Извор: Наталија Михајленко
Главниот склучен договор на неговиот живот е ропскиот договор со издавачот Маркс. Според договорот сите дела на Чехов биле во сопствеништво на Маркс, вклучувајќи ги и оние кои сè уште не биле напишани. Издавачот целосно го купил писателот.
Ваквиот договор ја чинел издавачката куќа 75 илјади рубли. За тоа време ова биле огромни пари. Маркс ги исплатувал дел по дел, постојано барајќи нови ракописи. За тие пари Чехов изградил куќа на Јалта. Но, лесно за него, за та куќа. Ропскиот договор со Маркс одиграл во животот на Чехов многу поважна улога. Го направил драматичар.
Да, секако, и „Вишновата градина“ е печатен кај Маркс. Но, театарските приходи биле надвор од компетенцијата на издавачот. И воопшто не е случајно што повеќе од половината театарски дела Чехов ги напишал по договорот со Маркс. „Вишновата градина“, „Три сестри“ и десет (!) кратки пиеси.
Откако го надитрил издавачот, Чехов паднал во зависност од режисерите. Тие имале највулгарни замисли. Кога еднаш дошол на проба на „Галеб“ во Московскиот уметнички театар, со чудење слушал како од зад сцената крека жаба, како свири штурец и како лае куче.
„Што е ова?“, прашал Антон Павлович.
„Елементи на стварноста“, му одговориле.
Морал на актерската екипа да ѝ одржи мала лекција за уметноста. „Крамски“, рекол Антон Павлович, „има слика на која се прикажани лица. Што би се случило доколку на некое од лицата му го исечеме насликаниот носи и му ставиме вистински? Носот е вистински, но сликата е сепак расипана... Сцената во себе ја одразува квинтесенцијата на животот, не треба да ѝ се додава нешто што би било излишно“.
Кратко пред смртта, веќе како главен руски драматург, му велел на писателот Гарин-Михајловски, покажувајќи му го својот тефтер: „Некаде околу петстотини листови неискористен материјал. Отприлика пет години работа. Ако го напишам ова, семејството ќе ми биде сигурно“.
Целиот свој живот барал пари. Имено пари. Не идеи, не смислата на животот, не теми за своите пиеси. Со тоа немал никакви проблеми. Чехов своите теми, како магионичар, ги извлекувал од сè што ќе видел. Не барал ниту идеологија, што во тоа време многу ја шокирало публиката која била навикната на книжевност „со идеи“. Еден негов современик се присетува на еден разговор на Чехов со своите студенти, кој треба да се забележи:
„Ако немате став, уверување“, му велел еден студент на Чехов, „не можете да бидете писател...“
„Немам уверување“, одговорил Антон Павлович.
„Кому му се потребни вашите приказни? Која е нивната смисла? Во неа нема ниту опозиција, ниту идеја... Забава и тоа е тоа...“
„И тоа е тоа“, потврдил Антон Павлович.
Не се сметал себеси за голем писател. Својата литература ја нарекувал течност. Денес ја читаат, а утре веќе ќе ја заборават. „Знаете ли уште колку ќе ме читаат?“, зборувал Бунин. „Седум години“. –„Зошто токму седум?“ –„Па, седум и пол“. –„Не, не. Поезијата живее долго“. И во тој момент Чехов се налутил, што се случувало мошне ретко. „За поети, почитуван господине“, рекол викајќи, „се сметаат оние кои ги употребуваат зборовите 'сребрени далечини', 'акорд' и 'во бој, во бој, за народот свој!'“.
Бил многу голем професионалец за да се прави генијален. Најважно е добро да се работи, да се испорачува квалитетен производ. Останатото е „сребрена далечина“. А, природен резултат на добриот производ се парите и животната среќа. Еден од писателите на мемоарите опишува една карактеристична сцена: „Крчмата беше валкана, евтина, беше отворена од рано изутрина за ноќните кочијаши. 'И тоа е добро', велел Антон Павлович. 'Ако продолжиме да пишуваме добри книги, ќе седиме по добри ресторани. А, засега и тука, земајќи ги предвид нашите заслуги, е извонредно'“.
Но, тој не ни претендирал на нешто повеќе од добри ресторани. Сепак, и Маркс не останал гладен, потпишувајќи договор за ненапишаните текстови. Ненапишаниот Чехов се материјализира и денес, сто години по неговата смрт Антон Павлович би се израдувал кога би дознал дека украинскиот претседател го нарекол „голем украински поет“. Тоа е типична чеховска анегдота. А, еве и една таква приказна. Во Крим, во викендичката на Антон Павлович, отворен е музеј: Масата на Чехов. Перото на Чехов. Покрај експонатите стои уводниот текст, исчукан на машина за пишување: „Тука живеел и работел... Секогаш ќе се сеќаваме на нашиот...“, а потоа текстот завршува со фразата: „Читајте го Чехов и бидете ни здрави!“.
Вакво нешто би можел да напише и Антон Павлович во некој од своите раскази. Тоа во целост е негов вид хумор.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче