Светецот кого Русите најмногу го почитуваат – икони од разни периоди (ФОТОГРАФИИ)

Russia Beyond (Photo: Третјаковска галерија; Сергеј Ведјашкин/Агенција „Москва“)
Свети Никола живеел во Византија, но жителите на Стара Русија го доживувале како „свој“ најдраг светец. Денес во Русија не постои храм без негова икона.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт! 

Свети Никола бил архиепископ на византискиот град Мира Ликиска (денешна Турција) и секако спаѓа меѓу најпочитуваните светци во христијанството. Живеел кон крајот на III и почетокот на IV век. Се прославил со својот благочестив живот, извонредното познавање на Светото писмо (поради тоа често е прикажан на иконите со Библијата во раце) и големата љубов и сочувство кон луѓето. Додека бил жив направил многу чуда помагајќи им блиските: воскреснувал мртви, излекувал болни, и ги спасувал оние што умирале од глад. Благодарение на неговата добрина и благост, овој светител стана невообичаено почитуван во сите гранки на христијанството.

Во католичкиот фолклор Свети Никола е познат како Санта Клаус (Дедо Мраз), а во Русија го нарекуваат Николај Чудотворец. Жителите на стара Русија го сакале и го почитувале овој ранохристијански светец како да потекнува од нивната заедница. Луѓето се молеле нему пред другите светци да им помогне во животните неволји, да ги спаси и заштити. И Свети Никола, судејќи според сé, им помагал на оние кои страдале бидејќи неговата популарност била многу необична. Секој храм имал негова икона или фреска.

Фреска во храмот на Ферапонтовиот манастир (Дионисиј, 1502 година)

Иконописците ширум Русија работеле од XIII век на ликот на Свети Николај. Со текот на вековите, во зависност од актуелниот стил на иконопис и каноните, тој лик се менувал, како и деталите на иконите. Споредете ги двете икони подолу, една од XIV и една од XVIII век. Кај втората е очигледно влијанието на западноевропското сликарство и барокот.

Лево: Свети Николај Чудотворец со житие. Крај на XIV век. Ростов. Десно: Свети Николај Чудотворец. Втора половина на XVIII век. Москва (Третјаковска галерија).

Најстарите икони на Свети Николај честопати се придружени со сцени од неговиот живот на маргините во посебни композиции (печати). Иконописците од различни векови и региони можеле да додаваат различни настани во тие маргини околу ликот на светецот.

Свети Николај Чудотворец со сцени од житијата на светците. Маргини со композиции – прва четвртина на XVII век, композицијата во средина – 1914. (Третјаковска галерија)

Секој верник во Стара Русија задолжително имал икони на Свети Николај во својата куќа. Неговата икона стоела веднаш до оние на Христос и на Богородица. Колку многу бил почитуван свети Никола сведочи и фактот што на иконите често е прикажуван со Господ Исус Христос, Пресвета Богородица и други важни светци.

Свети Николај Чудотворец со светецот Власиј Севастиски и преподобен Никита Исповедник. 1526, Велики Новгород (Третјаковска галерија)

Ликот на Свети Никола е прикажуван и на двострани икони, на пример, со Пресвета Богородица.

Свети Николај Чудотворец. Двострана икона (на друата страна е Пресвета Богородица Одигитрија). Прва половина на XVI век.

Во руската традиција, Николај Угодник бил толку почитуван и третиран како „најроден“ светец, што не само што бил почитуван, туку дури и некои негови иконографски прикази биле почитувани и тие на некој начин имале свој живот и историјат. Истото важи и за чудата поврзани со него.

Таквите чуда се опишани во билините (руски јуначки песни) и рускиот фолклор. Првото чудесно јавување поврзано со Свети Никола се случило во Киевска Русија на крајот на XI век. Според преданието, побожни родители тргнале на аџилак и пловеле со чамец кога нивното бебе паднало во реката Днепар. Скршени од болка, несреќниците усрдно му се молеле на свети Николај Чудотворец и следното утро служителите на храмот „Св. Софија“ во Киев здогледале живо бебе пред иконата на Свети Николај. Оттогаш неговата икона е особено почитувана. На таканаречениот „Никола Мокри“ биле посветувани храмови и во Москва.

