- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Рогата кика
Оваа тешка капа првпат во документи се споменува во XIV век и потекнува од паганската ера. Роговите на него ја симболизираат плодноста. Затоа жените можеле да ги носат овие капи дури по раѓањето на нивното прво дете, а биле широко распространети во Тулската, Рјазанската, Калушката, Орловската и другите јужни губернии.
Со оглед на тоа дека „киката“ не само што била висока (20-30 сантиметри), туку и тешка, жените морале да ја држат главата високо за да ја носат стабилно. Токму од тука потекнува рускиот збор „кичиться“, што значи горделиво однесување, кревање нос.
Копитеста кика
Оваа „кика“ е идејна наследничка на рогатата претходничка, со тоа што ја носеле сите омажени жени на празник.
Исто така, се смета дека се работи за многу древна капа (првпат се споменува во спомениците во 1328 година), но се појавила веќе по примањето на христијанството, така што нема многу врска со паганските верувања.
Освен „копита“, жените носеле и „кики“ во вид на котел, лопата и валјак. Обично сите биле опшиени со скапа ткаенина украсена со злато, а челниот дел во форма на копито се прицврстувал со ленти врзани околу секојдневната капа.
Тулска сорока
Многу историчари ни денес не можат да се согласат околу тоа што е „сорока“, а што „кика“, со оглед на тоа што различните типови на овие капи понекогаш изгледаат идентично.
Но тулската сорока е специфична и препознатлива. Оваа капа буквално потсетува на птица („сорока“ на руски значи сврака). Има преден дел што се нарекувал крилја и заден што се нарекувал опашка.
Опашка се нарекувале шарените ленти сошиени во вид на опашка на паун; додека крилјата исто така биле направени од разнобојни ленти, кои се шиеле на предната страна, создавајќи впечаток на крилја. Жените ги носеле овие капи првите 2-3 години по свадбата на сите празници.
Псковски шишак
Додека претходно споменатите капи се носеле претежно на југ, оваа била популарна на северот на Русија. Овој класичен кокошник од Псков се разликува од секојдневните верзии поради своите „шишарки“.
Се сметало дека треба да има што е можно повеќе шишарки, затоа што тие симболизирале плодност. Дури се велело: „Колку шишарки, толку деца“.
Псковскиот шишак бил дел од свадбената одора на невестата и често „шишарките“ биле украсени со природен бисер, а преку капата се носела марама обрабена со злато.
Тверски каблучок
Една од најнеобичните варијанти на кокошникот била популарна во Тверската губернија, така што нејзиното име и денес е поврзано токму со овој регион.
„Каблучок“ во вид на цилиндар бил во мода кон крајот на XVIII и XIX век, а се носел на празници. Затоа оваа капа се правела од најскапите материјали, на пример, од свила или кадифе, а била украсена со скапоцени камења и злато. На неа обично се закачувала мрежичка од бисери која го покривала челото на жената, бидејќи главниот дел од оваа свечена капа го покривал само темето.