5 причини да го посетите новиот музеј на антиконформизмот во Москва

Култура
АНА ПОПОВА
Приватен музеј во самиот центар на Москва ги запознава посетителите со официјално непризнатата советска уметност. Дознајте зошто треба задолжително да го посетите.

1. Во центарот на културниот живот на градот

Музејот се наоѓа на пресекот на главните културни рути на главниот град - во улицата „Мјасницкаја“. Недалеку од него се наоѓаат бројни галерии, музеи и театри, а Кремљ е на 10 минути пешачење.

Буквално преку патот на музејот се наоѓа една од најважните туристички локации - познатата чајџилница на трговецот Перлов, изградена во кинески стил. Вниманието веднаш го привлекува визуелниот контраст помеѓу егзотичната фасада на продавницата и огромните излози на музејот низ кои се гледа изложбениот простор. 

2. Запознавање со различни претставници на антиконформизмот

Новиот музеј е посветен на руската уметност од 1950-тите до 1980-тите, која во тоа време не беше официјално признаена. Во музејот се претставени делата на Анатолиј Зверев, Игор Вулок, Јуриј Злотников, Владимир Јаковлев, Игор Шелковски, Алексеј Каменски и други уметници од колекцијата на Надежда Брикина.

Како позната галеристка, повеќе од триесет години таа ги собира делата на овие автори, нарекувајќи го нивното творештво „силна уметност“. Имено, нејзините претставници создаваа и покрај системот, без можност официјално да изложуваат.

3. Споредба со современата уметност

Покрај уметниците-антиконформисти, во колекцијата на музејот се претставени и делата на нивните ученици и следбеници, кои продолжија да ги развиваат нивните идеи до нашите денови: Олга и Олег Татаринцеви, Владимир Соскиев, Михаил Крунов.

4. Еден на еден со уметноста

Музејот е организиран во комори. Во сутеренот е постојаната поставка, а во приземјето простор за привремени изложби. Благодарение на таквиот распоред, можете внимателно да ја проучувате колекцијата без брзање, без страв од гужви.

5. Погледнете ја изложбата на Марлен Шпиндлер

Организаторите ветуваат дека изложбите во музејот ќе се менуваат четири пати годишно. Во моментов можете да се запознаете со творештвото на Марлен Шпиндлер.

На изложбата „Во пресрет на празниците“ се претставени педесетина негови дела од различни години. Уметникот ја комбинираше официјалната работа во сферата на индустриската графика и производството на трговски жигови со креативноста „за себе“ и „по желба на душата“. Меѓу другото, претставена е и неговата потрага по иконографски „ликови“. Всушност, Шпиндлер го сметал Андреј Рубљов за свој учител и создал своевидни фрески, правејќи ги боите самостојно, а понекогаш и користејќи платно од јута како основа.