Преданието споменува и друг случај, кога во XIII век жителите на градот Можајск биле во непријателски обрач и усрдно му се молеле на свети Николај Чудотворец да ги заштити. Одеднаш неговата фигура се појавила на небото. Светецот имал строг израз на лицето, во едната рака држел меч, а во другата како да го држел градот. Непријателите се разбегале, а во Русија станала позната иконата на „Никола Можајски“. Тука тој е прикажуван во вид на дрвена скулптура со меч и можајскиот кремљ во рацете. Во Стара Русија имало голем број вакви статуи. На сликата е една од нив.

Свети Николај Чудотворец (Никола Можајски) Дрвена скулптура. Крај на XVII и почетокот на XVIII век. Устјужна (Третјаковска галерија)

Добро позната е и иконата на „Никола Великорецки“. Според преданието, кон крајот на XIV век, еден селанец на брегот на реката Велика (во близина на градот Вјатка, денешен Киров) открил икона на Свети Никола од која избивала светлина. Се покажало дека иконата е чудотворна, бидејќи еден од мештаните оздравел откако ја допрел. Тогаш луѓето од сите околни села и градови почнале да доаѓаат за да се поклонаат на оваа икона.

Великорецка икона на Свети Николај Чудотворец, XVI век (Храм „Св. Серафим“ во Киров)

Освен тоа, во многу градови луѓето сакале да имаат авторска копија на одредена икона, а иконописците секогаш додавале нешто свое. Гласот за Никола Великорецки на крајот дошол и до Иван Грозни, кој во голема мера придонел таа да стане позната.

Свети Николај Чудотворец (Никола Великорецки). Крај на XVI век, Вологда (Третјаковска галерија)

„Никола Великорецки“ е секогаш прикажуван до појас како со едната рака благословува, а во другата го држи Евангелието.

Никола Великорецки, XVI век. Веројатно Вологда (Третјаковска галерија)

Во Русија е мошне познат празникот „Никола Есенски“ е доста познат во Русија. Кај нас овој празник е познат како „Летен Свети Никола“, а тоа всушност е пренесувањето на моштите на Светиот отец Никола во градот Бари. Тоа се случило во Х век кога крстоносците го изнеле кивотот со моштите на Св. Никола од Мира Ликиска и го пренеле во Бари (денешна Италија) за да ги спасат од турските освојувачи. На многубројни икони е прикажано патувањето на кивотот со моштите и неговиот пречек во Бари.

Пренесувањето на моштите на Св. Никола од Мира Ликиска во Бари, 1847. Палех

Иконата „Никола Зарајски“ е исто така позната во Русија. Нејзе во староруската книжевност ѝ е посветен цел циклус приказни.

Постои мноштво икони со мотивот на Никола Зарајски. На тие икони светецот се прикажува како стои во полн раст, и со едната рака благословува, а во другата го држи затворено Евангелието.

Лево: Никола Зарајски. Втора половина на XVI век. Третјаковска галерија. Десно: Никола Зарајски. XVII век. Поволжје. (Колекција руски икони направена со поддршка на Фондот „Апостол Андреј Првоповикан)

Иконите на свети Николај Чудотворец заземаат посебно место во ризницата на Третјаковската галерија, и тоа не е случајно. Една верзија на Никола Зарајски е тесно поврзана со Павел Третјаков, основачот на галеријата. Тој е роден во куќа покрај храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Голутвин, каде имало нартекс посветен на Николај Чудотворец. Таму се наоѓала единствената икона на Никола Зарајски, насликана од кремљовскиот иконописец Тихон Филатјев. Специфична е по тоа во позадина суптилно се насликани контури на византиски пејзажи.

Свети Николај Чудотворец (Никола Зарајски, лево на иконата) и Свети Јован Претеча Пустински Ангел. Иконописец Тихон Филатјев, 1691.

Подоцна Павел Третјаков бил парохјанин на московскиот храм „Св. Никола“ во Толмачи и ја изградил својата галерија веднаш до него. Денес тоа е храм при Третјаковската галерија и во него се сместени важни православни икони: „Света Троица“ од Андреј Рубљов и „Владимирската икона на Пресвета Богородица“. Тука е, се разбира, и иконата на Свети Николај Чудотворец.

Музеј-храм „Св. Николај“ во Толмачи.

Изложбата „Светителот Николај Чудотворец. Икони од XIII-XIV век“се одржува во Третјаковската галерија до 28 август 2022 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња