Кина троши сѐ повеќе гас: „Гаспром” вети испораки по гасоводот „Силата на Сибир“ веќе во 2019 година

Гаспром

Претседателот на управниот одбор на „Гаспром” Алексеј Милер соопшти дека годишната потрошувачка на гас во Кина во наредните години ќе надмине 300 милијарди кубни метри.

Милер истакна дека пазарот на гас на Кина е најдинамичниот и најперспективниот на светот.

Имено, според неговите податоци, потрошувачката на гас во Кина во 2017 година се зголемила за преку 15% и достигнала 237 милијарди кубни метри, додека во првите шест месеци од 2018 година порастот веќе изнесува 17,5% во споредба со истиот период минатата година.

„Во услови на еколошка политика што ја води кинеската влада потрошувачката на гас во Кина само ќе се зголемува и наредните години ќе надмине 300 милијарди кубни метри годишни“, рече Милер.

Тој притоа истакна дека порастот на потрошувачката на гас во Кина е побрз од развојот на нивната експлоатација на гас, така што зголемувањето ќе оди на сметка на увозот.

По првите шест месеци од 2018 година Кина го зазеде првото место во светот според увоз на природен гас (преку гасовод, како и на течен природен гас), претекнувајќи ја Јапонија. Испораките на гас од странство достигнаа 58,4 милијарди кубни метри, што е за 35,4% повеќе од истиот период во 2017 година.

Претседателот на управниот одбор на „Гаспром“ вети дека на 20 декември 2019 година ќе потече првиот гас преку гасоводот „Силата на Сибир“ од Русија во Кина, а исто така соопшти и дека компанијата води преговори за уште два проекта: за испораки на гас од Далечниот Исток и по „западната маршрута“.

Освен тоа, соработката со Кина се развива не само по прашањето на испораките на гас, туку и во сферата на производство на електрична енергија со помош на гас, подземното складирање на гас и гасот како моторно гориво, додаде Милер.

Исто така се соопштува дека Русија и Кина во најскоро време ќе ги активираат преговорите за испорака на гас по западната маршрута на гасоводот „Силата на Сибир“. Ова во средата го изјави министерот за енергетика на Русија Александар Новак.

Според него, договорот за активирање на преговорите за западната маршрута на „Силата на Сибир“ е постигнат во разговор на претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Кина Си Ѓинпин, пренесува ТАСС.

„Остана уште да се прецизира договорот, а се работи за количина од околу 30 милијарди кубни метри”,  истакна рускиот министер за енергетика.

Прочитајте повеќе: Кина ѝ нуди на Русија да го заземе местото на Америка на пазарот на земјоделски производи

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња