На Крим пронајдени гробници на руски војници загинати во војната против Турција

Централен музеј на Таврида
Гробници на војници и офицери на руската војска од времето на освојувањето на Крим во текот на Руско-турската војна од крајот на 18 век се пронајдени при ископувања на северот на Крим.

Како што истакнува директорот на Централниот музеј на Таврида Андреј Маљгин, се работи за први големи гробишта на руски војници откриени на полуостровот.

Истражувачите од организацијата „Сеќавање на Перекоп“ во текот на август и септември 2017 година на просторот на запуштената викенд населба кај селото Перекоп пронајдоа неколку десетици гробни јами со посмртни остатоци од руско-турската војна од втората половина на 18 век. Пронајдени се монети, копчиња, крстчиња, иконки и куршуми, кои помогнаа за датирање на наоѓалиштето.

Самите истражувачи беа изненадени, затоа што трагаа по советски војници од времето на Големата Татковинска војна.

„Излезе дека се работи за големи и денес единствени гробишта на војници и офицери на втората армија на кнезот Долгоруков од периодот на освојувањето на Крим во војната од 1768 до 1774 година“, рече Маљгин.

Во заедничките гробници се пронајдени посмртни останки од едно до 30 лица, а вкупно се закопани 831 војник. Артефактите се испратени во Централниот музеј на Таврида. Според зборовите на директорот на музејот, се работи за закопување кое повеќе има санитарни отколку ритуални обележја, затоа што распоредот на гробниците е хаотичен, а на многу костури се наоѓаат траги од насилна смрт, исеченици, заглавени турски куршуми, додека во една гробница покрај седум целосни скелети се наоѓаат и четири отсечени глави.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња