Како Црвената армија победи во Сталинградската битка: Три најважни фактори

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
На втори февруари се навршија 75 години од завршувањето на најкрвавата битка во историјата на човештвото. Таа го промени текот на Втората светска војна и ја принуди Германија да се повлече. Како нешто такво можеше да им се случи на нацистите? Тие се фалеа дека ја имаат една од најсилните армии на светот. Наведуваме три фактори благодарение на кои Црвената армија ја однесе победата во битката за Сталинград.

1. Силен советски отпор

Летото 1942 година беше речиси невозможно да се запре германската офанзива на Сталинград. Берлин тежнееше да го заземе градот по секоја цена и да го прекине руското снабдување по Волга, а особено снабдувањето на Москва со нафта од Кавказ. Советите ги мобилизираа сите свои ресурси за да ѝ се спротивстават на германската офанзива. Јосиф Сталин со желба да го подигне нивото на борбената подготвеност и дисциплината во армијата ја издаде Наредбата број 227. Тој обвини „определени глупаци на фронтот“ кои „самите себеси се тешат со приказната дека ние можеме да се повлекуваме понатаму на исток“ и изјави дека е дојдено време „да се заврши со повлекувањето“.

„Ниту чекор назад! Тоа треба да биде нашата главна парола.“

Во август повлекувањето запрело во близина на Сталинград. Тогаш се појавила и паролата „За нас не постои земја од онаа страна на Волга“. Градските власти ги повикале жителите на Сталинград да ја претворат „секоја зграда, секоја населба и секоја улица во тврдина што не може да се освои“. Тоа во голема мера е постигнато на тој начин што војската и жителите на Сталинград му дале на непријателот исклучително силен отпор.

Еден германски офицер подоцна вака ја опишува Сталинградската битка: „Непријателот држи под контрола определени територии на фабриката 'Красни Октјабр'. Главното гнездо на отпорот е Мартеновскиот погон. Заземањето на овој погон би значело дека Сталинград паднал... Авијацијата со недели ја бомбардира фабриката... Тука не е останато ништо читаво... Три часа (минаа), а се помрднавме само 70 метри! Во тој момент над фабриката е испукана најпрво црвена, а потоа зелена ракета. Тоа значи дека Русите тргнуваат во контранапад. Не сфаќам од каде им е таа сила на Русите. Првпат во текот на целата војна пред себе гледам задача која едноставно не може да се реши... Сега погонот е повторно во руски раце...“

2. Масовно јунаштво

Силниот советски отпор би бил невозможен без масовното јунаштво на бранителите на Сталинград. Медалот „За одбрана на Сталинград“ го добиле околу 760.000 советски војници. Над 100 војници се наградени со највисокото звање Херој на Советскиот Сојуз кое се дава за исклучителна храброст и пожртвуваност.

Куќата на Павлов, обична трикатница, стана симбол на отпорот на црвеноармејците во Сталинград. Ја бранеа само 24 луѓе, но Германците не успеаја да ја заземат во текот на тримесечната офанзива на градот. Василиј Чујков, еден од командантите на советската војска во Сталинград рекол дека Германците изгубиле повеќе луѓе обидувајќи се да ја заземат Куќата на Павлов одошто за време на заземањето на Париз.

Мамаевиот Курган е брдо кое доминира над градот и исто така е симбол на херојскиот отпор. Таму се водени особено жестоки борби. Оној што го контролира ова брдо, го контролира целиот град. Советските трупи ги бранеа своите позиции на падините на брдото за време на целата офанзива. Десетина илјади советски војници загинаа во борбите за оваа кота. По борбата излезе дека на Мамаевиот Курган има од 500 до 1.250 гелери на квадратен метар.

3. Германски грешки

Успехот на советската контраофанзива која започна кон средината на ноември беше делумно условен од грешките на германската команда. Прва грешка е тоа што Вермахтот го прецени својот потенцијал и што се обиде истовремено да изврши две офанзиви: една на Кавказ со цел да ја заземе азербејџанската нафта, а втората на Сталинград. Така Германците ги разретчија своите сили. Подоцна генерал-мајорот Ханс Дер ќе напише: „Сталинград треба да влезе во историјата како најголема грешка која војсководците некогаш ја направиле, како најголемо можно занемарување на живиот организам на сопствената армија кое некогаш го покажало раководството на една држава“.

Во ноември Германците направија уште една грешка. Во обид за го заземат Сталинград тие ги растегнаа своите позиции на крилата на стотина километри кога видоа дека по нивната офанзива Црвената армија нема доволно ресурси за да даде отпор. Лошата околност за Берлин беше во тоа што тие крила се состоеја од сојузничките единици – Италијанци, Унгарци и Романци, а тие војуваа полошо од Вермахтот. Началникот на Генералштабот на Вермахтот Курт Цајцлер подоцна велеше дека го предупредил Хитлер дека околу Сталинград „постои сериозна опасност која треба да се отстрани“. На тоа Хитлер му одговорил на Цајцлер дека е „очаен песимист“.

Како што истакнал Цајцлер, важно било и тоа што есента 1942 година борбената подготвеност на руските единици била многу поголема, а обученоста на нивните командири многу подобра одошто во 1941 година. Кога советската војска ја собрала целата потребна сила, на Црвената армија ѝ биле потребни само четири дена да ги разбие непријателските редови и да го стегне обрачот околу 300.000 германски војници.

Ако саката да дознаете повеќе за Сталинградската битка прочитајте ги мемоарите на тие што преживеале во овој трагчен настан во текстот Сталинградскиот пекол во мемоарите на неговите сведоци.