- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Инспектор Катани vs Дон Корлеоне
Се покажа дека тоа е нешто помеѓу покер и преферанс. Играчите го кријат својот идентитет до крајот на играта и не знаат кој е во кој тим, но мора однапред да ги предвидуваат потезите. Почетното сценарио на играта е следново: жителите на градот ѝ објавуваат војна на мафијата, а како одговор, таа почнува да се одмаздува. Со други зборови, информираното малцинство се спротивставува на неорганизираното мнозинство.
На самиот почеток, нараторот (кој ја води играта) им дели карти на сите. Така играчите дознаваат на кој тим припаднале, но никому не кажуваат за тоа. Играта е поделена во две фази: „ноќ“ и „ден“. „Ноќе“ „мафијашите“ молчешкум се запознаваат и со гестикулации го избираат играчот што ќе го „убијат“, додека „дење“ останатите „чесни граѓани“ се обидуваат во дискусија да откријат кој ѝ припаѓа на „мафијата“ и со гласање ја избираат најсомнителната личност, која ја напушта играта. Тоа продолжува сé додека еден од тимовите не го надвладее другиот, т.е. додека не се откријат сите играчи на „мафијашкиот тим“ или не се ликвидираат сите „граѓани“.
Играта на Денис Давидов стана вистински хит, бидејќи во тоа време, во екот на популарноста на филмовите за мафијата, во Русија се прикажуваше италијанската серија „Октопод“ во која полицискиот инспектор Корадо Катани се бори против сицилијанската мафија. Своевиден шарм на играта ѝ даваше и „сличноста“ со романот „Кум“ (The Godfather) на Марио Пузо. Зборовите на Дон Вито Корлеоне едноставно самите се нудат како мото: „Никогаш не покажувај им на странците што ти е на ум. Никогаш не ги откривај своите карти на другите“.
„Мафија“ без граници
Само неколку години подоцна играта на Давидов веќе „жареше и палеше“ во Европа и Америка. Поранешните студенти кои од Русија заминуваа во странство ги учеа своите колеги во тие земји. И тогаш локалните „мафијаши“ го пренесуваа своето знаење на други почетници. Креаторот на играта раскажуваше дека веќе во 1991 година во САД запознал луѓе кои играле „Мафија“, а за тоа слушнале од луѓе кои му биле сосема непознати на Дејвид.
Малку по малку почнаа да се појавуваат и нови верзии на играта. На пример, во „спортската“ верзија учествуваат строго 10 луѓе, „мафијашите“ во текот на играта само еднаш се договараат кој ќе биде нивната жртва, а статусот (улогата) на играчот не се открива дури и ако биде „убиен “.
Во „градската“ верзија може да има произволен број на учесници, но оние кои ќе бидат елиминирани од играта мора да ја откријат својата улога.
Се играше со врзани очи или со маски, со национални ликови или со ликови од бајките (самовили, вампири или врколаци) или со некои дополнителни ликови. Имаше многу опции.
Играта беше присутна насекаде. Се играше во тематски клубови и на Playstation конзола, со пријателите во друштвени игри или онлајн на социјалните мрежи. Се појавија дури и лични „мафијашки“ федерации и турнири.
Меѓу другото, се покажа дека „Мафија“ може да послужи како тренинг за припадниците на професиите во кои е неопходно да се внимава на деталите и да се предвиди стратегија. На пример, за припадниците на полицијата или за потенцијалните поротници. Во доцните 1990-ти, во Калининградската виша школа на Министерството за внатрешни работи беше создаден прирачник заснован на играта „Мафија“ и сличната игра „Убиец“. Тој прирачник го користеа студентите на курсот по визуелна психодијагностика за да ја подобрат нивната способност за читање на говорот на телото.
Се покажа дека изумот на Давидов е корисен и за бизнисмените. Тие почнаа да го користат како техника за вежбање водење успешни преговори или работа во стресни ситуации.