„Беше време за ручек и отидовме во трпезаријата. На чинијата на тетка имаше огромен кујнски нож, а за ногарката од масата беше заврзана жива кокошка. Кутрата птица се тргаше и ја влечеше со себе масата. – Гледаш? – ѝ рече татко ми на нашата гостинка. – Со оглед дека знаеме оти сакаш да јадеш животни, ти подготвивме пилешко. Никој од нас не може да ја убие кокошката, па затоа ти го оставивме смртоносниот алат. Направи го тоа сама. – Уште една твоја шега! – извика тетка Тања, смеејќи се. –Тања, Маша, одврзете ја кутрата птица и вратете ја на слобода.
Лев Толстој и Софија Андреевна
Слободни извориБрзо ја исполнивме желбата на тетка ми. Кога ја ослободивме кокошката, на маса ги ставивме подготвените макарони, зеленчук и овошје. Тетка ми сето тоа го јадеше со уживање“.
Оваа сцена ја има опишано Татјана, ќерката на Лев Толстој. Таа, нејзината сестра Маша и татко ѝ беа убедени вегетаријанци. Додека Софија Андреевна, жената на писателот, се жалела на вегетаријанството на грофот, што предизвикало „комплицирана двојна трпеза, дополнителни трошоци и повеќе работа за луѓето“. Освен тоа Софија сметала дека вегетаријанските јадења се „недоволна храна“. Но, Толстој останал на своето и не јадел месо. Меѓутоа, не бил единствен во Русија.
Нутриционистката Џени Шулц, која во 1896 година ја отворила првата вегетаријанска менза во Унгарија, има отворено иста таква и во Москва во 1903 година. Проучувајќи го односот на Русите кон вегетаријанството, Шулц, која се школувала специјално за „вегетаријанска гастрономија“ во Швајцарија, има напишано: „Многуте, главно долги периоди на пост ги почитуваат како богатите, така и сиромашните, во град и на село, со голема ревност. Тоа е, всушност, причината зошто тукашното население толку лесно го прифаќа вегетаријанството.
Вегетаријанската кантина на Никитскиот булевар, Москва, прва деценија на 20 век
Слободни извориНавистина, во Русија на постите им се посветувало особено внимание. Како што пишува истражувачот на руското вегетаријанство Питер Бранг, „за руското монаштво, за разлика од западното (со исклучок на трапистите и картезијанците), квалитетниот пост – воздржување од консумирање месо – бил основен принцип“. Совесните монаси постеле во текот на целата година, само понекогаш дозволувајќи си да каснат риба. Кога станува збор за обилните верници Великите, Петровските, Богородичните и Божиќните пости, заедно со посните денови (секоја среда и секој петок) сочинувале околу 220 посни денови во годината, кои верниците се труделе да ги испочитуваат.
Навистина, кога вегетаријанството се појавило во Русија, „духовните“ предуслови за него веќе биле подготвени. Уште во „Повеста за минатите години“ под годината 1074 се споменува: „Зашто посното време го прочистува умот на човекот“. А, Житието на големиот руски светител Сергиј Радонешки споменува дека тој и како новороденче во деновите на постот не цицал мајчино млеко – така уште од раните денови на детето му се покажала светост.
Иако духовна база за вегетаријанството во Русија веќе постоела, руската црква ја осудувала оваа појава. Станува збор за тоа дека во Русија постоеле христијански секти кои целосно се откажувале од месото – хлисти и скопци. Со оглед на тоа што црквата интензивно водела борба против овие секти, лошиот однос се префрлил и на вегетаријанците. Нечија подготвеност да се воздржи од месна храна будела сомничавост кај црковните лица. Тие, имено, се сомневале дека зад сето тоа се кријат сектански склоности.
Во 1913 година Николај Лапин, селанец од околината на Саратов, во весникот „Вегетаријански преглед“ ја испратил својата статија „Зошто станав вегетаријанец“. Лапин престанал да јаде место кога имал 19 години зашто од детството не можел да гледа како се коле стоката. Наскоро луѓето од неговото село започнале да се сомневаат дека тој ќе може да извршува тешка селска работа, но кога со тоа немало никакви проблеми, започнале да зборуваат дека го обзел ѓаволот. Така вегетаријанската исхрана предизвикувала сомнеж и кај обичните луѓе, а не само кај сопругата на Толстој, која грофот го прекорувала што ги научил ќерките „да не јадат месо, па затоа јадат оцет и масло, да станале зелени и слаби“.
Грофот како години кога престанал да јаде месо ги наведува 1883-1884, кога се запознал со Владимир Чертков, подоцна издавач на неговите дела, кој веќе бил вегетаријанец и ја започнал својата духовна потрага. Во 1885 година писателот веќе имал судир со својата сопруга поради тоа што одбивал да јаде месо, а во 1892 година ја напишал статијата „Прво скалило“ – страстен манифест на вегетаријанството. „Како е можно – да се земе и да се убие крава која во текот на десет години те хранела со млеко и тебе и твоите деца? Овцата која те греела со својата топла волна? Да ги земеш и да ги убиеш! Да им го пресечеш гркланот и да ги изедеш“, пишувал писателот.
Лев Толстој и Владимир Чертков
Слободни извори„Прво скалило“ наишло на огромен одѕив во општеството. Голем број интелектуалци се свртеле кон вегетаријанството. Освен Толстој, имало и други познати вегетаријанци. Писателот Николај Лесков кој работел на издавање книги со рецепти за вегетаријанци. Филозофот Владимир Соловјов кој запишал: „Додека сѐ уште не сме способни да ја оживееме мртвата природа, би требало барем што помалку да ја убиваме живата“. Сликарот Николај Ге, кој во сѐ го следел учењето на Толстој, па и во исхраната без колење.
Лев Толстој и Иљја Репин
TASSСликарот Иљја Репин со воодушевување го опишал своето вегетаријанство: „Ги исфрлив јајцата (а, месото уште порано). Салати! Колку прекрасно! Каков живот (со маслиново масло)“ Булјон од сено, од корени, од треви – тоа е еликсир на животот. Овошје, црно вино, сушено овошје, маслинки, суви сливи... ореви – енергија. Може ли да се наброи сето богатство за билната трпеза?“ Во 1900 година Репин се оженил со Наталија Нордман, една од познатите руски поборнички на вегетаријанството која не само што се одрекла од „колење“ кај исхраната, ами и не носела крзна, што ги шокирало благородничките кругови.
„Тука вегетаријанството се гледа повеќе од страна на идеал; здравствената страна засега е малку позната“, истакнува во својата статија Џени Шулц. Навистина, првите руски вегетаријанци не обрнувале најмногу внимание на штетноста од месната исхрана за здравјето, ами пред сѐ протестирале против убивањето.
Вегетаријанството во Русија се појавило пред Толстој. Толстоевецот Јуриј Јакубовски во 1888-1889 година има напишано дека својот 25 роденден во Петербург го прославило вегетаријанското друштво „Ниту риба, ниту месо“. Значи дека веќе во шеесеттите години од 19 век вегетаријанците се здружувале, но без научно поткрепени ставови. Тие се појавиле во 1878 година кога бил објавен текстот на ректорот на Петербуршкиот универзитет, ботаничарот Андреј Бекетов „Исхраната на човекот во сегашноста и во иднината“. Авторот докажувал дека човекот е природно прилагоден на билната исхрана, укажувал на високата цена на месото, а исто така споменува дека кланицата е „одвратно, смрдливо и крваво место, каде сечат, дерат, парчосуваат и цедат крв од вените“. „Иднината им припаѓа на вегетаријанците“, заклучува Бекетов. Но, дури ни авторитетот на Бекетов не можел да ја убеди јавноста. Како одговор на неговата статија се појавиле и неколку потсмешливи текстови.
Меѓутоа, по објавувањето на „Прво скалило“ на Толстој односот кон Бекетов се сменил. Неговата статија била двапати повторно печатена во издавачката куќа на Владимир Чертиков „Посредник“ со вкупен тираж од околу 15.000 примероци. Во 1903 година во истата издавачка куќа излегол зборник кој го составил Толстој под наслов „Исхрана без колење или вегетаријанство. Размислувања на различни писатели“, во која биле собрани 250 цитати за користа од вегетаријанството.
Првата приватна вегетаријанска кантина на Англичаните мистер и мисис Муд е отворена во Москва во 1896 година, но набргу била затворена. Во 1904 година веќе имало четири вакви кантини. На ѕидовите виселе портрети на „сонцето на руското вегетаријанство“ Лев Толстој. Во 1914 година, според процената на Бранг, во 37 градови имало 73 вегетаријански кантини, а најмногу во Петербург - 9 и по 7 во Киев и во Москва.
Кантините биле прилично популарни. Една московска кантина на Газетната улица услужувала до 1.300 лица дневно. Статистиката на посетеноста на кантините на Московското вегетаријанско друштво покажува зголемување на бројот на гости од 11 илјади во 1909 на над 624 илјади во 1914 година. А, на пример, Киевската општествена вегетаријанска кантина во текот на 1911 година сервирала 489.163 ручеци за 200.326 посетители. Излегувале списанијата „Вегетаријански преглед“ и „Вегетаријански весник“, како и алманахот „Природен живот и вегетаријанство“.
Токму во последните години пред Октомвриската револуција вегетаријанството во Русија станало масовна и вообичаена појава. Но, овој развој е запрен со доаѓањето на советската власт. Во првите години по Револуцијата болшевиците не обрнувале внимание на вегетаријанците, но во 1929 година Московското вегетаријанско друштво било забрането, а низа негови членови биле протерани. За советската власт, имено, тие биле „толстоевци“, приврзаници на идеологијата на неспротивставување и на ненасилство, нешто што треба да се искорени, а истото било направено ширум земјата под изговор на борба против „толстоевците“ како против „кулаците“ (имашни селани кои заработуваат на туѓ труд). Во СССР, како што тврди Големата советска енциклопедија од 1951 година, вегетаријанството „нема приврзаници“. Вегетаријанското друштво во Москва е повторно отворено дури во 1989 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче