Конзорциумот, во кој влегуваат кинеската државна компанија China National Gold Corporation, индиската Sun Gold, рускиот Фонд за развој на Далечниот Исток, како и фондови од ЈАР и Бразил, е подготвен да инвестира до 500 милиони американски долари за развојот на Кључевското наоѓалиште на златна руда во Задбајкалието (6.500 километри источно од Москва). Договорот беше потпишан на самитот на БРИКС, која се одржа на 15 и 16 октомври во Гоа. Планирано е Кључевское да проработи по три години, откако ќе стасаат инвестициите, и да произведува околу 6.5 тони злато годишно.
Во историјата на БРИКС ова е првата трансакција во областа на производството на минерали во која учествуваат сите пет земји и затоа таа има големо значење, смета Виктор Биелски, шеф на одделот за стоковни истражувања во ВТБ Капитал. Со ова може да се направи почетокот на идни големи проекти кои се поволни за широк спектар на инвеститори од БРИКС, дополнува Биелски.
Кљуючевское е испитано одамна, но главниот дел од златото не е извлечено, бидејќи процесот за развој доведе до загуби и беше запрен пред околу 20 години, вели Алексеј Калачов, експерт-аналитичар во ФИНАМ. За продолжување на работата во наоѓалиштето се потребни нови технологии за преработка на основните руди - такво технолошко искуство имаат во China National Gold Group, забележува аналитичарот.
Во моментов наоѓалиштето ѝ припаѓа на индиската Sun Gold која воопшто и не ја започна разработката, вели Калачов. Федералната антимонополска служба објави во август 2016 година дека кинеската China National Gold Group планира да откупи од Sun Gold 70% од наоѓалиштето. Можно е идејата за конзорциумот да е поттикната од стремежот да се забрза договорот на високо ниво, забележува Калачов.
Во исто време наоѓалиштето Кључевское на никаков начин не може да се дефинира како богато - со оглед на обемот за експлоатација и на резервите, рокот на експлоатација ќе биде 11-12 години, иако во целиот свет просечниот животен век изнесува 15-16 години , објаснува Артјом Калинин, портфолио-менаџер во Leon Family Office. Прогнозите се трошоците на производството да се на средното светско ниво, додава тој. „Впрочем, Кинезите не се навикнати на таков режим на работа: челичната и индустријата за јаглен во Кина имаат многу ниска цена, но и до ден денешен тие се прилично добри благодарение на евтиното финансирање и на државната поддршка“, вели Калинин.
Руските компании за експлоатација на злато во моментов не учествуваат во развој на Кључевское. Русија сепак ќе биде победничка, смета Артјом Калинин: „Русите ќе имаат можност да научат нови технологии и да ја добијат инфраструктурата која Кинезите ќе ја изградат“. Меѓу безусловно добрите страни за Русија е и зголемувањето на даночните приходи, отворањето на нови работни места и приливот на странски инвестиции, додава Алексеј Калачов.
Иако Кина е светски лидер по обем на експлоатацијата на злато, нејзината ресурсна база, како и во случајот со многу други видови на суровини, е прилично слаба, коментира Артјом Калинин. Според него најголемите резерви на злато се наоѓаат на територијата на ЗНД и изнесуваат околу 28% од светските. На второ место е Северна Америка со удел од 20%, а резервите на цела Азија се само околу 11% од светските.
Притоа Кина е еден од главните корисници на злато во светот, обемот на производство на благородни метали во земјата паѓаат (-0.4% во 2015 година), а потрошувачката расте (+ 3.7% во 2015 година), коментира Олег Ремига, шеф на одделот за Кина на Московската школа за менаџмент СКОЛКОВО. „Тоа јасно говори за потрагата на кинеските компании да влезат на меѓународните пазари“, заклучува експертот.
Според зборовите на Ремига инвестициите на China National Gold Group во Кључевското наоѓалиште не се исклучок - кинески компании веќе добија удел од канадската Pinnacle Mines Ltd. и купија 50% од акциите на наоѓалиште во Папуа Нова Гвинеја од Barrick Gold Corp. „Убеден сум дека ова е само почеток на купувања на средства во златна руда во Русија од кинески златопреработувачи како што се Zijin Mining, China Gold, Zhaojin Mining Industry и Shandong Gold“, вели Ремига. Според него, преговорите со нив се водат веќе повеќе од 5 години.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче