Првата жена на рускиот престол: Странкиња обвинета за маѓепсништво

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Катерина I била необична руска императорка. Не била Русинка и долго време не умеела дури ни да пишува на руски. Немала благородничко потекло, а на престолот дошла како воен трофеј. И покрај сето тоа, Петар Велики поминал со неа повеќе од 20 години и ѝ го оставил царството. Во тоа време некои луѓе го објаснувале нејзиниот подем до врвот со заведување на мажи и црна магија.

Сопругата на рускиот цар-реформатор Петар Велики била специфична, како и целото негово владеење, кое било преполно со постојани заложби за модернизација во насока на искоренување на традиционалниот руски начин на живот и воведување на западните обичаи.

Не е познато каде е родена првата руска царица Катерина I. Некои експерти велат дека е родена во Шведска, но повеќето експерти сметаат дека нејзина татковина е некоја балтичка земја - Естонија или (поверојатно) Летонија. Се смета дека за време на епидемија на чума, останала сираче кое го воспитал локалниот пастор. Била позната како Марта Скавронска и работела како перачка.

Трнлив пат до врвот

Подоцна, кога наполнила 17 години, се омажила за еден војник на шведската коњаница, кој, можеби, бил воен трубач. Некаде тоа време (1702) животот на Марта се променил драстично во Големата северна војна меѓу Русија и Шведска, кога руската армија го зазела местото каде што таа живеела. Марта била заробена и неколку пати префрлена од еден низок офицер до друг, сѐ додека не дошла во рацете на фелдмаршалот Борис Шереметјев.

Меѓутоа, дури ни тоа не била последната станица на нејзиниот необичен животен пат. Од Шереметјев ја презел Александар Меншиков, кој му бил десна рака на Петар Велики. Тој се заинтересирал за младата жена и ја зел за слугинка. Така таа од штабот на фелдмаршалот доспеала во одаите на миленикот на царот. Таму нејзе ѝ обрнал внимание лично Петар I. Таа и нему му се допаднала, па така тој ја презел од Меншиков.

Марта до крајот на животот била во добри односи со Меншиков. Велат дека нивното пријателство се засновало на сличното потекло. Имено, Меншиков исто така потекнувал од пониските слоеви на општеството. 

Лажлива убавина

Марта пред свадбата ја примила православната вера и на крштевањето го добила името Катерина. Кум ѝ бил Алексеј, синот на Петар од првиот брак. Оттогаш била со Петар сѐ до неговата смрт во 1725 година. Тие во меѓувреме се венчале, а потоа Петар I ја прогласил за царица. Положбата на Катерина била без преседан во руската историја, што ѝ овозможило да биде прогласена за владетелка по смртта на Петар.  

Сведоштвата за нејзиниот изглед се противречни. Според еден од нејзините современици, „таа се издвојуваше со убавината и високиот раст“. Од друга страна, пак, историчарот Евгениј Анисимов тврдел дека на Катерина „ѝ недостигаше ангелската убавина на нејзината ќерка Елизабета I и префинетата грациозност на Катерина II. Таа имаше широки коски, тркалезно лице и потемнет тен како жените од пониските слоеви...“.

Со оглед на контрадикторностите поврзани со нејзиниот изглед, како и фактот дека од самото дно на руското општество таа се искачила до самиот врв, се појавило мислење дека таа го постигнала тоа со помош на некаква магија. Во историјата е забележан Василиј Кобилин, каплар од еден полк на руската војска, кој крајно сериозно тврдел дека Катерина користеа магија за да го врзе Петар за себе. Според капларот, таа тоа го правела заедно со Меншиков. Со тоа би можело да се објасни непрекинатото присуство на Меншиков во близина на престолот.

„Катаринушка, мила моја”

Ако ја погледнеме преписката меѓу Петар Велики и Катерина, ќе видиме дека нивните односи биле цврсти и искрени. „Катаринушка, мила моја“ – така тој ѝ се обраќал во писмата.

Таа била една од малкуте личности кои не се плашеле од неговите познати напади на бед, а Петар бил познат по непријатниот карактер. Лично им ги сечел главите на војниците кои учествувале во бунт. Учествувал и во мачењето на сопствениот син Алексеј кога тој бил осуден за велепредавство и подоцна погубен. Се зборува дека само Катерина можела да го смири гневот на разгневениот цар.

И покрај својот карактер, Петар сепак собрал сили пред својата смрт да ѝ го прости неверството на Катерина, поради што тој извесно време пред смртта не зборувал со неа. Од друга страна, сепак му ја отсекол главата на човекот со кого таа го изневерила.

По смртта на Петар Катерина станала царица, за што ѝ помогнале Меншиков и елитните гардиски полкови. Меншиков де факто управувал со земјата за време на нејзиното кратко двегодишно владеење, кое завршува со нејзината смрт во 1727 година.

Прочитајте повеќе: 

Сечи ја брадата, да не ти ја сечам главата: Иновациите на Петар Велики

Како Петар Велики ги учел Русите на етикеција