Сталин против ционистите: Како се прогонети советските Евреи по Втората светска војна

Sputnik
На почетокот на Студената војна, од крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите години од минатиот век, Јосиф Сталин сметал дека советските Евреи се внатрешен непријател против кого треба да се бори.

На 13 јануари 1948 година на улиците на Минск (тогашен СССР, сегашна Белорусија) пронајдено е искасапено тело на 57-годишен Евреин. Тоа бил Соломон Михоелс, уметничкиот директор на Московскиот државен еврејски театар. Тој бил познат надвор од СССР по тоа што беше на чело на Еврејскиот антифашистички комитет, невладина организација основана во 1942 година. Неговата смрт не беше несреќен случај.

Неколку недели претходно, во декември 1947 година, Сталин му наредил на министерот за државна безбедност Виктор Абакумов да испланира и тајно да реализира убиство на Михоелс. Агентите на Абакумов ја начекале жртвата на пат за Минск и ја прегазиле со камион, а телото го оставиле на улица за да изгледа како несреќен случај.

Еврејскиот антифашистички комитет, група еврејски уметници, писатели и музичари потпишуваат повик до сите Евреи во светот да се приклучат на борбата против Хитлер и фашизмот, 1941. Михолес е во средина.

Еврејскиот антифашистички комитет, група еврејски уметници, писатели и музичари потпишуваат повик до сите Евреи во светот да се приклучат на борбата против Хитлер и фашизмот, 1941. Михолес е во средина.

За пресуда е доволен сомнеж

Михолес падна како жртва на Студената војна која земаше сè поголем замав. Набргу по завршувањето на Втората светска војна, тензијата помеѓу СССР и неговите поранешни западни сојузници станува сè поголема. Како што во едно интервју изјави историчарот Генадиј Костирченко кој се занимава со проучување на советската политика кон Евреите „Сталин се посомневал дека во СССР постои 'петта колона' на прозападно ориентирани кругови на кои можеби припаѓаат еврејските националисти“.

За овој сомнеж не постоеле докази, но на апаратот на Сталин му било повеќе од доволно што Михолес како шеф на Еврејскиот антифашистички комитет имал големи можности зашто во 1943 година патувал по Северна и Латинска Америка, собирајќи пари за СССР (собрани се околу 10 милиони американски долари) и имал многу контакти со Западот. Поради тоа Сталин сметал дека тој е опасен човек, објаснува Костирченко. Кон крајот на 1947 година деновите на Михоелс биле одбројани, исто како и на неговиот комитет.

Во тоа време Сталин и неговите соработници никогаш не објавувале официјална кампања против некоја конкретна нација. „Тие во печатот главно ги користеле изразите како што се 'внатрепартиски космополити', односно 'оние што му се приклонуваат на Западот'. Но, кога подоцна се истражени списоците со презимиња, излегло дека сите тие биле Евреи“, вели Костариченко. На сите им било јасно кои се тие „космополити“.

Советските Евреи на тапет поради Израел

За разликата од Големата чистка на Сталин во триесеттите години од минатиот век во која се убиени многу луѓе, неговата кампања против „космополитите“ започнала речиси невино и главно се сведувала на критики во весниците и на отпуштање функционери. Тогаш единствен исклучок бил кутриот Михоелс. Подоцна ситуацијата се изменила.

Соломон Михоелс

Ставот на Сталин против Евреите се влошил откако Израел, кому СССР в 1948 година му помогнал да стане држава, решава да биде сојузник на Соединетите Американски Држави. Советскиот лидер бил разочаран и стравувал дека ционистите во Советскиот Сојуз ќе станат помоќни. Поради тоа никогаш не им дозволил на советските Евреи да се вратат во Израел и решил да го уништи комитетот кој служел како врска помеѓу Евреите во СССР и нивната дијаспора во целиот свет.

Ноќ на убиените поети

Кон крајот на 1948 година властите го распуштиле комитетот. Започнати се судски постапки кои траеле до 1952 година. Петнаесет клучни членови на организацијата се обвинети за предавство и за соработка со американската разузнавачка служба. Тајната полиција без двоумење пристапила кон мачење. „Секој ден ме тепаа со пендрек, а кога ќе паднев ќе продолжеа да ме тепаат со нозе“, вака ги опишува сослушувањата еден од уапсените.

Во времето на Сталин признавањето добиено со мачење било доволно за судска пресуда. Од 15 обвинети, 13 се осудени на смрт. Тајно се стрелани на 12 август 1952 година. Во еврејската заедница овој датум е познат како „Ноќ на убиените поети“ зашто помеѓу стреланите имало и поети кои пишувале на иврит и на јидиш. Три години советските официјални лица ја негираа смртта на овие луѓе, велејќи дека едноставно „исчезнале“.

Ненадејно олеснување

Набргу потоа, кон крајот на 1952 година, се појави нов „случај“. Група угледни московски лекари, главно Евреи, беа обвинети за обид за убиство на советскиот лидер со погрешна терапија.

„Сè започнало со писмо што било испратено пет години претходно, во кое се наведува дека комисија кремљски лекари можеби му препишале лоша терапија на министерот на Сталин Андреј Жданов“, вели Генадиј Костирченко. Сталин тогаш го игнорирал писмото, но подоцна го искористил како дополнителна причина за прогон на „космополитите“.

Полицијата уапсила неколку десетици лекари обвинети за „ковање ционистичка завера“, иако сите тие не биле Евреи. За првпат официјално е споменат „ционистички“ случај по што печатот почнал интензивна кампања против Евреите.

Сè уште не е јасно што планирал Сталин тогаш да прави со Евреите. Љубов Вовси, чиј татко тогаш бил уапсен, раскажува дека во „Москва се ширеле гласови дека сите Евреи ќе бидат испратени на рускиот Далечен исток“. Овие гласови веројатно биле преувеличени зашто властите не извршиле никаква подготовка за такво нешто, сметаат историчарите. Како и да е, сите уапсени луѓе биле во тешка ситуација и само смртта на Сталин на 5 март 1953 година им донела олеснување. Следната „гарнитура“ која дошла на власт ја прекинала антиеврејската кампања. Сите лекари се вратиле дома живи и биле ослободени од сите обвиненија.

Звучи парадоксално, но политиката на Сталин против Евреите не била секогаш толку сурова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња