генерал овие неколку дена ги искористил за максимално подигање на борбената готовност на своите расположливи трупи за борба. Во ова му помогнала и неочекуваната пасивност на турската војска која го преминала Дунав. Таа се ограничувала само на повремени испади на извидувачките групи кои во неколку судири биле разбиени. Ова му дало простор на Кутузов да ја поврати стратешката иницијатива. Тој се решил на смел, но генијален план, со дел од своите сили да го форсира Дунав и да ги нападне Турците од двете негови страни на кои биле распоредени покрај брегот. Особено во фокусот му бил десниот брег на реката каде Турците имале логор во кој имало околу 20.000 луѓе, и кој претставувал логистички центар, односно срце на војската на Ахмед-паша.

За операцијата на руската војска на десната страна од Дунав биле задолжени Козаците кои благодарение на големата подвижност, но и на страхопочита што ја стекнале во борбите со Турците, биле идеални за ваков развој на битката. За во целост да ги прелажат Турците во овој амбициозен офанзивен план, Кутузов почнал околу својот табор да крева утврдувања кои кај непријателот создале впечаток дека Русите планираат да се бранат. Тие спокојно ја следела изградбата на ова утврдување сè до 22 септември (4 октомври) кога конечно тргнале и извеле напад на истурените руски одреди кои го бранеле логорот. Овој напад по куса борба бил одбиен. Следниот ден борбите кон овој правец биле обновени откако еден руски одред успеал да разбие 500 Турци и да ги заземе неговите позиции. Генералот Кутузов во овие борби стекнал подлабок увид во борбениот морал на турските војници кој генерално бил слаб. 

Козаците тргнуваат во ненадеен напад

По оваа борба помеѓу турските единици на левиот брег од реката завладеало внатрешно колебање. Биле воочени бројни дезертерства, а постоела опасност и Ахмед-паша со оваа војска да се извлече од подготвените замки, и да се врати назад преку Дунав. Ова ја забрзало реализацијата на воениот план на генерал Кутузов кој итно наложил да се активира брз одред со јачина од 18 баталјони под команда на генерал Макаров. Овој одред имал задача што поскоро да го форсира Дунав и без никакво одлагање да ја нападне турската комора која се наоѓала на десната страна од реката. Откако биле решени проблемите околу обезбедувањето адекватен транспорт преку реката, одредот на 2 октомври (14 октомври) на оддалеченост од околу 20 километри по течениот од турскиот логор, во полн капацитет ја преминал реката и тргнал во енергична офанзива низ густата шумска вегетација која растела покрај Дунав. Наскоро избил пред турскиот логор во кој владеела мирнодопска атмосфера. Откако извршил темелна подготовка на нападот, генерал Макаров на 2 октомври (14 октомври) со сите свои расположливи сили извршил стравотен јуриш на сосема збунетиот непријател од сосема неочекуван правец. Руските козаци со сабјите молскавично влетале во логорот и убиле илјадници турски војници. Во целост била разорена непријателската армија која броела повеќе од 20.000 војници. Голем дел паднал во заробеништво, а останатиот дел се разбегал по околните шуми. Заробена е комплетната турска комора со храна и муниција. За какво колосално изненадување станувало збор сведочат вкупните руски загуби кои изнесувале само 9 загинати и 40 ранети војници.

Откако ги уништил турските сили на десниот брег од Дунав и ја запленил комплетната комора, вклучувајќи и десетици топови, генерал Марков со артилериски плотун по турскиот логор од левата страна на Дунав, го известил Кутузов да тргне во општ напад на Ахмед-паша кој се нашол во вкрстен оган. Откако се нашол помеѓу чеканот и наковалната Ахмед-паша успеал да го избегне окружувањето и под закрила на ноќта 2-3 октомври (15 октомври) да премине преку Дунав и да дојде до Русе. Ова му одговарало на Кутузов зашто според турските воени обичаи везирот е лишен од носење какви било одлуки, па и потпишување примирје, кога заедно со војската ќе се најде во обрач. 

Предавање на турската војска кај Слобоција.

Катастрофа на најдобрата турска армија 

Опколената турска групација била изложена на стравотна артилериска канонада од десната страна на Дунав. Речиси целокупната артилериска муниција која била наменета за војската на Ахмед-паша се урнала на турските глави. Во логорот завладеал глад, меѓу војниците се појавиле заразни болести. Сево ова го принудило Ахмед-паша да започне преговори за склучување примирје. Тоа се случило на 23 ноември (5 декември) кога е потпишана капитулација на турската армија чиј број во меѓувреме се намалил за дури трипати. Три дена подоцна на генералот Кутузов му се предале вкупно 12.000 полуживи турски војници од вкупно 36.000 колку што имало на почетокот од битката. Најелитната турска армија била дефинитивно уништена. 

Вкупно загинале или умреле најмалку 20.000 турски војници, 2.000 преминале на руска страна, а уште 2.000 биле префрлени во градот Русе. 

Последици од битката 

Битката кај Слобоција шокантно делувала на Отоманското царство и на турскиот султан кој на делтата на Дунав ја изгубил својата можеби најдобра армија. Ваквиот развој на настаните го забрзал потпишувањето на мировниот договор кој бил ратификуван на 16 мај (28 мај) 1812 година во Букурешт, кој ја потврдил победата на Русија во оваа војна. Границата се поместила на реката Прут, а Русија ја добила Бесарабија и западна Грузија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња