За родоначалникот на династијата Романови се знае малку у во Русија и надвор од неа. Просечниот Русин веројатно би се збунил кога би го запрашале за царот Михаил Први. За него во руските училишта се зборува малку.
Љубителите на историјата веројатно ќе ви кажат дека царот Михаил Романов се поврзува со крајот на Смутната доба во Русија. И навистина, тој во 1613 година стапил на царскиот престол. Со тоа е завршена Смутната доба која траела над десет години. Тоа бил период кога владетелите често се менувале, странците ја напаѓале Русија, а заведените табори предизвикувале внатрешни немири.
Роднински врски со Иван Грозни
На прв поглед необично е што токму Михаил бил избран за цар. Имал само 16 години и бил слабо познат, иако Романови биле стара московска бојарска фамилија. Најстариот познат предок на Романови бил Андреј Кобила од првата половина на 14 век.
Романови воделе потекло од династијата Рјурикович кои владееле со Русија од раниот среден век, а сестрата на дедото на Михаил Анастасија била првата и омилена жена на Иван Грозни. Тоа позитивно влијаело на репутацијата на Михаил.
Цар избран по демократски пат
Михаил на царскиот престол бил донесен од страна на Земскиот собор, прототип на денешниот парламент. Интересно е што во тоа учествувале и припадници на селанскиот слој. Овој собор во Русија бил повикуван секоја година, додека во тогашна Европа владеел систем на апсолутизам. На новата династија ѝ била неопходна општествена поддршка за повторно да ја подигне Русија, ослабена од многубројни војни и внатрешни немири.
Сè на сè Михаил е избран токму поради тоа што бил млад и речиси непознат. Моќните бојарски фамилии сметале дека тој ќе биде слаб владетел и тоа им оделе во прилог. „Ќе го избереме Михаил. Тој е млад и незрел“, забележани се зборовите на еден благородник.
Благ и љубезен владетел
Во текот на трите децении од своето владеење младиот цар успеал да ја одржи општествената хармонија и консензусот. Современиците сведочат дека Михаил бил добродушен и љубезен владетел – тоа било залог на неговиот успех. Историчарот Сергеј Соловјов смета дека токму тие особини го зацврстите авторитетот на царот кај народот.
Сепак, поголем дел од своето владеење Михаил не владеел сам. На почетокот владеел со мајка си Арфа, а кога неговиот татко Филарет се вратил од полско заробеништво, станале совладетели. Иако Филарет бил патријарх, во документите често му била додавана титулата „голема владетел“.
Не било лесно да се најде жена
Три години по крунисувањето во Кремљ било организирање избирање на царската невеста. Поради преголемото влијание на мајка си на царот му било тешко да ја избере идната царица.
Мајка му веќе имала во план една девојка, но Михаил се дрзнал да избере друга. Неговиот избор паднал на бојарската ќерка Марија Хлопова. По три дена Марија одеднаш се разболела. Докторите рекле дека нема да може да раѓа деца, па поради тоа била протерана од дворот, а подоцна излегло дека е сосема здрава.
По неколку години Михаил повторно организирал избирање невеста и по вторпат ја изненадил мајка си. И покрај мајчината желба, тој избрал девојка од скромно благородничко семејство и долги години живеел со неа во среќен брак.
Топови и ружи
Михаил многу ги сакал цвеќињата и ги носел дури од странство. За време на неговото владеење во Русија за првпат се појавиле ружи.
Од странство не доаѓале само ружи – царот сакал да започне индустриско производство, па и странците ги повикувал во Русија. Еден од нив бил и Андреј Виниус од Холандија, кој во близина на Тула започнал производство на челик и топови. Тула и денес е еден од главните центри за производство на оружје во Русија.
Некои историчари сметаат дека со увозот на западните технологии Михаил ја започнал европеизацијата на Русија, која го достигнала пикот во времето на неговиот внук Петар Велики.
Но, најважно достигнување од владеењето на Михаил било воспоставувањето поредок и обединување на земјата која за време на Смутната доба претрпела многубројни неволи.
10 важни факти за убиството на руското царско семејство