Хитлер имал намера, штом ја победи Црвената армија, да го претвори Советскиот Сојуз во низа комесаријати на Рајхот. Москва би завршила во веќе именуваната Reichskommissariat Moskowien. Зигфрид Каше, германски амбасадор во Хрватска, на 16 јули 1941 година бил именуван за иден рајхкомесар на подрачјето кое би ги опфаќало северна и централна Русија сè до Урал. Каше до крајот на војната го чекал моментот во кој германските тенкови би влегле во Кремљ. Погубен е на 7 јуни 1947 година, откако во Југославија бил осуден за воени злосторства.
Нацистички управници на Русија
На 16 јули 1941 година Хитлер ги изнел своите желби во врска со поделбата на источните територии што би ги добила Германија. Од Крим и поголемиот дел на јужна Украина би биле отселени сите жители. Балтичките држави, „колонијата на Волга“ и округот Баку исто така би му припаднале на Рајхот. Во Московскиот рајхкомесаријат би постоела уште низа помали генералкомесаријати. Страшниот Одило Глобочник, еден од најодговорните за убиството на милион луѓе за време на Холкаустот, би го водел генералкомесаријатот на Свердловск.
Волф Хајнрих Хелдорф, генерал на СС, шеф на берлинската полиција кој се збогатил со изнудување пари од Евреите во средината на триесеттите години од минатиот век, бил задолжен за поробување и протерување на жителите на Јарослављ.
Линија А-А
Нацистите претпоставувале дека Советскиот Сојуз дури и по освојувањето на главниот и на останатите големи градови не би бил во целост поразен и планирале да создадат граници на таканаречената „А-А линија“ (Архангељск – Астрахањ). Најголемата земја на светот на тој начин би изгубила 86 отсто од нафтените ресурси. А, за да се уништи преостанатиот производствен капацитет на СССР, требало да започне бомбардирање на Урал со специјално дизајнирани авиони за таа намена.
На својот роденден, 20 април 1943 година, Хитлер му го покажал на архитектот Алберт Шпер планот за новиот бункер за шест лица, опремен со автоматски пушки, противтенковско оружје и со фрлач на пламен. Диктаторот рекол дека на новата граница со остатокот од Русија би требало да бидат изградени стотини вакви утврдувања.
Москва под вода
Кога Германците ја започнале операцијата Тајфун кон Москва, Хитлер решил дека Москва, Ленинград (денешен Санкт Петербург) и Киев ќе бидат разорени, и дека ќе истреби четири милиони жители со цел да спречи каков било отпор. Москва би била потопена по отворањето на каналот Москва-Волга. Дали Хитлер планирал тоа да го направи без претходна евакуација на жителите? Сосема е можно.
За уништување на Москва во операцијата Тајфун бил задолжен Ото Скорцени, „најопасниот човек во Европа“, стручњак за посебни операции, кој во 1943 година ќе го ослободи соборениот Мусолини од заложништво. Негова задача била да ја крене браната во воздух.
Русија како „германска Индија“
Во разговорот одржан на 2 ноември 1942 година со данскиот министер за надворешни работи Скавениус, германскиот министер Рибентроп рекол дека азискиот дел на Русија по освојувањето на европскиот дел на СССР на крајот ќе биде претворен во низа „неважни селски републики“. Во иднина освоените територии би ги колонизирале германските доселеници или локалното малцинство. Од друга страна Хитлер наредил во иднина да се дозволува создавање на каква било држава источно од линијата А-А. На 16 септември 1941 година Хитлер му споменал на Ото Абец, германски амбасадор во Париз, дека територијата источно од Урал ќе стане „германска Индија“.
За среќа, ништо од наведеното не се случило. Воената машинерија на Хитлер не се покажала во борбата против Словените кои тој толку ги презирал, сметајќи ги за „подлуѓе“. Победата на Црвената армија ги запрела безграничните мегаломански експазионистички планови на нацистичкиот водач.