10 чудесни дрвени цркви на Рускиот Север

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Фотографот Александар Мојсеев помина многу години истражувајќи ги далечните северни села и нивната убавина која тивко исчезнува. Како резултат на неговата работа, се појави голема фотокнига. Од неа избравме неколку снимки на дрвената архитектура од тој регион.

На времето петербуршкиот фотограф Александар Мојсеев отишол на кратко патување низ Ленинградската област. Бил многу изненаден кога здогледал дрвена црква постара и од Санкт Петербург.

Оттогаш тој веќе 10 години патува по зафрлените северни села. Веројатно локацијата придонела во тие места да се зачуваат старите дрвени цркви кои ги преживеале сите неволји на ХХ век. Во својата книга „Северот што исчезнува: вистински приказни од животот на руските села“ (издавачка куќа „Эксмо“, 2024), Александар се обиде да ја овековечи убавината на тие северни села.

1. Црква „Св. Николај Чудотворец“ (Никољска) во селото Согиници, Ленинградска област (изградена во 1696 година)

Оваа црква на реката Важинка е оддалечена неколку стотини километри од големите градови.

Изградена во 1696 година во архитектонски стил типичен за Рускиот Север. Основата е осмоаголна, храмот е со шаторест покрив, а камбанаријата е посебна градба.

2. Капела „Св. Петар и Павле“ во Заозерје, Ленинградска област (втора половина на XVIII век)

Капелата „Св. Петар и Павле“ од втората половина на XVIII век е изградена на место кое било на добар глас меѓу риболовците.

Тука рибата добро „гризела“, затоа капелата е посветена на светите апостоли Петар (заштитникот на рибарите) и Павле.

3. Црква „Св. Георгиј“ во селото Јуксовичи, Ленинградска област (крај на XVвек)

Дрвената црква била изградена во 1493-1496 година. Се смета дека е една од најстарите цркви во Русија која стои на своето првобитно место. (Останатите се пренесени во музеи на дрвена архитектура). Црквата ја преживеа и окупацијата на финските трупи 1941-1944 година.

4. Црква „Св. Димитриј Солунски“ во Шчелејки, Ленинградска област (1786 година)

Во текот на 1940-тите, северно и западно од езерото Онега имаше повеќе од 200 цркви и капели. До денес се зачувани само триесетина. Многу изгореа во пожари.

Црквата „Св. Димитриј“ од крајот на XVIII век во селото Шчелејки е еден од зачуваните примероци. Неодамна беше целосно реставрирана.

5. Гиморецки погост, Ленинградска област (XVII век)

На брегот на езерото Онега има цела низа прекрасни дрвени цркви. Најпознатиот архитектонски ансамбл е Кишкиот погост на островот Кижи (руски: „погост“ - оградени гробишта со парохиска црква). Меѓутоа, постои и помалку познатиот Гиморецки погост. Во склоп на него е изградена црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во втората половина на XVII век.

6. Црква „Св. Александар Свирски“ во Космозеро, Република Карелија (XVIII век)

Изградена е во 1770-тите со пари на извесен петербуршки трговец. Првично бил изграден цел архитектонски ансамбл, со уште една црква и камбанарија кои изгореле во пожар во 1942 година. Во советско време, црквата „Св. Александар Свирски“ се користеше како библиотека и клуб. За време на перестројката беше реставрирана, но во неа сè уште не се одржуваат богослужби.

7. Капела „Св. Георгиј Победоносец“ во селото Уст-Јандома, Република Карелија (прва половина на XIX век)

Според авторот, ова е една од најубавите капели на северот на езерото Онега.

Се наоѓа на самиот брег, па ако се искачите на камбанаријата можете да уживате во живописниот поглед.

8. Капела „Св. Архангел Михаил“ во селото Масељга, Република Карелија (крај на XVIIIвек)

Сега ова село е напуштено и црквата стои среде шума и грмушки. Некогаш тука вриеше од живот, а потоа многу жители си заминаа, па дури и ги зедоа со себе своите дрвени куќички.

9. Црква „Св. Николај Чудотворец“ во Вјогорукса (средина на XVIIIвек)

„Од Холмогор до Кола - триесет и три Николи“. Така велеле во старо време Поморите (жителите на Рускиот Север, подетално за нив во нашиот материјал). Навистина, на Северот има многу цркви посветени на свети Никола Угодник. Тој е најомилениот светец во Русија и е заштитник на патниците.

10. Црква „Св. апостоли Петар и Павле“ во Вирма, Република Карелија (крај на XVII век)

Вирма, древно село на Поморите, се наоѓа на истоимената река на мочурлив терен, сосем близу до брегот на Белото море. Црквата е изградена во текот на 1630-тите. Изградена е од средства на Соловецкиот манастир кој се наоѓа во близина, на островите во Белото море. Советската владст ја сруши црковната камбанарија, но мештаните, за среќа, успеаја да ја одбранат црквата од уривање.