Какво оружје продава Русија во Азија

Ројтерс
Сириската кампања го зајакна интересот на светските пазари за руското оружје, особено во Азија. За тоа со кого Русија соработува во регионот и кои се нејзините главни конкуренти, прочитајте во материјалот на „Руска реч на македонски“.

Руските претставници повеќепати изјавија дека во однос на воено соработка (ВТС) земјите од Азија, особено Кина и Индија, се примарни партнери. Во моментов со голем број земји од регионот е во сила договорот за испорака на воени авиони, системи за ПВО, подморници и друго оружје. Регионот е лидер по зголемување на трошоците за одбрана и открива пред Русија огромен пазар за извоз на оружје.

„Интересот од страна на азиските држави може да се објасни со фактот дека тие се добро запознаени со нашето оружје, а сириската кампања ја покажа успешната употреба во борбени услови. Ова се однесува, на прво место, на авијацијата, на подморниците со ракети и системите за ПВО“, вели Игор Коротченко, главен уредник на магазинот „Национална одбрана“. Меѓу потенцијалните партнери нагло се зголеми интересот за руските авиони Су-35С и за други модерни оружја, а тоа значи проширување на опсегот на старите договори и потпишување нови.

Кина

Кина стана првата земја која нарача четири дивизиони од ракетни комплекси С-400 „Триумф“.

„Еден дивизион може да се состои од 4 до 8 лансирни летала за С-400, плус неколку машини за транспорт и полнење, две радарски станици, а исто така неколку десетици помошни возила. Општо земено, количеството активна и дополнителна опрема може да достигне до 300 единици“, прецизира за „Руска реч на македонски“ Коротченко.

Руските воени експерти велат дека овој одбранбен систем е единствен од ваков вид и е ненадминат во светот. „Комплексот е во состојба да ги уништи сите постоечки и системи за воздушен напад, а исто така и оние што се разработуваат. Тоа се и ракети „воздух-земја“ и „земја-земја“, а исто така и сите постоечки авиони на потенцијалниот противник“, вели професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Покрај тоа, по одолговлечените преговори, РФ и НР Кина потпишаа договор за испорака на 24 мултифункционални реактивни ултраманеварски ловци Су-35 од генерацијата „4 ++“. Вредноста на зделката се проценува на 2 милијарди американски долари.

На овој начин Кина, како и во случајот со набавката на С-400, станува првата земја со која Русија склучува договор за испорака на врвни борбени авиони.

Индија

Русија на својот најголем партнер му испорачува оружје и воена техника во вредност од над 4.5 милијарди американски долари.

За време на воената изложба „Дефекспо Индија 2016“ (Defexpo India 2016) Москва подготви нацрт-договор за испорака на ракетен комплекси С-400 „Триумф“ за Индија. Според медиумите вредноста на договорот може да достигне 6 милијарди американски долари.

До овој момент најскапата зделка меѓу двете земји беше авионосецот „Викрамадитија“ купен од Индија во 2013 година. Првично договорот беше на 974 милиони американски долари, но подоцна износот порасна до 2.33 милијарди.

Покрај тоа пред неколку години Индија склучи договор за испорака на 124 готови тенкови Т-90С и машински комплети за нив вредност од 1.24 милијарди американски долари. На крајот на 2013 година Владата на Индија одобри купување на уште 235 тенкови и опрема.

Индонезија

Во септември министерот за одбрана на Индонезија соопшти дека постои намера да биде купена ескадрила од авиони Су-35 како замена на застарените американски машини F-5 Tiger, кои се стари 40 години. На почетокот на април во Москва пристигна висока делегација од Џакарта која одржа преговори за набавка на новите авиони во интерес на вооружените сили на земјата.

Според податоците на агенција Bloomberg станува збор за серија од осум до десет парчиња Су-35С. Исто така, во текот на последниве години Индонезија купи од Русија десет транспортни хеликоптери Ми-17, пет ударни хеликоптери Ми-35П и 20 борбени машини на пешадијата БМП-3Ф.

Конкурентите на Русија во Азија

Помошникот на претседателот на РФ за прашањата на ВТС Владимир Кожин во интервју за „Интерфакс“ изјави дека главен конкурент на Русија во овој бизнис биле и остануваат САД.

Според неговите зборови двете страни се движат паралелно по речиси сите модерни системи кои ќе се користат „утре и задутре“. Покрај тоа конкуренти за одредени видови оружје се и земјите од Западна Европа: во авијацијата - Франција, во тешкото вооружување - Германија.

„Секогаш треба да се има предвид дека како што купува оружје, една земја добива не само 'железо', ами и определени политички поени“, нагласува професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин. Тој нагласува дека некои од купувачите, колку и да се заинтересирани за руското оружје, никогаш нема да се свртат кон Москва, бидејќи им е потребна поддршката, на пример од САД, во врска со некое прашање.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња