Русија влезе меѓу првите пет: Златните резерви на земјата растат со рекордно темпо

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Русија повторно, по тригодишна пауза, ја претекна Кина по вкупниот обем на златни резерви и изби на петтото место во светот.

Според податоците на World Gold Council (WGC), по првиот квартал од оваа година руските резерви во злато достигнале 1890,8 тони. Банката на Русија на тој начин се штити од ризиците поврзани со делувањето на финансиските регулатори на САД и ЕУ, како и од геополитичка неизвесност. Ако продолжи со ова темпо Русија во  наредниве три години би можела да се најде меѓу трите водечки земји по златните резерви, пренесуваат руските медиуми.

Според темпото на пораст на резервите на златото Банката на Русија ја задржа лидерската позиција меѓу централните банки. Кон крајот на март резервите на овој скапоцен метал изнесуваа 1890,8 тони, а од почетокот на оваа година се зголемени за 52 тони. На тој начин Русија ја потисна Кина, чии златни резерви останаа на нивото на претходното тримесечје и беа 1842,6 тони.

Според темпото на раст на резервите на злато Банката на Русија ја задржа водечката позиција меѓу централните банки. Според податоците на WGC, во текот на последниве десет години регулаторот ги зголемил златните резерви за илјада тони, а само последниве четири години за 850 тони и ги довел до удел од 17,6% во девизните резерви. На второ место според темпото на раст се најде Народна Република Кина, која во текот на последниве четири години ги зголемила своите златни резерви за 788 тони. Битен пораст бележат и Централните банки на Казахстан и Турција кои последниве четири години ги зголемиле вложувањата во злато за 161,4, односно 111 тони, или во последното тримесечје за 9,8, односно 29,8 тони.

Според Борис Красноженов, еден од директорите на „Алфа банк“, најголемите светски централни банки почнале да ги зголемуваат резервите на злато по кризата од 2008-2009, наречена криза на ликвидноста. Таа во добар дел е завршена со пумпање на џиновски своите во светската економија, што доведе до пораст на инфлацијата. Златото се смета за традиционален, отсекогаш проверен антиинфлациски инструмент.

„Златото е неопходно за поддршка на стабилноста на националните валути и намалување на зависноста од активностите на САД и ЕУ и странските монетарни власти и меѓународните шпекуланти“, нагласува генералниот директор на управувачката компанија „Спутник - Управление капиталом“ Александaр Лосев.

Доколку Централната Банка на Русија го задржи темпото на пораст на активите на нивото од изминатите години, Русија за три години според обемот на златните резерви би можела да се најде меѓу првите три земји, потиснувајќи ги европските земји како Франција и Италија, кои ги држат резервите на ниво од 2,5 илјади тони. Во постојните услови Банката на Русија има широки можности за понатамошен раст на обемот на златни резерви и со оглед на отсуството на валутни интервенции нивниот удел ќе продолжи да расте, заклучува директорот за анализа на финансиските пазари и макроекономијата на „Алфа банк“ Владимир Брагин, пренесува „Комерсант“.

Прочитајте повеќе: Каде ги чува Русија своите резерви на злато?