Русија ќе изгради четири вештачки острови во Баренцово Море

ZUMA Press/Global Look Press
Целта на проектот во вредност од над $ 400 милиони e да се поедностави експлоатацијата на природен гас на Арктикот.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев издал наредба да се создадат 4 вештачки острови во Колскиот залив на Баренцово Море. Ова се потврдува со соодветниот декрет објавен неодамна на сајтот на владата на Русија.

На островите ќе бидат распоредени објекти на „Центарот за изградба на крупнотонажни морски капацитети“, каде ќе се добива и товари ЛНГ и ќе се врши и поправка на морската техника која се користи на наоѓалишта. „Технолошката опрема ќе проработи во 2020 година, по што новата фабрика ќе може да испраќа до корисниците до 16.5 милиони тони течен природен гас“, коментира Леонид Примак, директор на Центарот за снабдување со енергија и енергетска ефикасност, еколошка и енергетска ревизија при РАНХиГС.

Изградбата на Центарот ќе овозможи да се создадат околу 10.000 работни места само во бродоградилиштето, а во реонот ќе бидат привлечени дополнителни инвестиции, се истакнува во документот.

„Втечнување по проект ќе се врши на гравитациони платформи, а тие, како и останатата опрема, за возврат ќе се произведуваат во фабриката на насипите“, појасни главниот аналитичар на ГК Teletrade Пјотр Пушкарјов.

Технологијата за создавање на такви острови одамна е разработена во целиот свет и во Русија, вели Леонид Примак. „Драгите (вид пловила за подводно копање - заб. ред.) ќе ги одминат песочните слоеви, горе ќе се поставуваат бетонски блокови и мелени камења, а врз нив повторно ќе има слој од песок, земја, асфалт за патишта“, вели тој.

Со основањето на центарот со сопствени средства ќе се заземе „Колски верф“ (Кольская верфь) - подружница на еден од најголемите руски производители на природен гас „Новатек“ (НОВАТЭК). Вкупниот износ на инвестицијата е над $ 400 милиони. „Новатек“ е заинтересиран за проектот, бидејќи тој е потребен на компанијата за реализацијата на нејзиниот развој во регионот, коментира за „Руска реч на македонски“ директорот на рускиот Фонд за енергетска развој Сергеј Пикин.

Уште во 2014 година „Новатек“ постигна договор за создавање на база во Мурманската област, чија цел е да обезбеди реализација на проектите на фирмата главно на полуостровот Јамал, па компанијата дејствува доследно, смета Дмитриј Баранов, водечки експерт од „Финам Менаџмент“ . „Создавањето на вештачките острови ќе ја забрза реализацијата на проектот за Центар за изградба на крупнотонажни морски објекти, што за возврат ќе помогне да се зголеми производството на јаглеводороди во Арктикот, вклучувајќи го и она на шелфовите. А, тоа ќе доведе до повисоки оперативни резултати за Новатек“, коментира Баранов за „Руска реч на македонски“.

Да се изгради остров - и да се заштедат пари

„Опремата за производство на течен гас зазема голем простор и е многу кабеста“, вели Леонид Примак. „Опремата, се разбира, може да се смести и на танкер, како што прави Шел (Shell) на пример, но со оглед дека работата на гасните наоѓалишта во Баренцово Море се планира за децении однапред, подобро е да се создаде технолошки остров“, смета тој. Покрај тоа, оваа технологија за производство на течен гас е неофицијален светски стандард. Според Примак така се произведува практично целиот течен гас во светот.

Потребна е и инфраструктура која ќе овозможи да се добиваат минерали на шелфот, односно некаква вештачка суша или дупчење платформи, додава Сергеј Пикин. „Карактеристиките на месноста сепак - мразот, значително ја ограничуваат употребата на платформи и е поскапа варијанта. Островот под овие услови е побрза и поевтина варијанта“, додава тој.

Со него се согласува и Пјотр Пушкарјов. Според него првичните планови биле производството да се распореди на локација на брегот на Колскиот залив. „При деталното истражување сепак станува јасно дека ќе биде подобро да се опремат крупнотонажни платформи за експлоатација на гас, а потоа, за транспортот до наоѓалиштето, тие да бидат пуштени на вода од насипите, издигнати над нивото на заливот - таканаречени острови“, вели експертот. „Во одредени сезони вечниот мраз се топи и земјата под фабриката во практика може да се претвори во мочуриште, а за борба против оваа појава ќе се потребни уште повеќе пари“, продолжува тој.

Влијанието врз еколошката средина на Колскиот полуостров Леонид Примак го оценува како минимално негативно. Според него, при слични проекти има два главни извори на загадување: битови и технолошки помагала и изливи на јаглеводородно гориво. „Но 10.000 работници на овој остров нема да ја влошат ситуацијата сериозно - животната средина веќе е доста оштетена од 300 илјади население на Мурманск и морското пристаниште таму“, смета тој. Што се однесува до нафтените јаглеводороди според Примак тие воопшто не се повод за загриженост, бидејќи за работата на фабриката ќе се користи природен гас: тој испарува и нема боја и мирис.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња