Русија планира на кинескиот пазар да го заземе местото на американските производи

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Русија е подготвена да го заземе просторот кој на кинескиот пазар го заземаат некои американски производи и за тоа во моментов се водат разговори со партнерите од Кина, изјави министерот за економски развој на Русија Максим Орешкин во кулоарите на Евроазискиот женски форум.

Орешкин исто така изјави дека најновите мерки за зголемување на царините меѓу САД и Кина ќе се одразат врз руската економија како на позитивен, така и на негативен начин, пренесува РИА „Новости”.

Министерот потсети дека неговиот ресор во своите прогнози го зема предвид „забавувањето на темпото на светскиот економски раст“, а дека една од причините за тоа ќе бидат „актуелните трговски војни“.

„Тоа ќе влијае и на пазарот на суровини и ние во таа смисла предвидуваме негативна динамика кога се работи за цените на нафтата“, додаде тој.

Меѓутоа, и покрај сите негативни ефекти, новата ситуација отвора и големи можности за развој на билатералните трговски односи на Русија со Кина, Индија и другите земји.

На пример, во 2018 година трговската размена со Кина ќе надмине 120 милијарди долари, „и тоа не е границата на растот”.

Затоа Русија ќе ги бара оние сегменти на пазарот каде би можела да ги замени САД во Кина.

Орешкин истакна дека трговските војни ги јакнат негативните тенденции од гледна точка на забавувањето на светскиот економски раст: „Повисока инфлација во САД значи поагресивна динамика на зголемувањето на каматните стапки. Ние исто така зборувавме за можните проблеми во економиите со високи дефицити на тековните сметки, како што е Турција итн.“.

Кина во вторникот објави дека воведува возвратни царински такси против САД. Пред тоа американскиот претседател Доналд Трамп ги покачи царините за увоз на производи од Кина.

Прочитајте повеќе: Кина ѝ нуди на Русија да го заземе местото на Америка на пазарот на земјоделски производи