7 руски музеи со дрвена архитектура под отворено небо

Владимир Трефилов/Sputnik
Дали одамна посакувате да се запознаете со ремек-делата на руската дрвена архитектура? По посетата на овие паркови-музеи ќе станете вистински експерт по ова прашање

Поголемиот дел од дрвената архитектура во Русија настанала во периодот од педесеттите до седумдесеттите години од минатиот век. Советскиот Сојуз којшто закрепна и се обнови по завршувањето на Втората светска војна тогаш можеше да се занимава и со попишување и зачувување на спомениците на културата и на архитектурата. Во тие години ширум земјата беа реставрирани и заштитени од пропаѓање илјадници цркви и други стари градби. Меѓу другото, и оние од дрво. Така во некои населени места се зачувани цркви, куќи и ветерници стари 500 години!

1. Острвот Кижи, Карелија

Кижи е најпознатиот и најпосетен етнографски музеј на Русија. Се наоѓа недалеку од Петрозаводск, на остров во езерото Онега. Музејот е основан во 1966 година, спаѓа во Светското наследство под заштита на УНЕСКО.

Централниот дел на островот-музеј е Кижискиот погост кој е составен од црквата на Преображение Господово од почетокот на 18 век – здание од дрво високо 37 метри со 23 куполи, црквата Покров на Пресвета Богородица со делумно зачуван иконостас и камбанарии од 19 век.

Останатите дрвени експонати се донесени од напуштени села од различни делови на Карелија. Тука има и куќи на Поморите, и амбари на Вепсите, и поклонички крстови на Карелите.

Сајт на музејот

2. Витославлици, Новгородска област

Велики Новгород до 16 век владеел со огромна територија до Белото море и за престиж се натпреварувал со Москва. Монументалната архитектура на новгородските земји може да се види буквално на неколку километри од градот, на местото на некогашното селото Витославлици, кое постоело од 12 до 18 век.

Музејот под отворено небо е основан во 1964 година и изгледа како старо руско село. Куќите со помошни згради формираат улици по кои шетаат посетителите. Главни експонати се дрвената црква на Раѓањето на Пресвета Богородица од 1531 година и малата Успенска црква покрај неа од 1599 година. Донесени се од оддалечени и полунапуштени села, а потоа се реставрирани во селото Витославлици. Буквално се спасени од уништување.

Сајт на музејот

3. Мали Корели, Архангељска област

Огромните дрвени ветерници неколку пати поголеми од човек се препознатливо обележје на музејот „Мали Корели“. Тука, имено, е собран најголемиот број дрвени ветерници во Русија и сите тие се донесени од села во Архангељската област. Етнографскиот комплекс е формиран во 1964 година. Просторот во него е поделен на сектори: „Мезенски“, „Пинежски“, „Двински“ и „Каргопољско-Онешки“, каде се застапени селски дрвени куќи, „бањи“ (руски сауни), бунари и цркви од овие делови, Преминувајќи од еден во друг сектор можете јасно да ја воочите специфичноста на локалната градба.

Сајт на музејот

4. Парк Коломенское, Москва

Во еден од најголемите московски паркови исто така се наоѓа музеј на дрвената архитектура, во кој се собрани впечатливи градби од Рускиот Север. Уште во 1933 година тука е префрлена кулата со порта на Никола-Корељскиот манастир од Архангељската области од XVII века, единствена дрвена градба на манастирот. Тоа било време кога многу храмови биле урнати, но оваа кула архитектите успеале да ја спасат.

Тука се наоѓа и кулата на Сумскиот острог од осумдесеттите години на 16 век која е префрлена од територијата на керелското Поморје. Порано се наоѓала во старото село Сумски Посад каде имало голем локален воен гарнизон. Патем, тоа е единствената борбена кула од Рускиот Север зачувана до денес.

Сајт на музејот

5. Музеј на дрвената архитектура во Суздаљ, Владимирска област

Суздаљ самиот по себе е град-музеј кој задолжително треба да се посети. А, во неговото предградие се наоѓа мошне живописно место од средината на шеесеттите години од минатиот век кадешто е направено вистинско село од градби донесени од напуштените насечени места во околината. Тука можат да се видат дрвени цркви на повеќе нивоа од средината на 18 век, направени, како што велат историчарите, без ниту еден клинец. Конструкциите се толку вешто составени што оддалеку изгледаат како да се од метал. А, всушност се од дрво.

Сајт на музејот

6. Хохловка, Пермски крај

Сте слушнале ли за изразот „пермјак (жител на перм) – солени уши“? Пермскиот крај е историски најголем центар за производство на сол, па пред неколку векови животот на многу луѓе во овие краишта бил поврзан токму со производството на сол. Секако, соланите претходно биле од дрво, а собрани се во музеј во близина на селото Хохловка на околу 40 километри од Перм. Тука можат да се видат и кула за извлекување солена минерална вода од земјата, зграда за испарување на водата и стари амбари. Како и куќи на луѓе што се занимавале со производство на сол до почетокот на 20 век.

Сајт на музејот

7. Таљци, Иркутска област

Дрвено утврдување, ограда на трупци, „лабази“ (специфични остави на столб) го прават делот на историјата на освојувањето на Сибир, која оживува пред очите на посетителите во музејот Таљци на 40 километри од Иркутск. Основан е во 1969 година кога основниот дел од населението се нашол во зоната на потопување поради изградбата на Иркутската хидроелектрана. Уникатните градби тогаш биле префрлени на возвишение каде биле зачувани. Подоцна стасале во музејот и експонати од националните сибирски села. Тука може да се види како во старите времиња живееле Тофаларите, Евенките и Бурјатите.

Сајт на музејот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња