Кадар од документарниот филм „Првиот лет кон ѕвездите“. Јуриј Гагарин.
РИА Новости„Другари! Советската земја од денес стана брег на Вселената!“, на стариот плакат се насмевнува едно восхитено момче. Зад него се наоѓаат планети, Кремљ и ракета што лета кон небото. Во неговата рака има билет за „таму“, односно за космосот, и за „назад“ во татковината, во СССР.
Цели поколенија советски луѓе растеа со мислата за тоа дека тие се оние што „ќе го напишат летописот за покорувањето на Вселената“. Како се развива космичката индустрија во Русија денес и што се случи со мечтата за ѕвездите?
Летот на Јуриј Гагарин од 12 април 1961 година стана едно од првите грандиозни достигнувања на СССР во космосот. Но, додека целиот свет со огромна возбуда го набљудуваше првиот човек на орбитата, американските власти чувствуваа извесна тревога: ракетата-носач Р-7, која го лансираше во орбитата вселенскиот брод на Гагарин „Восток-1“, на почетокот беше проектирана за испорака на нуклеарни глави во САД.
Во тек беше Студената војна. Космосот беше сфера каде што наддржавите можеа една на друга да ѝ ја демонстрираат својата моќ и „да си ги покажуваат мускулите“, избегнувајќи отворен судир. Имено, во овој период во СССР беа издадени голем број плакати со космичка тематика. Космосот постепено стануваше инструмент за мотивација на пролетеријатот.
На почетокот од седумдесеттите години од минатиот век властите на СССР беа загрижени поради новоста за разработка на американски спејс-шатл. САД сакаа да направат квалитативен исчекор во областа на искористувањето на просторот околу Земјата во воени цели.
Во Советскиот Сојуз беа загрижени дека САД ќе ги применуваат своите вселенски шатлови за испорака на нуклеарно оружје и за грабнување на советските сателити. За да го спречат тоа, властите на СССР ги вложија сите сили во развој на космичката програма „Енергија-Буран“. За реализација на своите планови наддржавите потрошија огромни средства – околу 200 милијарди американски долари за програмата „Спејс-шатл“ и околу 16-17 милијарди американски долари за „Енергија-Буран“.
Целокупната ситуација се измени со перестројката, со распадот на СССР и со економските потреси во Русија од почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Со оглед на економските тешкотии беше запрен проектот за создавање на новата вселенска станица „Мир-2“, која требаше да ја замени „Мир“ (која беше потопена во 2001 година).
Во јуни 1992 година Русија и САД склучија спогодба за соработка во истражувањето на космосот. Роскосмос ѝ предложи на НАСА да се создаде Меѓународната вселенска станица (МВС), која на почетокот беше проект на САД, Канада, Јапонија и на Европската вселенска агенција.
Последниве неколку години астронаутите од сите земји летаат на МВС единствено со помош на рускиот вселенски брод „Сојуз“. Впрочем, минатата година приватните компании „Спејс Х“ и „Боинг“ од НАСА добија 6,8 милијарди американски долари за разработка на нов транспортен вселенски брод до крајот на 2017 година.
Членовите на Експедицијата 42 се одмораат по тренингот во Вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА и позираат за заедничка фотографија. Во првиот ред се астронаутите на НАСА командантот Бари Вилмор (лево) и Тери Виртс. Во задниот ред (од лево кон десно) руските космонаути Елена Серова Александар Самоукутјаев и Антон Шкаплеров, како и астронаутот Саманта Кристофорети од Европската вселенска агенција. Бил Стафорд/НАСА
Според првиот човек на Роскосмос, Игор Комаров, сега во вселената меѓу земјите царува целосно разбирање. „Без оглед на заострувањето на напнатоста на Земјата, на МВС се случува обратен процес. Ние разменуваме резултати од истражувањата и научна апаратура. Се договоривме со НАСА и со Европската вселенска агенција дека и понатаму заедно ќе ги развиваме научниот правец и пилотските програми“.
Згора на тоа, како што забележува Комаров, во иднината клубот на „космички држави“ само ќе се проширува. „За земјите што сега почнуваат да се занимаваат со космичките истражувања, вратите ќе бидат отворени“, забележува тој.
Кон крајот на март владата на Русија го одобри проектот за новата вселенска програма 2016–2025 година. Еден од нејзините приоритети е развојот на рускиот сегмент на МВС. Експлоатацијата на станицата ќе трае до 2024 година.
Според Комаров, Роскосмос го разгледува заедничкото освојување на Марс со НАСА и со ЕВС (проектот ЕкзоМарс). Сепак, во текот на следните 10 години Русија ќе се сконцентрира на проучување на околуземната орбита, на космичката радијација и на сончевата активност, а, исто така, и на подготовката за истражување на Месечината по 2025 година. Првиот Русин, според плановите на Роскосмос, ќе излезе на Месечината дури во 2030 година.
„Треба да решиме многу прашања пред да заминеме во далечниот космос. Продолжуваме да работиме на 'ЕкзоМарс' и уверени сме дека ќе ја реализираме втората етапа на мисијата во 2018–2020 година“, вели Комаров. Основните цели во блиска иднина се развој на орбиталната групација сателити за врска и далечинско сондирање на Земјата, а, исто така, и лансирање на нови космички апарати за научни истражувања.
Се чини дека плановите на Русија не се разликуваат според амбициите и големината. Вселенската програма за следните 10 години не предвидува дури ни создавање ракета од супертешка класа. „Ракетата-носач од средна класа Феникс, која треба да биде создадена до 2025 година, претставува прва етапа од почетокот на големиот пат до создавање ракета од супертешка класа, но во блиска иднина нема да работиме на неа. Зошто да ја правиме сега? За да кажеме дека сме ја направиле први? Ние одамна излеговме од пелени – некој е прв на Месечината, некој во вселената. Сега имаме други задачи, не ни се потребни тие младешки амбиции“, вели Комаров.
Впрочем, како што сметаат руските космонаути, уште сега е можно да се колонизира Месечината со постојната техника. „Во последно време човештвото направи пробив во разработката на нови материјали, како и во енергетиката. Ми се чини дека современата техника може да ја колонизира Месечината. Во секој случај, тоа е неопходно: ресурсите на Земјата порано или подоцна ќе секнат, а тоа ќе доведе до освојување на Месечината и на Марс“, смета космонаутот Олег Кононенко.
Во последниве години во Русија се појавија приватни космички компании. На пример „Даурија Аероспејс“ и „Спутник“ се занимаваат со разработка, конструирање и лансирање мали космички апарати.
„Кон ѕвездите“ се стремат и аматерите: тие бараат пари за своите космички проекти на краудфајндинговите платформи. На почетокот од 2016 година група ентузијасти-блогери на „Бумстартер“ собраа околу 29 илјади американски долари со цел да лансираат апарат на Месечината. Нивната цел е фотографирање на местото на кое се спуштил американскиот вселенски брод „Аполо“, како и на советските автоматски станици „Луна“ и „Луноход“.
Годинава руските научници од Машинскиот универзитет планираат да го лансираат минисателитот „Мајак“, кој е исто така изграден со парични донации од Интернет. Целта на проектот е „да се покаже дека космосот е близок и пристапен“, а, исто така, да се тестираат технологиите што можат да го решат проблемот со вселенскиот отпад.
Во средината на март приватната компанија „КосмоКурс“ од Роскосмос доби согласност за разработка на проект на мултитајм-систем за лет на туристи во космосот. „Барањата од туристите нема да бидат строги. Ќе треба да се минат медицински прегледи за сериозни заболување, како и испитување во центрифуга. Потоа ќе можеме да склучиме договор“, вели генералниот директот на „КосмоКурс“ Павел Пушкин.
Компанијата ќе ја спроведе првата екскурзија во 2020 година. Цената на билетот ќе изнесува помеѓу 200 и 250 илјади американски долари. Се чини дека многу години откако граѓаните на СССР почнаа да мечтаат, ѕвездите се, сепак, поблиски, но не за сите.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче