Историјата на руско-турските односи: најважни моменти

Битка кај Синоп.

Битка кај Синоп.

Непознат сликар
Историјата на односите помеѓу Русија и Турција имаат доста впечатливи страници и неочекувани пресврти. Историчарите пресметале дека овие две држави десет пати војувале една против друга. Некои од тие војни можат само условно да се карактеризираат како руско-турска (на пример, походот на Петар Велики на реката Прут), но без сомнение Турците многу почесто од другите народи биле противници на Русија на бојното поле

Најголем дел од тие војни завршиле со победа на Русија, со проширување на нејзините територии и со зајакнување на нејзиното влијание во светот, особено меѓу народите од Југоисточна Европа кои биле под турско-османлиско ропство.

Првиот дипломатски чин во историјата на руско-турските односи е писмото на рускиот кнез Иван Трети до османлискиот султан Бајазит Втори, испратено во 1492 година. Во овој документ рускиот кнез пишува за најважните прашања за развојот на поморската трговија помеѓу Москва и Константинопол во водите на Црно и на Азовско Море. Со ова писмо е ставен темелот на трговско-економската соработка помеѓу двете земји.

На политичко-дипломатското поле руско-турските односи формално се воспоставени за време на Петар Први во 1701 година со отворањето на руската амбасада во Константинопол. Ова на двете земји им овозможи да имаат канал за меѓусебно политичко дејствување.

Може да се каже дека првата руско-турска војна што се водела од 1672 до 1681 година, која била предизвикана од обидот на Османлиското царство да воспостави контрола над Украина десно од Днепар, кога хетманот на ова територија Петро Дорошенко се заколнал на верност на Константинопол. Војната кулминирала со заземање на стратешки важната тврдина Чигрин во Черкаската област од страна на руските трупи. Сепак, тврдината по две години била повторно предадена на Турците. Бахчисарајкиот мировен договор потпишан во 1681 година во целост гледано го потврдил територијално-политичкиот статус кво во овој регион.

Запорошките козаци му пишуваат писмо на слутанот. Слика: Илја Репин.Запорошките козаци му пишуваат писмо на слутанот. Слика: Илја Репин.

Руско-турската војна 1686-1700 година била дел од европската воена криза во која централно место заземала австриско-турската војна. Руските трупи во 1696 година успеале да ја заземат тврдината Азов, која според Цариградскиот мировен договор од 1700 година ѝ припаднала на Русија. Оваа спогодба на Русија ѝ овозможила да ги концентрира своите сили против Шведска во Северната војна. Во историјата е влезена фразата од писмото на Петар Први до рускиот претставник во преговорите со Турција, искусниот дипломат Емељјан Украинцев: „Задолжително склопи мир, зашто ни е потребен“.

Во руско-турската војна 1735-1739 година на страната на Русија се борела Австрија. Целта на Русија била да ги запре нападите на кримските Татари на јужните руски територии, како и да обезбеди поширок излез на Црно Море. Генерално гледано, Русија немала успех во оваа војна. Според Белградскиот мировен договор склучен во 1739 година Русија ја задржала тврдината Азов, не се обврзала од неа да ги тргне сите фортификациски утврдувања, како и да се откаже од поседување сопствена флота на Црно Море, па дури и од бродови за трговија. Според сликовитото објаснување на рускиот историчар С.М. Самојлов, Русија за отстранувањето на азовските утврдувања платила со животите на илјадници војници.

Руско-турската војна 1768-1774 година ја карактеризира продорот на Русија на Балканот. Зимата 1770 година руската армија дошла на Дунав, а во 1771 година единиците под команда на кнезот Василиј Долгоруки го зазеле Кримскиот полуостров, со цел во 1773 година руските трупи да стасаат до Силистра. Со Кучукаинарџискиот мировен договор од 1774 година прогласена е независност на Кримскиот ханат од Турција (за време на војната кримскиот хан преминал под протекторат на Русија). Русија ги добила Голема и Мала Кабардија, Азов и Керч, како и степските подрачја помеѓу Днепар и Јужен Буг. Претходно според 14 член на спогодбата на Русија ѝ е дадено правото во Константинопол да изгради црква која ќе биде „под протекторат на министерството на оваа империја“ (односно на руските посланици), и „нема да биде изложена на никакви притисоци или на навреди“.

Следната руско-турска војна 1787-1791, го зацврстува позициите на Русија на Балканот. Руската армија успева да ги заземе Очаково, Измаил и Анапа, а руската флота во целост ги поразила Турците кај Тендра. Во текот на војната турската армија не успеала да извојува дури ни локална победа над руските војници, на чие чело стоеле А.В. Суворов и адмиралот Ф.Ф. Ушаков. Мировниот договор од Јашија потпишан во 1791 година ја потврдил припадноста на Крим и на Очаково на Русија и воедно ја дефинирал новата руско-турска граница по должината на реката Днестар.

Војната од 1806-1812 година е единствената руско-турска војна што не ја објавила Русија. Згора на тоа, во предвоените години овие две држави биле сојузнички сили, а сојузот бил реакција на Наполеоновите војни. На ваквата алијанса се чудел дури и државниот канцелар, кнезот А.А. Безборотко. Тој рекол: „Требаше на светот да се појават накази како што се Французите, па да се направи нешто за кое никогаш не сум се надевал дека ќе го видам не само во моето министерство, ами и во својот живот, а тоа е нашиот сојуз со Високата порта. Повод за војната било тоа што Турците го симнале од власт господарите на Молдавија и Влашка кои биле наклонети кон Русија. Русија претходно била загрижена поради заострувањето на француско-руските односи и долго време против Турција не преземала никакви воени дејствија. Но, со текот на времето станувало сè појасно дека Французите во брзо време ќе ја нападнат Русија, па затоа Кремљ решил брзо да го реши проблемот на своите јужни граници. Успешната воена кампања на рускиот фелдмаршал М.И. Кутузов ги принудила Османлиите да се откажат од Бесарабија во корист на Русија, што било потврдено со Букурешкиот мировен договор од 1812 година.

Руско-турската војна 1828-1829 година претставува пресвртница не само во билатералните односи на Руската и на Османлиската империја, туку и во историјата на Балканот. Војната ја објавила Русија во 1828 година поради одбивањето на Портата да ги исполни претходните договори. Во оваа војна Русија била мошне успешна на балканскиот и на јужнокавкаскиот фронт. Според мировниот договор од Едрене од 1829 година на Русија ѝ припаднал поголем дел од источниот брег на Црното Море со градовите Анапа и Сухуми, како и од брегот на Дунав. Османлиското царство ја признало доминацијата на Грузија и над подрачјето на денешна Ерменија, а исто така ѝ дало автономија на Србија. Кога станува збор за балканскиот регион во целост „едренската епоха“ донела брз економски, политички, социјален и културен развој на сите христијански области. Времето по војната 1828-1829 во историографијата го има добиено називот „Балканска преродба“.

Во годините на Кримската војна 1853-1856 руско-турскиот фронт бил еден од најважните, но не и решавачки. Руските трупи на Кавказ успеале неколку пати да ја поразат турската армија и да го заземат Карс. Но, дипломатската изолација ја принудила Русија да го потпише Парискиот мировен договор кој за неа бил крајно неповолен, со оглед на тоа што предвидувал предавање на јужна Бесарабија и устието на Дунав на Османлиското царство, а исто така и да признае „неутрализација“ на Црното Море. Во текот на сто години што ги дели Наполеоновите војни од Првата светска војна, Кримската војна била единствен судир од европски размери во која учествувале Русија, Велика Британија, Турција, Франција и Сардинија, а на дипломатско поле и Австрија.

Руско-турската војна 1875-1878 била дел од Големата источна криза 1875-1878, предизвикана од зголемувањето на националноослободителното движење на балканските народи на кои Русија им дала безрезервна помош. Во крвавите воени дејствија руската армија го зазело превојот Шипка во Бугарија и се приближила до Константинопол, но големите западни сили ѝ се заканиле на Русија со војна, па така извршиле притисок и го принудиле Санкт Петербург на отстапки. Берлинскиот договор од 1878 година наложил на Русија да ѝ се врати јужниот дел на Бесарабија и да ѝ се предадат тврдините Карс, Ардаган и Батуми. Освен тоа, на барање на Србија признаена е независноста на Србија, на Црна Гора и на Романија, Османлиското царство добил удар од кој повеќе не можело да закрепне. Американскиот историчар со турско потекло Кемал Карпат своевремено истакнувал дека „отоманско-руската војна 1877-1878 нанела смртоносен удар врз традиционалното Отоманско општество и отворила пат за развој на Турците како национална група која има сопствено политичко лице“.

Во Првата светска војна руско-турскиот фронт не бил приоритетен. Руските трупи на Кавказ успеале да ги заземат Ерзурум, Трапезунт и Битлис. За време на Персиската кампања 1914-1916 руската армија ги потиснала турските трупи од Персија. Но, револуцијата во Русија фактички довела до прекин на воените операции.

По завршувањето на Првата светска војна токму Русија меѓу првите ја признала турската граѓанска власт на Мустафа Кемал Ататурк. Со мировниот договор што со Турција во 1921 година го потпишале Советска Русија и Јужнокавкаските републики, Карската област ѝ е вратена на Турција, а во состав на Грузија останал округот на градот Батумија, каде според договорот е создадена Анџарската Автономна Советска Социјалистичка Република.

Во Втората светска војна Турција била неутрална, но во 1952 година стапува во НАТО. Но, ова не влијаело негативно на советско-турските односи. Во мај 1953 година властите на Советскиот Сојуз објавиле соопштение дека „владите на Ерменија и на Грузија сметаат дека можат да се откажат од своите територијални претензии кон Турција“. Притоа „Советската власт смета дека може да се осигури безбедност на Советскиот Сојуз од правец на теснецот под услов кои се подеднакво прифатливи како за СССР, така и за Турција“.

Треба да се има предвид и фактот дека одлуката на претседателот на САД Џон Кенеди да размести американски ракети со среден дострел во 1961 година во Турција предизвикала одговор на Советскиот Сојуз за разместување на советски ракети на Куба, а со тоа ја предизвика и „Карипската криза“.

Пјотр Искендеров е кандидат на историски науки, постар научен соработник на Институтот за славистика при Руската академија на науките.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња