Зошто некои православни храмови во Русија се изградени во неоготски стил?

KalabiYau (CC BY-SA 3.0); A.Savin, WikiCommons
Царевите и други задужбинари со задоволство експериментирале со црковната архитектура и затоа не секогаш сакале да ги видат вообичаените зашилени калкани и златни куполи, така што од неимарите барале искршени лакови, врвови на покривите со шилци и високи кули.

Во XVIII и XIX век во Русија се појавиле храмови во готски стил, иако тој стил не бил карактеристичен за православието. На руска почва овој средновековен европски стил ги попримил цртите на древната руска архитектура, барокот и класицизмот, па така се родила „руската готика“ (неоготика или псевдоготика), а ова се нејзините највпечатливи примери.

Чесменскиот храм (Храмот „Св. Јован Претеча) во Санкт Петербург

Чесменската црква

Првите готски градби се појавиле за време на владеењето на императорката Екатерина II, која била Германка. Таа наредила да се изгради оваа необична црква во чест на победата на руската над турската флота во битката кај Чесме во 1770 година. Храмот се наоѓа на патот за Царско Село, каде што царицата често престојувала во текот на летото.

Црква „Преображение Господово“, Красное

Во 1790 година дворскиот пејач Марк Полторацки на неговиот имот Красное во Тверската област го изградил храмот „Преображение“, и тој е речиси идентична копија на Чесменскиот храм.

Храмот „Владимирска икона на Пресвета Богородица“ во близина на Москва

На имотот Биково во близина на Москва во 1780-тите бил изграден храм кој повеќе потсетува на замокот на принцезите на Дизни. Не се знае точно кој бил архитектот, иако проектот му се припишува на Василиј Баженов, кој за Екатерина II го изградил дворскиот комплекс во Царицино и неколку згради во московскиот Кремљ. Имотот му припаѓал на генералот Михаил Измаилов кој бил задолжен за градежништвото во Москва (и бил оженет со роднина на царското семејство).

Знаменската црква кај Липецк

Црква на имотот Вешаловка

Готскиот стил во архитектурата станал модерен и во провинцијата. Во текот на 1790-тите грофицата Татишчева, со помош на кметовите кои биле мајстори за градежништво, на нејзиниот имот во Вешаловка (сегашна Липецка област) изградила храм во чест на иконата на Пресвета Богородица „Знамение“. И овој проект му се припишува на Баженов.

Готската капела во Петерхоф

Со текот на времето готскиот стил во архитектурата станал уште попопуларен. Во текот на 1830-тите, императорот Николај I наредил да се изгради црква во близина на паркот „Александрија“ во Петерхоф. Необичниот храм, кој потсетува на минијатурна готска катедрала, бил осветен во чест на Александар Невски. Автор на проектот бил германскиот архитект Карл Шинкел, кој ја изградил и црквата „Фридрихсвердер“ во Берлин. Подоцна и други цареви сакале да ја посетуваат оваа црква во текот на летото со своите семејства.

Храмот „Светите апостоли Петар и Павле“ во Санкт Петербург

Црквата „Светите апостоли Петар и Павле“, Санкт Петербург

Грофицата Варвара Шувалова во 1830-тите изградила готска црква на нејзиниот имот Парголово во северниот дел на Петербург во знак на сеќавање на нејзиниот покоен сопруг. Автор на проектот бил архитектот Александар Брјулов (брат на уметникот Карл Брјулов). Уникатна карактеристика на црквата е мрежестиот метален покрив со шатореста конструкција.

Николскиот храм во Можајскиот кремљ

Можајски кремљ

На почетокот на XIX век било одлучено да се изгради нов храм во древниот Кремљ во градот Можајск, западно од Москва. Проектот го подготвил архитектот Алексеј Бакарев, кој вешто ја комбинирал вообичаената руска градба на храмови со изобилство готски декоративни елементи. Храмот е осветен во чест на Николај Чудотворец, поточно во чест на иконата „Никола Можајски“, заштитникот на овој град. Се сметало дека зградата е добро осмислена, па подоцна на Бакарев му било доверено да ја обнови во готски стил и Николската кула на московскиот Кремљ.

Храмот „Св. Троица“ во Рјазанската област

Црквата „Св. Троица“

Во градот Гус-Железни, недалеку од Касимов, оружарите и индустријалци Баташови изградиле луксузен имот и црква „Св. Троица“ во псевдоготски стил. Изградбата на храмот била завршена во 1868 година и траела повеќе од 60 години поради смртта на главниот нарачател и задужбинар. Проектот повторно му се припишува на Василиј Баженов, иако постои мислење дека архитект бил Иван Гагин, локален самоук градител од Касимов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња