Фотогалерија: Осум најсексапилни жени од советските филмови

Наталија Варлеј

Наталија Варлеј

Merdetsin О. А./Russian National Archives
Поимот „занесна жена“ во СССР подразбирал нешто повеќе од обична убавина.

Во златната доба на Советскиот Сојуз никогаш не можеле да се слушнат или да се прочитаат фразите „ѕвезда на шоу-бизнисот“ или „секс-бомба“. Занесните жени не се истакнувале со екстравагантно однесување или со провокативна облека и позирање. Единствен „инструмент“ што го имале на располагање била нивната заслепувачка убавина.

1. Анастасија Вертинскаја

Анастасија Вертинска

Започнуваме од Анастасија Вертинската, советската Грета Гарбо, жената која беше исто толку паметна, колку што беше и убава. Оваа советска глумица добиваше главни улоги во многубројни екранизации на класичните дела од руската литература, а се прослави уште како 15-годишно девојче во филмот „Алови едра“ („Алые паруса“, 1961). Потоа следуваа „Ана Каренина“, „Војна и мир“, „Мајсторот и Маргарита“... Во своите најдобри години Вертинскаја предизвикуваше хистерична завист кај многу жени ширум Советскиот Сојуз.

2. Наталија Варлеј

Наталија Варлеj

Наталија Варлеј е хероина од култниот руски филм „Кавкаската заробеничка“(„Кавказская пленница“, 1967). И денес е активна како актерка, но во младоста беше и актерка во Московскиот циркус. Нејзин предок по таткова линија од 19 век бил џокеј од Велс кој бил повикан во Русија да управува со одгледувачница за коњи, додека нејзините предци по мајчина линија имале француско и германско потекло. Оваа убавица воедно е и во роднинска врска со писателот Алексеј Толстој. Во раната младост Наталија имала проблеми со срцето поради што не можела да се занимава со спорт, но сепак ризикувала пред да му се посвети на филмот во 1956 година, и со циркуската група гостувала во Одеса (Советска Украина) каде била забележана како неповторлива сценска појава.

3. Викторија Фјодорова

Викторија Фјодорова

Животната приказна на Викторија Фјодорова е една од најтрагичните во светот на советскиот филм. Оваа исклучителна актерка е родена во 1946 година. Нејзин татко бил американскиот адмирал Џексон Тејт, а нејзина мајка била познатата руска актерка Зоја Фјодорова. Тејт тогаш бил аташе на Стејт Департментот во Москва. Кога Сталин дознал за неговата врска со руската актерка го протерал од земјата, а Фјодорова била испратена во Сибир. Ослободена е дури по смртта на Сталин. Тејт не знаел ниту дека му се родила ќерката Викторија, ниту што се случувало со Зоја, сè дури еден професор од Универзитетот во Конектикет не дознал за овој случај и го пронашол, по што била покрената кампања советската влада да ѝ допушти на неговата ќерка да ги посети Соединетите Американски Држави. Викторија се омажила во Америка во јуни 1975 година, само неколку дена пред да ѝ истече визата. Позната е по улогата во екранизацијата на „Злосторство и казна“ од 1970 година. Почина од рак на белите дробови во 2012 година во Гринвич Тауншип во Пенсилванија.

4. Наталија Андрејченко

Наталија Андрејченко

Советскиот Сојуз имаше и своја Мери Попинс. Таа беше филмска ѕвезда во периодот на „доцниот“ Советски Сојуз кога еротските сцени станаа вообичаена појава. Почнувајќи од првата главна улога во „Сибирјади“ (1979), нејзината популарност постојано растеше. Наталија можеше во целост да го измени својот изглед – од брутална убавица до Мери Попинс со англиски манири, и да се соголи во филмот „Леди Магбет од Мценскиот округ“ (1990), снимен според истоимената новела на Лесков. Наталија Андрејченко во својата 62 година сè уште изгледа добро. Претпоставуваме дека за тоа делумно има придонесено нејзината сурова билна диета и јогата со која се занимава, но не држете нè за збор.

5. Наталија Негода

Наталија Негода

Уште една Наталија на нашиот список, со таа разлика што ова е првата советска ѕвезда на американскиот „Плејбој“. Негода заедно со своите современици го доживеа распадот на Советскиот Сојуз и уживаше во „плодовите“ од тој распад, прифаќајќи ризични улоги како онаа во филмот „Малечката Вера“ која ѝ донесе голема популарност како прва жена во Советскиот Сојуз која се соблекла пред камера. Ова остварување и денес се третира како најскандалозно во советскиот филм, а Негода како последна ѕвезда на советската кинематографија.

6. Ирина Алфјорова

Ирина Алфјорова

Една од најубавите советски актерки Ирина Алфјорова се прослави со својата улога на Констанца де Бонадје во филмот „Д'Артањан и трите мускетари“ (1978). Често може да се слушне мислењето дека таа ги пределила стандардите на руската убавина во седумдесеттите години од минатиот век. Алфјорова на 17 години дошла од Новосибирск во Москва и се запишала на театарската академија каде нејзините врсници ѝ го дале прекарот „девојката со очите“. За жал, „усните и очите, и ништо повеќе...“, се зборува дека некои родители имаат вакво мислење за неа. Сепак тоа не ѝ пречело на Ирина да стане легенда на советскиот филм.

7. Љубов Полишчук

Љубов Полишчук

Љубов Полишчук имаше особеност која не е карактеристична за Русинка – не беше свесна за својата убавина. Никогаш не избегнуваше улоги во кои не изгледаше репрезентативно. Поголем дел од животот се занимаваше со глума во Омск, каде е и родена. Почина во 2006 година од рак, во 57 година од животот. Засекогаш ќе биде запаметена по екранизацијата на романот „Дванаесет столчиња“ (1971) и по голем број други филмови.

8. Љубов Орлова

Љубов Орлова

Љубов Орлова со децении важеше за пример за руска убавина, за стил и за грациозност. Имаше аристократски манири со кои човек може само да се роди. Стекна слава на заслужена актерка на СССР и на добитничка на Сталиновата награда, но нејзиниот животен пат бил тежок. Имала сиромашно детство, а подоцна не била во можност да го заврши Московскиот конзерваториум. Нејзиниот прв сопруг заврши во Гулаг, по што таа се омажи за режисерот Григориј Александров. Филмовите „Весело друштво“ (1934), „Циркус“ (1936) и „Волга, Волга“ (1938) засекогаш ќе бидат втиснати во колективната свест на Советскиот Сојуз. Почина во 1975 година од рак на панкреас.

Прочитајте уште: Најубавите девојки на СССР

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња