Најстарата тврдина во Русија, позната под називот Нарин-Кала, се наоѓа во Дербент, во претежно муслиманската република Дагестан. Најголемата тврдина на северен Кавказ ја подигнале Персијците во 6 век кога со градот владеело Сасанидското царство. Постојат неколку верзии за значењето на името на тврдината. Најпопуларната е она според која Нарин-Кала на турските јазици значи „сончева тврдина (кале)“.
Нарин-Кала била дел од огромен фортификациски комплекс познат како Даг-Бари („планински ѕидини“), кој опфаќал ѕидини долги над 40 километри од морскиот брег до планините. Даг-Бари требало да ги заштити западна Азија и јужен Кавказ од северните номадски племиња.
Велат дека за изградбата на Даг-Бари е потрошено седумпати повеќе материјал одошто за подигањето на Големите пирамиди во Гиза. Според легендата, 10.000 војници, 6.000 работници и 300 архитекти вложиле голем напор за да го создадат овој импресивен комплекс. Персискиот шаханшах (кралот над кралевите) Хозроје Први дошол во Дербент за лично да ја надгледува работата.
Но, освојувачите подоцна стигнувале од спротивниот правец. Во 8 век Дербент потпаднал под власт на Омеанскиот калифат. Арапите исто така ја ценеле положбата на Нарин-Кала и ја користеле тврдината како еден од главните центри за ширење на исламот на северен Кавказ.
Моќната тврдина со ѕидини широки три и високи 20 метри преживеала низ многуте бурни векови и надминала бројни промени на власта во регионот, како и разорните инвазии на Селџук и на Тамерлан. Останатите делови на Даг-Бари, а пред сè долгите ѕидини, немале толку среќа и биле трајно уништени.
Во периодот од 17 до 19 век овој регион бил еден од носителите на врската помеѓу руското и персиското царство. Во 1913 година, по бројните војни, Дербент и тврдината Нарин-Кала станале дел од Русија.
Некои градби во тврдината се едноставни. Древната христијанска црква од 4 век Арапите ја користеле како резервоар. Резервоарот бил поврзан со извор и ѝ овозможувал на тврдината да преживее долготрајна опсада.
Остатоците од луксузните палати, благородничките куќи и амами укажуваат на стандардот на животот и на комфорот во кој уживале жителите на Нарин-Кала.
Едно од најинтересните места во тврдината е таканаречената „Порта на Судниот ден“ која е составена од остатоци од исламското култно место. „Портата“ е подигната во 10-11 век, а се верувало дека тоа е премин во небесниот свет. Средновековните мистици биле уверени дека на ова место може да се слушне гласот на Алах.
Древниот град Дербент може да биде горд поради многу причини. Недалеку од тврдината Нарин-Кала се наоѓа и најстарата џамија во Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче