Седум неосвојливи тврдини и градови кои Русите сепак ги освоиле

Тврдината Бендери

Тврдината Бендери

Legion Media
Во историјата на руското војување вистински бисери се тврдините Измаил, Ерзурум и Кенигзберг. Тоа се градови кои биле многу добро чувани, но руската војска успеала да ги заземе, зачувувајќи ги притоа животите на илјадници свои војници.

1. Орешек (1702)

Опсадата на тврдината Орешек (шведски Nöteborg) во близина на изворот на Нева за време на Северната војна (1700-1721) е едно од првите сериозни искушенија на руската армија која ја формирал императорот Петар Велики.

Руската војска била мошне побројна од шведскиот гарнизон (12.500 Руси против 450 Швеѓани), но битката била тешка и крвава. Швеѓаните се предале дури по 13 часа борба и го добиле почесното право слободно да излезат и да заминат во друга шведска тврдина. Во одбраната изгубиле 200 луѓе, додека Русите во нападот изгубиле над 500 свои војници.

2. Бендери (1770)

Опсадата и заземањето на турската тврдина Бендери беше еден од клучните настани на Руско-турската војна (1768-1774) која ѝ овозможи на Русија да ја преземе контролата над регионот на Молдавија. По двомесечна опсада 33.000 руски војници на чело со генералот Пјотр Панин на 16 септември 1880 година тргна во офанзива на турскиот гарнизон кој броел 12.500 војници.

Артилерискиот истрел предизвикал пожар во тврдината што во голема мера го олеснило нејзиното освојување. Кога Русите ги совладале бедемите и продреле во тврдината, битката гради в гради траела цела ноќ. Турците изгубиле 7.000 луѓе, додека руската војска изгубила 1.700 војници, и тоа биле нејзините најголеми загуби во оваа војна.

3. Измаил (1790)

Измаил била една од најмоќните тврдини на Османското царство. Се наоѓала на брегот на Дунав, на стратешки важното подрачје Буџак во близина на Црно Море. Се сметало дека оваа тврдина не може да се освои. Гарнизонот броел 35.000 луѓе. Во тврдината имало 260 артилериски оружја. И покрај тоа, руската војска ја опколила и ја освоила тврдината на 22 декември 1790 година. Тоа била важна победа во Руско-турската војна (1787-1792).

Командантот Александар Суворов имал помалку војници од непријателот (31.000), но успеал ефикасно да ја нападне тврдината истовремено од три правци од кои едниот бил Дунав, што за Турците било неочекувано.

Турските загуби биле огромни. Загинале 26.000 војници на Измаилскиот гарнизон, додека Русите изгубиле 2.000 луѓе.

4. Пшемисл (1915)

Најдолгата опсада во Првата светска војна бил обрачот околу австроунгарската тврдина Пшемисл. Русите ја држеле под опсада од 17 септември 1914 до 22 март 1915 година.

Тврдината била одлично подготвена за опсада. Гарнизонот броел 130.000 војници, на 44 положби биле поставени современи хаубици со калибар од 150 милиметри и минофрлачи со калибар од 210 милиметри. Руската војска броела над 300.000 луѓе.

Руските офанзиви не родиле со плод, како ни обидите на војниците на Австро-Унгарија да се ослободат од опсадата. Ситуацијата се сменила кога Русите донеле тешка артилерија. Под неподносливиот артилериски оган и без соодветно снабдување австроунгарскиот гарнизон на 18 март го извршил последниот обид за пробив. Во тој обид Австро-Унгарија изгубила 4.000 војници. Се предале по четири дена.

За време на оваа опсада Русија изгубила 115.000, а Австро-Унгарија 86.000 војници.

5. Ерзурум

Ерзурум била главната база на турската војска на Кавказ. Тоа била долга линија на утврдување во непристапни планини. Руската армија под команда на генералот Николај Јуденич го држела Ерзурум под опсада зимата 1916 година. Кога генералот Јуденич сфатил дека тврдината не може да биде освоена со директна офанзива решил да примени итроштина.

Ноќта наспроти 11 февруари, за време на една силна снежна бура, руската војска тргнала во офанзива во зимска маскирна униформа. Турските бојници не ги гледале добро Русите, пукале на тепка и често не погодувале. Така руските војници успеале да дојдат до ѕидините и почнале да заземаат една по една утврдена положба сè дури Ерзурум не паднал на 16 февруари.

Во целата оваа зимска кампања руската армија изгубила 2.300 борци, додека Турците изгубиле 66.000 војници. Со освојувањето на оваа тврдина Русите го отвориле патот кон срцето на Османското царство.

6. Кенигзберг (1945)

Кога на 6 април 1945 година започнала советската офанзива на Кенигзберг, градот веќе бил претворен во силна тврдина со 17 утврдени положби, со многубројни митралески гнезда, подземни воени фабрики, арсенали и складишта. Силите биле приближно еднакви: 137.000 советски војници против 130.000 припадници на германскиот гарнизон.

Најпрво советската авијација ги неутрализирала главните жаришта на отпорот, а потоа копнените единици тргнале во офанзива која траеле четири дена. Офанзивните единици напредувале чекор по чекор со поддршка на артилеријата која отворала оган на останатите делови од градот. Германскиот гарнизон бил на крајот од силата кога е заземено пристаништето и железничката станица, и кога е крената во воздух важната пруга Кенигзберг-Пилау. Германците се предале на 9 април.

Советските единици го зазеле Кенигзберг со релативно мали загуби – загинале 3.700 советски војници, додека Германците загубиле над 42.000 луѓе.

7. Берлин (1945)

Најважното упориште кое Русите некогаш го зазеле бил Берлин во 1945 година. Германските единици го претвориле градот во мошне моќна тврдина која не може да се освои.

Улиците биле блокирани со барикади високи четири метри, куќите биле претворени во утврдени позиции, насекаде биле поставени бункери. Бранителите интензивно го користеле берлинското метро за скриени маневри и за заштита од авионски и од артилериски напади.

Главниот град на Третиот рајх го бранеле над 120.000 германски војници и доброволци. Советската армија заедно со Полската народна армија имале четирипати повеќе војници (460.000), но не можеле во целост да ги применуваат тенковите и оклопните единици во тесните берлински улици.

Жестоките борби започнале на 25 април, а завршиле на 2 мај кога гарнизонот под команда на генерал Хелмут Вајдлинг се предал. Советската војска изгубила над 100.000, а германската околу 75.000 војници.

Сте чуле ли за тврдината во Русија која има „Порта на Судниот ден“?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња