Ѕига Вертов: авангардистот на советскиот филм од светски глас

РИА Новости
Една од работите на пионерот на документарниот филм Ѕига Вертов, која е снимена на почетокот на дваесеттиот век, влегува во десетте „најдобри филмови на сите времиња“. Сите негови филмови до денес имаат големо влијание врз кинематографите. На 2 јануари 2016 година се навршуваат 120 години од раѓањето на овој познат руски филмски режисер.

Ѕига Вертов е првиот кој кон филмот почнал да се однесува не како кон театарска претстава или како кон историски документ, туку како самостоен артефакт. „Јас сум филмско око. Јас сум око механичко. Јас сум машина која го покажува светот онаков како што само јас можам да го видам“, прогласувал тој во раните манифести.

Според Вертов, ефикасноста на дејствувањето на филмот врз гледачот не е поврзана со тоа што актерите пред камерата играат интересна приказна, ами со тоа што камерата е специјално поставена на некое определено место, да речеме на митинг, каде треба да настапува Ленин. Најважното, сметал тој, е тоа како се менуваат општите, средните и крупните планови, во каков ритам се подредени кадрите, како се користи забрзаната и забавената снимка.

Дури и официјалните настани по негова наредба (од 1922 до 1925 година тој фактички управувал со одделот за филмска хроника на Сесојузниот филмски фонд, а потоа и со Државниот филмски фонд, кој во СССР управувал со производството на филмови и се занимавал со цензура) се снимале од неочекувани точки и ракурси: од автомобил во движење, од фабричка цевка, од под тркалата на возовите, со скриена камера.

Притоа сижето во раните филмови на Вертов имаат второстепено значење. Најпознати и најрадикални негови филмови се „Филмско око“ (1924) и „Човек со филмска камера“ (1929 – големи филмски фрески, чие сиже може да се сведе на кратките фрази „Животот во големиот град“ и „Старото и новото“, а уметничкиот ефект се појавува благодарение на паралелизмот на кадрите и на ритамот на монтажата.

Притоа првиот филм има добиено медал и диплома на Светската изложба во Париз (1924), а вториот во минатата деценија според анкетите на европските филмски критичари влезе во десетте најдобри филмови на сите времиња и се здоби со епитетот најдобар документарен филм.

Монтажа од минатото

Разработката на филмскиот јазик во десеттите и во дваесеттите години од минатиот век се одвивала бурно во разни земји, во играниот и во документарниот фил, а подоцна и во звучниот филм. Но, Вертов навистина во многу работи ги има надминато и Дејвид Грифит, и Фриц Ланг, и Лени Рифенштал, чија „Олимпијада“ (1938) се смета за пример за документарен филм.

Впрочем, како и секој вистински авангардист, самиот тој, веројатно не предвидувајќи, се потпирал на длабоката традиција. Така, во доцните статии на големиот руски писател Лев Толстој можат да се најде не само категорично одрекување на условностите на традиционалниот театар (драмите на Шекспир и класичните опери), ами и мисла која ја претскажува идејата за филмска монтажа за тоа дека уметноста се појавува не со прикажување на јарки ликови и описи на нивните перипетии, ами само при нивно „нижење“, односно монтажа.

Неспокојно име

Роденото име на Вертов, Давид Кауфман, недвосмислено укажува на неговото еврејско потекло. Но, желбата на способното момче родум од Бјалосток (тогашна Руска империја, денешна Полска) да го смени презимето по своето доаѓање во Москва тешко може да се објасни како обид да се избегне антисемитизмот: во дваесеттите години од минатиот век тој не бил толку развиен, како што е случајот во педесеттите години од минатиот век. Едноставно, како и многу дејци на авангардата, тој си избрал име во чест на „почетокот на нов живот“.

„Ѕига“ на украински значи вртимушка. „Вертов“ е добиено од глаголот „вертеть“ („врти“). Се добива нешто од типот „вртечка вртимушка“, што сосема одговара на немирниот карактер на режисерот.

Извор: DPA/Vostock-PhotoИзвор: DPA/Vostock-Photo

Освен тоа, Кауфман е познато еврејско презиме и тешко дека можело да стане „трејдмарк“. Интересно е што братот на Ѕига, Борис Кауфман, кој е десет години помлад, емигрирал од Русија по Револуцијата, дипломирал на Сорбона во Париз, се нашол во Америка и станал познат камерман, кој работел со Сидни Лумет и со Елија Казан. Работата на филмот на казан „На пристаништето“ му донела Оскар во 1953 година.

Воскреснат во „Догма“

За среќа Вертов не ја доживеал трагичната судбина на многу дејци на авангардата. Тој не бил стрелан, не бил испратен во логор. Но, по завршувањето на кратката романска на советската власт со уметничката авангарда, советскиот лидер Јосиф Сталин се приклонил кон „императорскиот стил“, па иновациските работи на Вертов се покажале неумесни.

За време на Втората светска војна тој снимил три публицистички филма, а сите негови понатамошни режисерски молби биле отфрлени. Од 1944 година до самата смрт (1954) тој работел како режисер-монтажер во филмскиот магазин „Новости дња“.

Возродувањето на интересот за Вертов започна кон крајот на 20 век, кога режисерите што ја потпишаа „Догма-95“ (концептуален манифест на независното кино од средината на деведесеттите години од минатиот век, чиј идеолог е Ларс фон Триер), фактички се вратија на принципите прогласени од Вертов: снимање во природни услови и со рака, скриена камера и вистински ликови. Во 1995 година Мајкл Најман го создаде својот оригинален саундтрак „Човек со филмска камера“. Така авангардистот Вертов стана класика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња