Русија и Кина планираат да ја доведат трговската размена до вредност од 200 милијарди долари

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Русија и Кина на самитот во Москва постигнаа договор за поттикнување на билатералната трговија, чија успешна реализација до 2024 година би довела до трговска размена во вредност од 200 милијарди долари, соопшти рускиот министер за економски развој, Максим Орешкин.

Министерство за економски развој на Русија и Министерството за трговија на Кина на самитот во Москва потпишаа меморандум за разбирање за поттикнување на билатералната трговија, пренесуваат руските медиуми.

„Потпишаните документи ќе ги подигнат трговско-економските односи на Русија и на Народна Република Кина на ново ниво. Успешната имплементација на поставените цели ќе ни овозможи да ја достигнеме вредноста на трговскиот промет од 200 милијарди долари до 2024 година“, рече Орешкин, додавајќи дека наведената бројка од денешна перспектива изгледа апсолутно изводлива.

Стоковната размена меѓу Русија и Кина минатата година за прв пат надмина сто милијарди долари.

Според рускиот претседател Владимир Путин, растот на трговскиот промет меѓу двете земји е последица од растот на взаемната доверба.

Прочитајте повеќе: Трговската размена меѓу Русија и Кина првпат ја помина границата од 100 милијарди долари