Советски војници пред заминувањето од Авганистан, 1989. Извор: РИА Новости.
Советската војска го напушти Авганистан на 15 февруари 1989 година. Последниот советски војник што го премина мостот преку реката Аму Дарја беше командантот на 40. Армија, генерал Борис Громов, кој тогаш ја изговорил прочуената реченица: „Зад мојот грб нема ниту еден советски војник“.
Разместувањето на советската војска во Авганистан започна во декември 1979 година, кога специјалните единици на КГБ со поддршка на единиците на војската го симнаа од власт комунистичкиот претседател Хафизула Амин, кој против волјата на Москва го интензивираше воведувањето на комунистичкото уредување во полусредновековната земја.
На почетокот на советските генерали им се чинеше дека мисијата во Авганистан ќе биде кратка и едноставна. Но, многу брзо прерасна во долготрајна и исцрпувачка војна. Советската војска започна борба против грст фанатици, а до 1989 година веќе се бореше против добро организираните бунтовнички војски, ззад кои стоеја ресурси од Запад, од арапските земји, па дури и од Кина. Ниту едно бунтовничко движење во целата човекова историја не добило странска поддршка од толкави размери.
Соседите се подготвуваат за колапс во Авганистан Амбасадорот на Руската Федерација во Таџикистан зборува за тоа што треба да се очекува по 2014 година. strong> |
Да се премине мостот што води кон Авганистан беше едноставно, но излезе дека е многу тешко човек да се врати.
„Највисокото раководство на земјата ја потцени сложеноста на ситуацијата во Авганистан. Сметаа дека присуството на воздушно-десантните сили и испраќањето неколку единици ќе биде доволно за да завладее мир насекаде, но, за жал, реакцијата беше поинаква. Причина за тоа беше слободољубивоста на авганистанскиот народ, но и интервенцијата на САД, кои на муџахедините им даваа исклучително голема помош. Во Авганистан сите почнаа да се вооружуваат и, во суштина, беше создаден светскиот тероризам на чело со Осама бин Ладен“, смета генерал-полковник Георгиј Шпак, командант на 350. гардиски падобранско-десантен полк, кој прв стапна на територијата на Авганистан. „Ни велеа дека ќе ја завршиме оваа задача и дека ќе се вратиме дома. Но, излезе дека останавме таму девет години“.
Советскиот амбасадор во Кабул, Фикрјат Табеев, летото во 1983 година изјави: „Во Кремљ е сега Андропов, а тој е свесен за сите бесмислености на нашето присуство во Авганистан. Наскоро сè ќе се смени“. Но, Андропов умре, а болниот Черненко не стаса да се занимава со војната и дури со доаѓањето на Горбачов на власт СССР почна да бара излез од авганистанската замка.
„Како да нè беа фрлиле во вжештена лава“, вели гардискиот полковник на Воздушно-десантните сили Владимир Савицки. Како и многу други советски војници, откако десет години помина во Авганистан, тој заклучи дека во оваа земја е „невозможно да се победи со оружје“. Притоа, архаичното авганистанско друштво ја отфрлаше идеологијата што ја донесе СССР. „Ние губевме во поглед на идеологијата, а таму религијата е мошне силно вкоренета. Всушност, таму не требаше да се воведува социјализмот“, смета офицерот.
Полковникот Савицки се сеќава дека во Авганистан мошне бурно реагирале на обидите за мешање во нивниот живот, но дека од советските војници со задоволство би прифатиле хуманитарна помош.
Ветеранот на специјалната единица „Алфа“ Сергеј Гончаров, кој исто така учествувал во операциите во Авганистан, ја потврдува изјавата на Савицки.
„Кога влегувавме во населбите што ги освојувавме со себе носевме лекари, кои народот ги нарекуваше 'табиби', и делевме продукти. Имавме сосема поинаков однос кон населението. Американците се однесуваат на поинаков начин. За нив тоа е територија што, едноставно, треба да се освои“, се сеќава Гончаров.
Американските војници го проучија советското искуство, но се најдоа во истата замка како и СССР, зашто Авганистанците еднакво непријателски се однесуваат кон безбожните социјалисти и кон западната демократија. За нив, исто така брзата операција против терористите, се претвори во повеќегодишна војна.
Дури и четвртина век подоцна во руското општество сè уште трае дискусијата за тоа каков став треба да се заземе кон авганистанската воена кампања.
Рускиот сојуз на ветераните од авганистанската војна има намера да му се обрати на претседателот на РФ со барање за ревизија на политичката оцена за влез на советската војска во Авганистан. Имено, Конгресот на народни пратеници на СССР во 1989 година оваа војна ја оцени како „катастрофална авантура“.
„Поминаа 25 години и тешко е да се суди за настаните од тие години, дали биле добри или лоши, но, ако ништо друго, верувавме дека се бориме за правда и не се сомневавме во тоа“, смета ветеранот на специјалната единица „Алфа“ Сергеј Гончаров.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче