Јуриј Гагарин загина пред точно половина век, на 27 март 1968 година, при тренажниот лет заедно со копилотот Владимир Серјогин, кога нивниот школски ловец МиГ-15УТИ се урна недалеку од селото Новоселово во Владимирската област, 65 километри од аеродромот Чкаловски од каде полетаа.
Според официјалната верзија, до трагедијата дошло откако по неуспешниот остар пилотски маневар авионот паднал во виор поради „изменетата ситуација во воздухот“ и се урнал. Што точно го предизвикало тој маневар истрагата не успеа да открие, пренесуваат медииумите.
Според зборовите на Миронов, во близината на зоната на летот на авионот на Гагарин и Серјогин задача извршувал и МиГ-15УТИ со кој управувал пилотот Андреев. Како што истакна експертот, ловецот на Гагарин се нашол во суперкритичен режим на летање поради маневарот со кој се обидел да го избегне МиГ-15 кој одненадеж го забележал меѓу облаците.
Миронов тврди дека одговорот на прашањето за причините за несреќата на првиот човек кој полета во вселената го нашол детално читајќи ја првата редакција на дешифрираните фрагменти од комуникацијата преку радиоврска меѓу Гагарин и земјата.
На обраќањето на Гагарин во 10:29:57 „задачата во зона 20 завршена. Барам дозвола за курс од 320 степени“ контролорот на летовите (или неговиот помошник) веднаш одговорил: „Одобрувам“, очигледно без да го забележи на екранот на радарот опасното приближување на авионот на Гагарин и Серјогин и леталото на Андреев. Доколу контролорот на летовите си ја вршел својата работа, тој морал, откако ќе погледне на екранот на радарот, командата „Одобрувам“ веднаш да ја дополни со два збора „Без спуштање“. Меѓутоа зборовите „Без спуштање“ не биле изговорени, објаснува Миронов.
Тој нагласува дека во случај на правилна команда авионот на Гагарин ќе ги избегнел опасното приближување со авионот на Андреев и судбоносниот маневар за свртување.
Миронов нагласува дека стручњаците во текот на истрагата на несреќата не успеале да утврдат кој го следел радарот во моментот на трагедијата и бил должен да го регистрира приближувањето на ознаките на леталата.
Тој додава и дека во текот на истрагата свесно е работено на искривување на фактичката ситуација во времето на несреќата.
Претходно беше пишувано дека најверојатната причина за несреќата е маневар за избегнување на метеоролошки балон.