Александар Керенски бил мошне истакнат пратеник на руската Државна Дима, долниот дом на парламентот. Својата најпозната изјава ја дал неколку дена пред Февруарската револуција во Русија во 1917 година:
„Историска задача на рускиот народ е веднаш да го урне средновековниот режим. Постои само еден пат за борба против оние што ги кршат законите, а тоа е нивно физичко уништување“. Овие зборови ги кажал помалку од две недели пред своето политичко воздигање. Шокирана од она што го кажал Керенски, царицата Александра Фјодоровна побарала да биде обесен. Но, тркалото на судбината наскоро се свртело, а нејзиниот живот и животите на нејзините најблиски наскоро станале мошне зависни од Керенски.
Александар Керенски е избран во Думата во 1912 година пред Социјалистичката револуционерна партија. Откако станал пратеник, Керенски се приклучува на Масонската ложа, што било многу популарно кај парламентарците од тоа време. Станал генерален секретар на Врховниот совет на Великиот Ориент на рускиот народ, мошне влијателна масонска ложа која обединувала многу влијателни политички фигури, од кои голем дел биле пратеници на Думата. Поради сево ова, и неговите тешки зборови упатени на сметка на царот и на царската власт, Керенски е осомничен за учество во масонска завера за уривање на монархијата и за ликвидација на царското семејство.
Керенски и востанието против царот
Можната масонска завера како главна „иницијална каписла“ на настаните од февруари 1917 година, претставувала мошне популарна теорија која е користена за да ги објасни причините за брзото уривање на царската власт. Долго време низ научните истражувања се провлекувала тезата за масонското влијание на Февруарската револуција. Според историчарот и соработник на Рускиот институт за стратешки студии (РИСИ) Пјотр Муљтатули, улогата на Керенски во настаните од 1917 година била мошне значајна поради неговите масонски врски во Русија и во странство.
Во февруари 1917 година, Керенски одиграл значајна улога во маргинализирање на царот и изгласување на оваа одлука во Думата. Тој исто така ги поздравил единиците кои се заколнале на верност на привремената влада, а бил и против идејата великиот кнез Михаил, брат на царот Николај, да дојде на рускиот престол.
Керенски исто така бил единствената личност која имала влијание во телата кои по Февруарската револуција учествувале во поделбата на власта: Привремениот комитет на Државната Дума (кој го лансира Керенски во владата) и Петроградскиот совет на работници и војници. Муљтатули тврди дека врз активностите на Керенски значајно влијание имале масоните, вклучително и на неговиот избор за министер за правда, односно подоцна во јули 1917 година за премиер. Преку Керенски масонското братство го одржувало и го ширело своето влијание.
Керенски и апсењето на Николај Втори
Муљтатули наведува дека Керенски бил клучна политичка фигура одговорна за апсењето на царот и на неговата сопруга по превратот во Петроград, како и за тоа дека токму тој ги спречил да ја напуштат Русија. Но, на нивното останување во Русија влијаеле и францускиот и британскиот амбасадор.
„Одлуката да се уапси царското семејство е донесена под силно надворешно влијание“, го цитира Муљтатули Павел Миљуков, друга важна фигура на Февруарската револуција, кој во привремената револуционерна влада ја извршувал должноста министер за надворешни работи. Миљуков исто така тврди дека британскиот амбасадор Џорџ Буханан имал огромно влијание на Керенски.
Постојат становишта дека Британија не сакала да прифати царот да остане на слобода поради неговите симпатии кон Германците искажани во средината на Првата светска војна. Поради тоа дипломатите притискале новата руска влада да направи нешто со царот Николај. Керенски самиот изјавил дека бил принуден да го задржи царското семејство во земјата зашто Британија не сакала да го прифати. Како министер за правда Керенски непосредно ја надгледувал ситуацијата со царското семејство од март до јули.
Префрлање на царот во Сибир
Ако улогата на Керенски во уривањето на монархијата не е баш јасна, истото не може да се каже за неговиот личен печат врз трагичната судбина на царското семејство. Кога во јули станал премиер, Керенски ги преселил Романови од Царское Село во сибирскиот град Тобољск, оправдувајќи го тој чин со фактот дека не се повеќе во состојба да им гарантираат безбедност во близина на Москва.
На почетокот на јули, во Петроград се побунуваат незадоволните војници и морнари, се носат болшевички транспаренти. Владата решила да го задуши ова движење, а самиот Керенски бил уверен дека царот би бил убиен веќе во 1917 година, доколку не се преселел на Сибир.
Керенски во своите мемоари тврдел дека иако одлуката за префрлање во Сибир ја донел министерскиот кабинет, Тобољск бил негов избор. Неговата оддалеченост „не ни даваше да се грижиме за некои спонтани инциденти“, наведува Керенски. Кон крајот на август царското семејство стасува во Тобољск и се сместува во куќата на поранешниот губернатор. Таму останува до 1918 година кога се префрла во Екатеринбург каде се брутално убиени на 17 јули.
Александар Керенски умрел во Њујорк во 1970 година. Најпрво руската, а потоа и српската православна црква го одбиле барањето на семејството Керенски да биде погребан во согласност со православните обичаи. На крајот Керенски е погребан во Лондон, на гробишта кои не припаѓаат на ниту една верска конфесија.