„Пријател на децата“: Морничавата тајна на популарната фотографија на Сталин со советско девојче

Јосиф Сталин ја држи во рацете Геља Маркизова (1936).

Јосиф Сталин ја држи во рацете Геља Маркизова (1936).

Михаил Калашников/Sputnik
Јосиф Сталин ја држи во рацете Геља Маркизова (1936). Во Следните две години нејзините родители се убиени за време на Сталиновите чистки.

На фотографијата на која Јосиф Сталин држи мало девојче со букет цвеќе советскиот лидер е прикажан како добар водач. Ова, меѓутоа, воопшто не ѝ помогнало на Енгелсина Маркизова, девојчето со кое се сликал Сталин – нејзините родители се убиени за време на Големата чистка во текот на триесеттите години од минатиот век.

„Во иднина секој ќе биде познат по 15 минути“, изјави Енди Ворхол во 1968 година. Токму тоа се случило многу порано, уште во 1936 година со Енгелсина Маркизова, советско девојче од Бурјатија. Таа ги доживеала своите „15 минути“ популарност кога се појавила на фотографија со советскиот водач Јосиф Сталин. Но, не уживала долго во тоа.

Средба со водачот

Таткото на Енгелсина Ардан Mаркизов бил убеден комунист. На својата ќерка ѝ го дал името според Фридрих Енгелс, а на сина си му дал име Владлен во чест на Владимир Ленин. Маркизов бил успешен советски функционер. Тој во 1936 година бил народен комесар за земјоделство во далечната Бурјатко-монголска Автономна Советска Социјалистичка Република на Сибир.

Ардан Маркизов

На Маркизов му била укажана голема чест да отпатува во Москва со официјална бурјатско-монголска делегација на средба со Сталин, но сите почести од таа средба ги „собра“ неговата ќерка.

„И јас сакав да го видам Сталин и го преколнував татко ми да ме одведе, но тој беше против тоа“, зборуваше Енгелсина по неколку децении. „Ти не си член на делегацијата, кој ќе те пушти?“, ѝ одговорил татко ѝ. Но, мајка ѝ била на страната на ќерката.

За чудо, на децата им било дозволено да влезат во Кремљ без посебна дозвола и затоа Маркизов ја повел ќерка си. Во еден момент на девојчето му здодеале бескрајните говори на функционерите за успесите што ги бележат нивните колективни земјоделски стопанства, и таа решила да го гушне советскиот водач.

„Зедов два букета и тргнав во президиумот со намера да му го подарам цвеќето“, изјави Маркизова. Сталин беше зачуден, но се израдува. Го зеде девојчето и ја качи на столот иако беше обуена. Маркизова му го даде цвеќето и го прегрна, а новинарите тоа го фотографираа.

„Икона на среќното детство“

Јосиф Сталин прима букет од Енгелсина (Геља) Маркизова.

Енгелсина (Геља) се сеќава дека Сталин ја прашал: „Ти се допаѓа ли часовникот?“ Храбро одговорила „Да“. Тогаш советскиот лидер ѝ го подарил златниот часовник, а на нејзиното семејство му подарил грамофон. Тоа не биле единствените подароци за Геља.

Анатолиј Алај, режисер на незавршениот филм „Сталин и Геља“, го цитира главниот уредник на весникот „Правда“ Лев Мехлис: „Бог ни ја испрати таа мала Бурјатка. Од неа ќе направиме икона на среќното детство“. Тоа и се случило. Фотографијата на Сталин и Геља (која веднаш го доби називот „Пријател на децата“) е објавена во сите весници и стана своевиден хит.

„Следниот ден кога влегов во предворјето на хотелот ме чекаа куп играчки и други подароци... А кога се вратив дома во Улан Уде бев пречекана како што подоцна ги пречекуваа космонаутите“, раскажува Маркизова. Познатиот вајар Георгиј Лавров има извајано споменик кој е посветен на Сталин и Геља. И овој споменик стана популарен. На сите страни се зборуваше за Геља, но тоа не траеше долго.

Неповрат

Идилата траеше една и пол година, а заврши во 1937 година кога Ардан Маркизов, убеден комунист кој го обожаваше Сталин, беше уапсен. „Тато беше уверен дека станува збор за грешка и дека ќе се врати“, се сеќава Геља. Обвинет е за шпионажа во полза на Јапонија и стрелан е во јуни 1938 година. Ќерката му пишувала на Сталин и го преколнувала да го поштеди татко ѝ, но ништо не помогнало.

Водачот беше далеку, не одговарал, а животот на Геља одеше во неповрат. Властите ја уапсија и нејзината мајка Доминика и ја испратија во Казахстан каде во 1938 година под мистериозни околности е пронајдена мртва.

Маркизова сметаше дека и нејзината мајка е убиена. Шефот на локалната разузнавачка служба му напишал писмо на началникот на разузнавачката служба на Сталин Лаврентиј Берија во кое ја изразува својата загриженост поради тоа што Доминика може да се извлече, користејќи ја „врската“ на ќерка си со Сталин. „На тоа Берија со сино пенкало напиша одговор: ДА СЕ ЕЛИМИНИРА“, раскажува Енгелсина.

Геља исто така беше оддалечена од тогашниот медиумски простор. Од една страна Сталин не можеше да позира на фотографија со „ќерката на народниот непријател“, а од друга, не можеше да се уништат сите весници и скулптури. Затоа властите го променија името на девојчето, без да го сменат нејзиниот лик. Оттогаш на сликите и на спомениците таа се викаше Мамлакат Нахангова, позната млада пионерка. Името на Енгелсина Маркизова беше избришано насекаде.

Друг живот

Енгелсина Маркизова, 1989. Плакат со саркастичен коментар: „(Сталин-) пријател на децата и убиец на нивните родители!“

Енгелсина Маркизова, 1989. Плакат со саркастичен коментар: „(Сталин-) пријател на децата и убиец на нивните родители!“

Како деветгодишно сираче Енгелсина се преселила во Москва каде живеела со тетка си и го носела нејзиното презиме Дорбеева. „Живеев како обичен советски граѓанин...“ изјави еднаш. Геља се мажеше двапати, работеше како ориенталист и стручњак за Камбоџа. Почина во 2004 година, неколку недели откако Анатолиј Алај почна да го снима филмот за неа. Имаше 75 години.

„Дури кога луѓето почнаа да се враќаат од логорите и кога е откриена вистината за периодот на владеењето на Сталин, јас сфатив кој бил тој“, изјави таа, сеќавајќи се како плачела кога умрел водачот, како што плачеа многу граѓани на СССР.

Прочитајте уште: Советската принцеза и индискиот раџа: кого сакала ќерката на Сталин

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња