- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. „Патен налог за животот“ (Путевка в жизнь), 1931.
По револуцијата и граѓанската војна, во младата социјалистичка држава се појавија многу деца без покрив над главата. Според различни извори, на почетокот на 1920-тите имало меѓу 4 и 7 милиони. Државата ја презеде грижата за нив, ги тргаше од улиците во специјални прифатилишта и ги воспитуваше како нови граѓани.
Првиот советски звучен филм „Патен налог за животот“ е посветен на овој процес. Тоа е приказна за превоспитување на банда тинејџери во работничка комуна. Во некои случаи, превоспитувањето не се одвиваше без проблеми.
Филмот е снимен од тогаш непознатиот режисер Николај Ек (вистинско име Јуриј Ивакин). „Патен налог за животот“ ја освои наградата за најдобра режија на првиот Меѓународен филмски фестивал во Венеција во 1932 година, а потоа беше прикажан во повеќе од 100 земји.
2. „Весели момчиња“ (Веселые ребята), 1934.
Првата советска музичка комедија во која триумфираше младата Љубов Орлова. „И кој со песна чекори низ животот, никогаш и никаде нема да се изгуби“ - ова е и денес една од најпознатите и најомилените песни во Русија. Филмот на Григориј Александров раскажува за авантурите на овчарот Костја, кој станува диригент на џез-оркестар и за куќната помошничка Ана, која станува пејачка. Костја го игра Леонид Утјосов, еден од најдобрите советски актери во тоа време.
3. „Чапаев“ (Чапаев), 1934.
Филмот на Георгиј и Сергеј Васиљеви за херојот од Граѓанската војна Василиј Чапаев ја освои првата награда на првиот Московски филмски фестивал во 1935 година. Браќата Васиљеви снимија филм заснован на истоимениот роман на Дмитриј Фурманов, кој служел во единицата на Чапаев.
Филмот доби признание и во официјалните кругови и се стекна со симпатиите на гледачите.
4. „Циркус“ (Цирк), 1936.
Мјузикл во кој главната улога ја игра Љубов Орлова. Американска циркузантка раѓа дете со темна кожа, по што заминува во Москва и таму наоѓа засолниште, но и среќа и љубов. Главната песна „Широка е земјата моја родна“ подоцна беше користена како шпица на Сесојузната радио-програма. По распадот на СССР, имаше предлози дури и да се прогласи за химна на Русија.
5. „Груња Корнакова“ (Груня Корнакова), 1936.
Ек се прослави како режисер на првиот звучен филм, но и како режисер на првиот филм во боја. Груња Корнакова, работничка во фабрика за порцелан за време на царскиот период, ги поттикнува другите луѓе да се борат за своите права.
Технологијата на кадри во боја беше смислена од советскиот снимател Фјодор Проворов. Филмот беше снимен на две филмски ленти (црвена и сино-зелена) кои потоа беа спојувани. Во американската кинематографија имаше слична технологија на тонирање наречена „Синеколор“.
6. „Седумтемина храбри“ (Семеро смелых), 1936.
Може ли да се сними комедија за експедиција на Северниот пол? Сергеј Герасимов успеа да го направи тоа. Филмот „Седумтемина храбри“ зборува за комсомолци кои доброволно се пријавиле да го освојат Арктикот. За експедицијата се избрани шестмина, но кога стигнуваат на целта, се покажува дека во багажот имаат „слеп патник“, исто така доброволец кој силно сакал да стигне до Северниот пол.
7. „Петар Први“, 1937-1938.
Филмот во два дела е посветен на најважните историски настани во Русија од почетокот на XVIII век. Низ дејствието, кое трае нешто повеќе од три и пол часа, режисерот Владимир Петров го прикажува настанувањето на Руската империја. Филмот е базиран на истоимената драма од Алексеј Толстој. Низ децениите што одминуваат се прикажани дворските интриги и големите реформи, како и освојувањето на Сибир и на Далечниот Исток.
Историчарите забележаа одредени фактографски грешки, но сепак се работи за уметничко дело кое и денес е високо ценето од гледачите.
8. „Александар Невски“ (Александр Невский), 1938.
Вечно млад класик на Сергеј Ејзенштајн, „таткото“ на советската кинематографија. Војската на рускиот кнез извојува победа над крстоносците на Чудското езеро во 1242 година. Главната идеја на филмот е борбата против туѓинците-завојувачи.
Некои колеги го критикувале Ејзенштајн за прекумерна „помпезност“ и одредена неусогласеност меѓу дејствието на филмот и историските настани. Филмот содржи епски сцени со голем број на статисти, особено во сцените каде што се прикажани битки. Музиката ја компонираше Сергеј Прокофјев.
Филмот им се допадна и на раководството на земјата и на публиката, и сè уште е редовно на врвот на многу листи на најдобрите филмови на сите времиња.
9. „Волга-Волга“, 1938.
Името на филмот го смислил Чарли Чаплин, со кого режисерот Григориј Александров се запознал кога бил во САД. Во оваа музичка комедија главната улога ја игра Љубов Орлова. Тоа е приказна за уметници кои одат во Москва на аматерски ликовен натпревар. Патем доживуваат забавни (и не многу забавни) авантури.
Филмот во суштина ги промовираше масовните младински потфати и имаше за цел да биде еден вид упатство за работа со млади кои штотуку завршиле училиште. Се смета дека ова бил еден од омилените филмови на Сталин.
10. „Најденче“ (Подкидыш), 1939.
Фаина Раневскаја и ден-денес е една од најчесто цитираните актерки на советската кинематографија. Познатата фраза „Муља, не ме нервирај“ е од прекрасната комедија „Најденче“ во режија на Татјана Лукашевич. Станува збор за приказна за девојче што се губи во Москва и за сопружниците Муља и Љаља кои ја наоѓаат и сакаат да ја посвојат. Многу убав пејзажен филм во кој можете да видите како изгледала Москва во 1930-тите.