- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Големата московска ризница
Еден од главните „добавувачи“ на скриени богатства е Московскиот Кремљ. На просторот на древната населба многупати биле откривани скапоцености. Така, на пример, во XIX век, при реконструкцијата, пронајден е бакарен сад за декантирање вино полн со бронзени и бакарни стари римски ковани пари. Но, како монетите од периодот меѓу првиот и третиот век завршиле во Москва? Се чини дека некој во Европа од XVII век ја пазарил колекцијата и потоа ја тргнал настрана.
„Инвестициите во земја“ биле сигурен начин за заштита на заштедите од крадци и разбојници. Во металните ќупови пронајдени во 1939 година до Спаската капија имало 33800 метални парички! Меѓу расфрланите кованици од времето на царот Алексеј Михајлович имало и крстови и накит. Најверојатно некој се обидел на тој начин да ја зачива својата заштеда за време на бунтот што избувнал во Москва поради зголемувањето на цените и данокот на сол.
Сепак, најголемиот наод датира од 1988 година. Градителите кои вршеле земјени работи буквално налетале на богатство од XIII век, златни и сребрени шипки, словенски, скандинавски и персиски накит, вкупно 300 предмети. Најверојатно е дека кнезот Владимир Јурјевич ги закопал во земја скапоценостите пред инвазијата на канот Батиј. Канот ја запалил Москва во 1238 година, а богатството останало да лежи под земја 700 години.
2. Благото на Трубецки-Наришкини
Се чини дека историчарите немаат подобри асистенти од градежните работи. Така, при изведувањето работи во петербуршката вила на Трубецки-Наришкини во 2012 година, работниците открија конструкција помеѓу третиот и четвртиот кат. Кога ги видоа вреќите со сандаци и кутии со сребрени садови, медали, накит, часовници, канделабри и многу други вредни работи, работниците ја изгубија моќта на говорот. Без многу размислување, решија сето тоа да го изнесат оттаму. Но, ѓаволот ни ора ни копа, работниците кои среде ноќ набрзина товарат нешто во комбе му беа сомнителни на дежурниот полицаец. Кога по случаен избор отвори една од вреќите, на полицаецот не му остана ништо друго освен и тој да занеме.
Русија најпрво ја напуштија Наришкини во 1917 година, а потоа и последните сопственици на вилата, поручникот на императорската гарда на Хусарскиот полк Сергеј Сомов и неговата сопруга Наталија Наришкина.
Повеќе од две илјади предмети со грбовите на кнежевската лоза Наришкини и Сомови, вклучително и луксузнниот сервис произведен во јувелирската фирма на Игнатиј Сазиков, вкупно 400 килограми скапоцености, се покажаа како најсериозното откритие во Русија.
3. Рјазанското благо
Селаните Устин и Мојсеј Ефимови, додека работеле на изградба на пат во 1822 година, пронашле пар „камчиња“ кои на прв поглед наликувале на златни. Тие продолжиле да бараат и плугот почнал да вади од земјата нараквици, икони, украси за повез за глава за жени, барми - големи тркалезни медалјони со скапоцени камења, бисери и претстави на светци. Овие масивни украси важат за кнежевски и царски реликвии. За пронаоѓањето на богатството на просторот на утврдувањето на Стар Рјазан, Ефимови биле наградени со десет илјади рубли.
4. Богатството од Ипатиевскиот сокак
Ипатиевскиот сокак во Москва порано бил населена со грнчари и ковачи, а подоцна на овој дел од градот му фрлиле око имашливите граѓани. Во XVI век дворјаните и болјарите кои биле во државна служба имале обврска на првиот повик да одат на смотра или во поход. И во такви ситуации да имаат оружје и оклоп. Затоа и воопшто не е чудно што во 1895 година во една куќа во Ипатиевскиот сокак бил пронајден цел арсенал. Шлемови, панцири, шилци за копја и кованици од времето на Иван Грозни.
Археолозите овде во 1969 година пронајдоа изгорено буре со секири, ножеви и рачно кована пушка-кременарка.
Сепак, далеку поимпресивното откритие датира од 1970 година. Огромен бакарен леген, исполнет до врв со шпански пезети и реали! Освен во Мадрид, Барселона и Севиља, тие се ковале и во Мексико, Боливија и Колумбија. Вкупно 3398 монети тешки 74 килограми! И од каде се нашле во Москва? Изгледа некој трговец сакал да ги продаде на државата за дополнително да ги претопат.
5. Богатството од „Гостини двор“
Златото пронајдено во 1965 година во „Гостини двор“ во Санкт Петербург, како што се покажа, било речиси на дофат. Кога работниците за време на реконструкцијата го подигнале подот, наишле на ѕид со прилично нерамни тули. Додека го демонтирале ѕидот, не можеле а да не забележат како тулите во минатото биле многу тешки. Некој дури на шега искоментирал „Можеби е злато“. За секој случај решиле наодите да ги однесат на вештачење. Излезе не само дека „тулата“ е направена од злато, туку и со завиден квалитет, 22 карати. Бројот на тули се зголемил на вкупно осум, а тежеле 128 килограми.
Некогаш во таа просторија се наоѓала златарницата на добавувачот на царскиот двор, Иван Морозов. Неговите синови за секој случај направиле скривалиште, но по револуцијата не можеле да дојдат до она што го оставиле таму.
6. Богатството на Стариот „Гостини двор“
Се чини дека нешто што е многу вредно може да се чува во навидум многу едноставни ќупови. Ќе си помислите дека тоа е масло или вино, ќе излезе дека се пари. Двата сада пронајдени во „Гостини двор“ се покажаа како најголемото откритие на скриено парично богатство во Москва.
Вкупно 335 западноевропски монети од втората половина на шеснаесеттиот и почетокот на седумнаесеттиот век и повеќе од деведесет и пет илјади руски сребрени монети чешујки, исковани за време на владеењето на царевите Иван Грозни, Борис Годунов и Фјодор Иванович .
7. Богатството на трговецот Пљушкин
Археолозите во 2016 година во Псков пронајдоа повеќе од 300 кованици, медали, накит и ордени. Богатството било внимателно спакувано во шест метални кутии. Новгородски, московски и тверски монети, чешујки и ефимки (претопени странски талири повторно исковани со царски жиг) од времето на Алексеј Михајлович, копејки на Борис Годунов, метални монети на Петар Велики. Наградниот пехар и чаша на Екатерина Велика, монети исковани по повод крунисувањето и златна шипка со висок квалитет.
Колекцијата најверојатно му припаѓала на трговецот Фјодор Пљушкин, страстен колекционер на реткости и старини. Исклучителната колекција ја собирал четириесет години. Го интересирало буквално сé, слики, оружје, лични предмети на Александар Суворов, икони и, се разбира, кованици. Во неговата збирка имало 84 сандаци, дури и повеќе од Ермитаж.
8. Богатство пронајдено во Устјужни
Повеќе од 800 килограми ковани пари? Да, токму таа количина е пронајдена во подрумот на црквата „Рождество на Богородица“ во Устјужни во 1936 година. Кованите монети од различни временски периоди, од царицата Ана Ивановна до Николај II, главно бакарни, иако имало и сребрени, најверојатно се нашле во храмот како добротворен прилог. Да речеме, за леење камбани.