„Москва, предај се!“, викаа муџахедините, натпреварувајќи се во нападите врз положбите на советските падобрански единици, раскажува еден од учесниците во битката. „Муџахедините напаѓаа со ѕверска бруталност“, истакнува воениот историчар Виктор Воронцов.
Борбата за котата 3.234 започна на 7 јануари 1988 година околу 15 часот и 30 минути, а заврши дури околу полноќ. На котата имаше вкупно 39 војници кои ја држеа положбата и се бранеа од стотици муџахедини. Може да се каже дека советските војници се бореа како древните Спартанци.
Лути муџахедини
Котата беше стратешки многу важна и затоа нападите беа толку свирепи. Оној што ја држеше оваа положба можеше да контролира дел од важниот пат кон градот Хост во близина на пакистанската граница.
Со оглед на тоа дека градот беше во близина на границата, тој беше од особена важност за Пакистан и за САД, а овие земји ги поддржуваа муџахедините во борбата против советските трупи во Авганистан. Затоа беше извршен обид за преземање на контролата над оваа кота, и тоа на муџахедините делумно им успеа – и градот и околината извесно време беа под опсада.
Кон крајот на 1987 година советските трупи успеаја да го пробијат обрачот во операцијата „Магистрала“, а со овој напад муџахедините сакаа да се одмаздат.
„Црни штркови“ облечени во САД
Според ветеранот на авганистанската војна Виктор Добросељски, најопасните единици на муџахедините биле испратени на оваа кота која ја бранеа припадниците на деветтата чета на десантниот падобрански полк.
„Овој напад беше посебен по тоа што во него учествуваа припадниците на специјалните единици облечени во црни униформи. Се викаа 'Црни штркови'. Меѓу нив имаше и многу добро обучени војници – главно, секако, Пакистанци, зашто авганистанските муџахедини не умееја така да војуваат. Сега е сосема извесно дека „Црните штркови“ не ги обучувале само Пакистанците, ами и Американците“, вели Добросељски.
Најстрашниот момент
При нападот положбите на советските единици половина час беа изложени на артилериски оган. Потоа следуваа 12 пешадиски напади на муџахедините. Како што вели водникот Сергеј Борисов, сите напади биле добро организирани. Според него, најстрашен бил ноќниот напад. „Сè се запали од експлозијата на гранатите. Нè затрупаа со оган од сите страни... Муџахедините веќе ни се имаа доближено на 20-25 метри. Веќе пукавме директно во нив. Нè изненади што успеаја да ни пријдат на 5-6 метри и да фрлат бомба на нас. На крајот останавме без бомби и со само две рамки муниција. Немаше никој повеќе што би ги полнел рамките. Во овој страшен момент извидувачкиот вод ни дојде на помош.
Останаа само 5 војници кои можеа да се бранат, сите останати беа ранети. Извидувачкиот вод ѝ помогна на деветтата чета да се одбрани од последните напади. Загинаа вкупно 6 советски војници. Се смета дека од другата страна бројот на загинати можел да биде и 200.
Не би било можно да се задржи котата без помошта која стаса од полкот, како и без силниот и прецизен оган што го отвори руската артилерија. Координатите за артилериското оружје го даваше набљудувачот, а тие беа оддалечени на само 50 метри од ровот на советските падобранци.
Филмот нема многу врска со стварноста
Во 2005 година Фјодор Бондарчук дебитираше како режисер со филмот „Деветтата чета“ во кој овој настан е прикажан поинаку. Како што неодамна истакна „Росијскаја газета“, битката што е опишана во филмот нема многу врска со стварноста. „Не постои единица која командата ја заборавила и која речиси целата загинува, извршувајќи задача која нема практична смисла“, се вели во статијата.
Во филмот преживува само еден војник, а во реалноста загинаа 6 лица, сите останати преживеаја. Во филмот командантите ги оставаат на цедило војниците, а во стварноста командантот на полкот на неколку километри оттаму ја следел ситуацијата и испраќал зајакнување. Борбата не беше бесмислена, зашто котата беше од стратешко значење.
И покрај тоа што „во сценариото вистината е испревртена“, филмот е главно оценет во печатот, пред сè како уметничко остварување. Од друга страна, и тогаш, а и денес постојат такви што се обидуваат да сфатат зошто деветтата чета во филмот морала да биде прикажана како жртва на сопствената команда.