Тетрис: сѐ што треба да знаете за култната видеоигра

Russia Beyond (artpartner-images/Getty Images; Public Domain; William Warby (CC BY 2.0))
Стартувајте го моторот, трипати вклучете го десниот трепкач, двапати долгите светла, пет пати притиснете го квачилото, подигајќи го бројот на обрти на три илјади и на крајот притиснете го и држете го левото копје на инструмент-таблата. Сѐ на сѐ, треба да направите вкупно 13 потега и потоа на компјутерот на камиончето „Газељ NEXT“ можете да играте „Тетрис“.

„Газељ“ со Тетрис се појави уште во 2016 година. Оваа видеоигра за 39 години од своето постоење е вградувана во сите можни уреди, дури и во машините за перење, а сега еве и во автомобили.

Џебни конзоли

Тетрис е една од најпопуларните игри на светот, ако не и најпопуларна. Не постојат собрани и потврдени податоци за продажбата, а различни методи на пресметка даваат различни резултати. Едно е сигурно: Тетрис е сѐ уште една од трите најпопуларни игри на сите времиња. Понекогаш пред него се само Minecraft (238 милиони копии) и Grand Theft Auto 5 (175 милиони копии).

Доколку им се верува на творците на Тетрис, и ако се сметаат мултиплатформските верзии, тогаш од 1984 година продадени се над 520 милиони копии од играта. Тоа значи дека е убедливо на прво место. Но, ако не станува збор дури ни за продажба, Тетрис може бесплатно да се игра на официјалниот сајт и на стотици други места. Станува збор за тоа дека оваа видеоигра стана културен феномен, еден од најпрепознатливите симболи на дигитална забава и жив споменик на „стартаперскиот“ дух.

Руската песна „Коробушка“ послужи како саундтрак за играта и сега во целиот свет се асоцира со Тетрис. Никој не знае дека таа всушност има и зборови и дека тие се земени од поемата на Николај Некрасов „Патувачки трговци“)(рус. „Коробейники“), напишана уште во 19 век. Патем речено, веќе подолго од една деценија правата на варијации на „Коробушка“ ги поседува The Tetris Company.

Алексеј Макаренков

Како Тетрис успеа да го освои целиот свет? „Тетрис“ е едноставна игра за мислење со едноставни, но интересни правила, максимално динамична“, објаснува гејмерот и блогер Алексеј Макаренков. „Потребни се само неколку секунди за да ја сфатите логиката на играта. Мошне е лесно да се почне, но тешко е да се стане врвен играч. И мошне е блага кривата на зголемување на тежината. Оваа игра е надвор од времето. Како шах, табла и други логички игри“.

Историјат

Алексеј Пажитнов, 2013

Тетрис го има создадено советскиот програмер Алексеј Пажитнов во 1984 година. Тој во текот на осумдесеттите години има работено во Компјутерскиот центар на Академијата на науките на СССР, каде што се занимавал со програми за препознавање на говорот на компјутерот „Електроника-60“.

Тогаш во Москва беа популарни математичките логички сложувалки Пентамино, каде што задачата беше фигурите од пет елементи во исто ниво од дрво да се сложат во кутија. Пажитнов навечер, по работно време, се одморал така што ја префрлал оваа игра во дигитален формат. Но, стариот компјутер не можел да ги поддржи сите димензии на играта, па морал да ја поедностави.

Така настанала играта тетрамино, каде во чаша паѓаат четириаголни фигури. Називот Тетрис настанал со спојување на зборовите „тетра“ („четири“ на грчки) и „тенис“ (омилениот спорт на Пажитнов). Во првата верзија нема ниту нивоа, ниту поени, но авторот ни во таа варијанта неколку недели не можел да се одвои од играта. Пажитнов не е единствениот во создавањето на легендата. За играта се заинтересирал и неговиот колега, програмерот Дмитриј Павловски. Тој го запознал Алексеј со младиот стажист на Академијата на науките на СССР Вадим Герасимов, а овој, пак, го префрлил Тетрис на персонален компјутер IBM PC, по што заедно со Пажитнов додал пресметување на резултатот и звук.

Сепак, се смета дека Пажитнов е единствениот автор на играта зашто Герасимов во тој момент имаше 16 години и беше замолен да потпише документ во кој се одрекува од сите права на играта, така што неговото име повеќе никаде не се појавуваше. И Герасимов, и Павловски, и Пажитнов сега живеат и работат во странство. Пажитнов не дава интервјуа за руските медиуми, а со Герасимов не може да се воспостави контакт.

Тетрис како инструмент на Студента војна

Пажитнов посакуваше Тетрис да стане прочуен во светот, но се вмеша советската држава. Имено, за увоз и извоз на софтвер во СССР одговорна беше компанијата „Електроноргтехника“ (или „Елорг“) која имаше монопол во оваа сфера. Програметор подоцна премина во „Елрог“, а со оглед на тоа што играта ја програмираше како вработен во државна компанија на работниот компјутер, правата на играта ѝ припаѓаа на компанијата, односно на државата.

Тогаш во посета на Москва престојуваше сопственикот на англиската компанија Andromeda Software Роберт Стајн кој се занимаваше со софтвер. Не знаејќи за споменатите детали, тој за купувањето на перспективната игра се договараше лично со Пажитнов и од него доби копија. Веднаш потоа Стајн им го предложи Тетрис на партнерите од британската компанија Mirrorsoft (и нејзината американска ќерка-компанија Spectrum Holobyte). Така Британците и Американците составија договор за играта, без да ги купат правата од СССР.

За сето тоа брзо дознаа новинарите од Си-Би-Ес, се заинтересираа за „играта зад железната завеса“ и го интервјуираа Пажитнов. Во екот на Студената војна Стајн повторно замина во СССР за да разговара за купување, но беше одбиен. Советите ја кренаа цената на играта.

Во меѓувреме Американците ја подготвија верзијата на Тетрис за PC и ја спакуваа во комплет советски стереотипи: црвена боја, храмот на Василиј Блажени во заднината, руска народна музика, срп и чекан во називот наместо буквата „с“ итн. Играта беше исфрлена на пазарот во 1989 година.

Така Тетрис почна да го освојува светот. Во САД се ширеа гласини дека тоа е тајно оружје на КГБ уфрлено со цел да ја парализира западната економија. Но, Тетрис играше секој што имаше компјутер, дури и во текот на работно време. Љубителите на играта се поздравуваа со фразата „КГБ те следи“.

Во тој момент во борбата за Тетрис се приклучи Јапонија преку компанијата Нинтендо. Не знаејќи кои се вистинските сопственици на авторските права, компанијата ја купи од Американците фактички пиратската игра и ја исфрли својата верзија на кертриџи за NES (Нинтендо) конзола (позната на постсоветскиот простор благодарение на пиратскиот клон „Денди“), и тоа во тираж од два милиони

Нинтендо доживува искачување, се појавува The Tetris Company

Ваквиот кертриџ во Москва истата 1989 година го донесе Хенк Роџерс, претседателот на малата јапонска компанија Bullet-Proof Software кој ги откупи нелегалните права на развој на конзолна верзија на Тетрис на платформата Spectum HoloByte. Тој замина во СССР на молба на Нинтендо, да се договори за купување легални права од Елорг за новата јапонска џебна конзола GameBoy. Советските функционери овој пат ја прифатија понудата.

Nintendo Game Boy, „Тетрис“.

Конзолата Game Boy беше исфрлена во тираж од 30 милиони. Само Тетрис му донесе на Нинтендо над 3 милијарди американски долари. За неполни четири децении од постоењето на Тетрис, Нинтендо продаде 43 милиони копии од оваа игра. Патем речено, се водеа многу судски парници меѓу неколку јапонски, американски и британски компании за правото за продажба на различни верзии на Тетрис на различни платформи.

Пажитнов до 1996 година немаше добиено ниту една копејка за својата игра. Таа година истече првобитната лиценца и тој започна да добива прилично скромни проценти од продажбата. Истата година веќе се пресели во САД и заедно со Роџрс ја основа The Tetris Company. Компанијата во текот на првата деценија од овој век се бореше за авторските права, инсистирајќи на забрана на сите можни платформи, пиратски верзии и клонови на Тетрис. Истата компанија во 2005 година за 15 милиони американски долари ја купи „Елорг“ (која во меѓувреме беше приватирзирана зашто СССР повеќе не постоеше).

Ефектот на Тетрис

Константин Сахнов

Тетрис е уникатен производ, смета Константин Саханов, основач на студиото Vengeance Games, меѓу другото зашто го има создадено советски програмер, а игрите во тоа време беа генерално нова појава.

„Првите масовни успеси во гејмдев (процес на создавање игра – заб. ред.) започна да ги бележи американската Space Invaders (1971), а потоа јапонската Pacman (1972). Сето тоа беше нешто ново и непознато, особено за советскиот корисник. Тој имаше видено само игрички како што се „Морски бој“ и „Ну погоди!“ во автоматите и на џебните конзоли. Со други зборови, Алексеј Пажитнов ја немаше зад себе онаа школа за гејм-дизајн која веќе се имаше формирано во круговите на американските и на јапонските програмери“.

Според Саханов, Тетрис е пример за идеален баланс. Во него сѐ е на свое место и секој елемент од играта придонесува за општиот впечаток.

Патем речено, Тетрис е воедно и игра која е најмногу изучена во психологијата. Научниците од Калифорнискиот универзитет дури го имаат истражено таканаречениот „ефект на Тетрис“ и заклучиле дека пациентите кои што играле Тетрис (дури и оние со амнезија) кога потонуваат во сон гледаат фигури кои им се движат пред очите, и тогаш чувствуваат потреба сѐ да доведат во ред.

„Пред очите секогаш се појавува сето она што во стварноста се движело подолго време, а не само коцкички. Тоа не се прави само во Тетрисот“, го објаснува овој „ефект“ психотерапевтот и доктор по медицина Лев Пережогин.

Овој ефект е исмеан во цртаната серија „Симпсонови“ кога Хомер во една епизода ги пакува работите во багажникот како фигури од пентамин, и тоа со мелодијата на „Коробушка“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња