Откога знае за себе Серафима, како што истакнува, била креативна, а цртањето, колажот и везот ѝ биле омилени занимации уште од детството. Годинава 22-годишната уметница ќе дипломира на Уметничко-индустриската академија во Санкт Петербург.
Првите кокошници ги направила речиси случајно. Додека се подготвувала за фотографирање (уште една нејзина голема страст и хоби), сфатила дека за замислената надреалистичка тема ѝ е потребна упадлива огромна облека. Затоа решила да направи кокошник. Само неколку часа ѝ биле потребни да го наслика и украси со мониста. Фотографиите излегоа одлично, а следбениците на социјалните мрежи го пофалија експериментот.
Отпрвин, кокошниците и снимањето беа нејзина лична креативна иницијатива, а потоа брендовите го забележаа тоа што го прави, им се допадна, па стана стилистка во рекламни кампањи.
Кокошниците на Серафима станаа вистински знак за препознатливост на фолклорната група „Узорица“.
Младата уметница сега создава цели колекции кокошници и ги изнајмува. Има голем интерес за нејзината работа. „Најпопуларен е големиот кокошник со печурки, а обично се издава за сценски настапи“.
Меѓу најмаркантните примероци спаѓа и кокошникот „Зимски лебеди“, кој е направен за балот на златарницата на Петар Аксјонов Axenoff Jewellery. Неодамна се најде и на претставата на мраз на Евгениј Пљушченко.
За негова изработка се потребни 40 часа рачна работа.
Просечен кокошник се прави за околу два дена, додека за некои се потребни пет или повеќе дена работа, особено кога бараат многу напорна работа и имаат многу везови.
Како основа за украсите за глава се користи форма исечена од картон, која може да биде со различни форми. Серафима ја бира формата за секој кокошник посебно. За декорација користи остатоци од ткаенина, свилени ленти, кадифе, чипка, мониста, штрас, а во одредени случаи и пластелин и фолија. Често работи во техниката на вез со бисер и колаж.
На нејзините кокошници се видливи референци на храмот „Св. Василиј Блажени“ и бајковити пеперутки и птици, печурки, растителни мотиви. Нејзините дела изгледаат модерно, но се и омаж на традиционалните фолклорни мотиви.
„Стилот на моите работи го одредуваат бајковитите мотиви. Обликот на украсот за глава е данок на минатото. Притоа Серафима на модерен начин ги преиспитува мотивите од бајките, ослободувајќи се од сите можни канони. „Повеќе би сакала моите дела да ги наречам перформанс, бидејќи тие делуваат на гледачот како претстава“, признава уметницата.
Сите кокошници на Серафима се многу големи и впечатливи, тие се главниот акцент и центарот на вниманието за време на фотографирањето. Облеката и додатоците, како и позадината и предметите, се избираат според нив.
Меѓутоа, младата уметница нема намера да се занимава само со кокошници, туку планира да прави, на пример, и шалови во техниката батик, и слики на платно. Сонува да креира и колекција на облека во бајковит стил.
„Кокошниците веќе влегоа во секојдневната мода, на пример, лентите со зашилен врв. Тие сега се нарекуваат мини-кокошници. Таквите мали украси за глава ги правам од еко-кожа или кадифе. Често забележувам такви работи кај девојките на јавни места. Во блиска иднина сакам да ги популаризирам модерните кокошници со огромни димензии“, вели Серафима.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче