Направена листа на најголемите извозници на оружје: Дознајте кој е на врвот

Reuters
Стокхолмскиот меѓународен институт за проучување на мирот (СИПРИ) објави извештај за состојбата со светската трговија со оружје. Русија и САД се наведуваат како главни извозници во оваа сфера за периодот од 2014 до 2018 година.

Според податоците кои ги изнесува СИПРИобемот на продажба на оружje во целиот свет од 2014 до 2018  година пораснал за 7,8% во однос на претходниот петгодишен период. Најкрупни снабдувачи се САД, Русија, Кина, Франција и Германија. На овие земји припаѓа 75% од вкупниот светски извоз, додека само Русија и САД заедно извезуваат повеќе од половината од светското вооружување (57%), пренесува агенцијата ТАСС.

Саудиска Арабија, Египет, Израел, Катар и Ирак исто така станаа големи извозници на оружје. Најголем пораст на набавката на вооружување е забележан на Блискиот Исток, додека во другите региони набавката е намалена во однос на претходниот период.

Што се однесува до Русија, таа во периодот 2009-2013  продала 27% од вкупното оружје кое е извезено во светот во наведениот период, додека за периодот 2014-2018 тој показател изнесува 21%. Експертите го објаснуваат тоа со намалувањето на испораките за Индија и Венецуела, а овие две земји претходно беа најголеми купувачи на руско вооружување. Индија и понатаму е прва на листата на увозници на оружје од Русија, но во 2014-2018 година вкупниот обем на увоз е намален за 42%. Продажбата на руско оружје на Венецуела во 2014-2018 година опаднала за 96%.

Во изминатите пет години основно вооружување од Русија купувале 48 земји. На Индија, Кина и Алжир им е испорачано 55% од вкупното извезено оружје. Извозот на Блискиот Исток е зголемен за 19%. Најмногу руско оружје купиле Египет (46%) и Ирак (36%). Во изминатите пет години Ирак го зголемил увозот од Русија за 780%, а Египет за 150%.

САД во истиот период го зголемиле извозот за 29%, а нивниот удел во светскиот извоз пораснал од 30% на 36%, со тоа што 52% од извезеното американско оружје е испорачано на земјите од Блискиот Исток.

Од Флеран, директор на програмата СИПРИ за вооружување и воени издатоци, истакнува дека САД во изминатиот петгодишен период дополнително ја зацврстиле својата позиција на водечки светски извозник на вооружување. Американското оружје е продавано во најмалку 98 земји, со тоа што често е испорачувано и високотехнолошко оружје, сметајќи и воените авиони, крстосувачки и балистички ракети со мал дострел, како и големи партии „паметни“ бомби.

Извозот во 2014-2018 година го зголемиле и Франција (за 43%) и Германија (13%). Во текот на изминатиот петгодишен период земјите на Европската Унија испорачале 27% од светскиот обем на извезеното оружје.

Кина во изминатите пет години извезла 2,7% повеќе оружје отколку во претходниот период. Како за споредба, во периодот 2009-2013 година извозот на кинеско оружје пораснал за 195%. Кина го намалила увозот на вооружување, но и понатаму е еден од водечките извозници, меѓу кои во моментов е на шестото место.

Обемот на испораки го зголемиле и помалите извозници – Израел (60%), Јужна Кореја (94%) и Турција (170%).

Според податоците на Стокхолмскиот институт за проучување на мирот (СИПРИ) Русија во 2018 се најде на второто место (зад САД) по извозот на вооружување, првпат истиснувајќи ја од таа позиција Велика Британија.

Уделот на Русија во општиот обем на 100 најголеми извозници е значително помал од американскиот (во 2017 година Русија испорачала 9,5%, а Америка 57% од вкупното вооружување), но Вашингтон и покрај тоа се бори интензивно за светскиот пазар на оружје и се обидува да ги осуети најголемите зделки што ги склучува Русија. Америка јавно бараше од своите сојузници да престанат со купување оружје „на Исток“.

Генералниот директор на компанијата „Рособоронекспорт“ Александар Михеев изјави дека Русија има намера да го заземе првото место во светскиот извоз на оружје и да ја истисне Америка од водечката позиција, а тоа ќе го постигне, меѓу другото, и со продажба на тенкот „Армата“.

Прочитајте повеќе: 7 руски компании на врвот на светскиот извоз на оружје

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња